На изложбата беа претставeни сите циклуси на Стефанов

Делата од ретроспективната изложба, насловена „Грабење во просторот“, со која Стефанов по триесет години отсуство се врати дома, остануваат во сопственост на МСУ. Со овој несебичен гест, уметникот неповратно и безусловно, по пат на подарок, ги пренесе сите права и овластувања за делата врз музејот

Еден од најзначајните македонски уметници Глигор Стефанов, кој живее во Канада, ги подари своите дела од изложбата што минатата година ја претстави во Музејот на современа уметност. Делата од ретроспективната изложба, насловена „Грабење во просторот“, со која Стефанов по триесет години отсуство се врати дома, остануваат во сопственост на музејот.

– Упатуваме голема благодарност до уметникот Глигор Стефанов за неговиот несебичен гест со кој неповратно и безусловно, по пат на подарок, ги пренесува сите права и овластувања, вклучувајќи ги и авторските права и интереси кон делата, чиј е единствен сопственик на една од најубавите изложби во Музејот на современата уметност, „Грабење во просторот“. Горди сме што колекцијата на Музејот на современата уметност е побогата за една толку значајна збирка составена од 21 ремек-дело на нашиот уметник, Глигор Стефанов – велат од МСУ по повод подарокот.

На изложбата беа претставeни сите циклуси на Стефанов, од 1981 до 2019 година. Изложени беа 11 инсталации, од кои една е долга 100 метри, како и 50 фотографии од негови поранешни инсталации, кои не може да се реплицираат оти Стефанов работи со трска, слама и други нетрајни материјали.

– Стефанов, според она што го прикажува, се потврдува како еден од најзначајните македонски уметници, чиј алтернативен однос кон скулптурата остави белези врз нашата ликовна сцена во последните четириесетина години – рекоа кураторите на изложбата.

Изложбата ги вклучува неговите зачувани или обновени објекти-летала, како и реконструкцијата на неговото капитално дело, големата триптих-инсталација „Просторен цртеж“, изведена во галеријата на Домот на младите (МКЦ), Студентскиот центар во Загреб и Студентскиот културен центар во Белград 1983/1984 година. На изложбата беа претставени и 50 фотографии од инсталации што сега не постојат, десет инсталации и една голема со наслов „Просторно гнездо“, долга околу сто метри, која ги обединува сите други инсталации, како ретроспективна презентација на сите негови циклуси: Низи, Линеарна интервенција, Летала, Ангели и Гнезда во периодот од 1981 до 2019 година.

Воведувањето теми како ангели или просторни (вселенски) гнезда било директно поврзано со неговото осознавање на христијанското сфаќање на животот и создавањето на светот.

– Бев и сѐ уште сум воодушевен од повисоките ангелски чинови: серафими, херувими и престоли. Најмногу се интересирав и истражував за серафимите, еврејски збор што значи пламен, односно се мисли на пламената, божја светлина и енергија. Честопати се инспирирав од визиите на пророците Исаја 6:2-3 и Језекиил 1:5-20. Иако овие теми навидум се поприфатливи за други медиуми како видео или филм, јас токму во нив наидов на отворен прозорец кон она кон што се стремам, она што го живеам – вели Стефанов.

Шеесет и тригодишниот Стефанов, кој во 1993 г., заедно со скулпторот Петре Николоски, беше првиот македонски претставник на Венециското биенале, е роден во Кавадарци, а дипломирал (1981) и магистрирал (1985) на Академијата за ликовни уметности во Белград, отсек вајарство. Од 1988 г. живее и работи во Лондон, а во 1995 г. се преселил во Виндзор, Канада. Остварил учество на околу 120 изложби од кои 18 самостојни, низ цела поранешна Југославија, како и во Австрија, Чешка, Словачка, Франција, Германија, Грција.