Иако Жерико во текот на подготовките скицирал голем број композиции што прикажувале различни страшни сцени на насилство, за конечната композиција го одбрал моментот кога на хоризонтот се појавила надежта

Изгледа како господинот Жерико да погрешил. Целта на сликарството е да им се обраќа на душата и на очите, а не да ги одбива“, ова било само една од критиките адресирани на монументалното дело на Теодор Жерико, „Сплавот Медуза“. Слични критики го навеле да изјави дека би било можеби подобро да се откаже од големите уметнички дела и да се врати во шталата, каде што уживал во сликање коњи. Сепак, „Сплавот Медуза“ остана како еден од најважните претставници на романтизмот и уметноста воопшто, како и едно од првите општествено ангажирани уметнички дела, стои во текстот објавен деновиве во „Национална географија“.

Фрегатата „Медуза“ била еден од четирите брода што во јуни 1816 година испловиле од француското пристаниште Рошфор кон Сенегал. Одвојувајќи се од конвојот и скршнувајќи од предвидениот курс, фрегатата „Медуза“ се заринкала на брег така што никогаш не стигнала на планираната цел. Иако изгледало дека е сосема разумно решението на ситуацијата бродот да се олесни со исфрлање 14 тешки топови, бидејќи тоа би овозможило продолжување на пловидбата, капетанот одбил да ги жртвува топовите и одлучил околу 400 патници да превезе до најблискиот брег во чамци за спасување. Бидејќи во чамците за спасување немало места за сите патници, од делови на бродот бил направен сплав на кој биле сместени преостанатите 146 патници, со идеја да ги влечат чамци.

Но по неколку километри, капетанот на „Медуза“ проценил дека сплавот премногу ги забавува и наредил да се пресечат јажињата што го влечеле. Сплавот со несреќните патници бил препуштен на непредвидливитe однесувања на океанот. Од однесувањата на океанот биле пострашни само непознатите тивки бури и лавини што се удирале во секој од патниците.Тие ќе им ја откријат непознатата страна на животинскиот нагон, соголувајќи ги комплетно, и во борбата за гол живот ќе ги натераат на страшни сцени на судири, насилство и канибализам. По седумнаесет дена жестока драма, која се одвивала на штиците на сплавот, на него случајно налетал бродот „Аргус“ и затекнал само петнаесет преживеани патници.

Теодор Жерико пристапил кон темелно истражување пред да се одлучи да ја наслика сликата посветена на вознемирувачкиот настан. Разговарал со преживеаните, барал од нив да му направат макета на сплавот во природна големина, одел по мртовечници и болници за да ги запамети бојата на кожата и изразите на лицата на луѓето на умирање… Интензивното истражување и собирање на материјалот траеле околу десет месеци. Потоа, Жерико ја избричил главата, влегол во своето ателје и не го напуштал речиси осум месеци, колку што му било потребно да го наслика седум метри долгото платно. Иако Жерико во текот на подготовките скицирал голем број композиции што прикажувале различни сцени на насилство, за конечната композиција го одбрал моментот во кој на хоризонтот се појавила надежта, односно бродот „Аргус“, кој ги спасил преживеаните.

Самата композиција на две пирамиди, едната чиј врв претставува врв на јарбол во облик на крст, а другата составена од група сложни луѓе што заедно, без разлика на бојата на кожата, се обидуваат да повикаат помош, оставила места за толкување што не ги заобиколиле ниту религиските теми, како ниту толкувањето дека се работело за личниот повик на Жерико за спасување од внатрешните психички бродоломи што гo потресувале. На сликата на надеж и слога, сѐ што останало од срамното меѓусебно насилство е содржано во речиси сокриеното крваво сечило на секирата што лежи на подот на сплавот.

Изложена во 1819 година на Парискиот салон, сликата била насловена „Сцена од бродолом“, избегнувајќи отворено да го признае главниот мотив со кој се занимава. Проблематиката на целиот инцидент не била во самата несреќа на настанот туку имала и политичка заднина, бидејќи секое споменување на инцидентот секогаш ја отворало и приказната за одговорноста на капетанот Шумаре, како и неговото поставување за капетан на бродот „Медуза“, без разлика на нестручноста, односно само поради политичката подобност. Познатиот француски историчар Жил Мишелет поради тоа, додека го набљудувал делото на Жерико, лесно препознал дека преку него Жерико се обидува да му мавта на општеството во кое живее, слично како што бродоломците на неговата слика мавтаат кон надежта на хоризонтот. Мишелет едноставно ја собрал суштината: „Целото наше општество е на сплавот ‘Медуза‘“.