Под наслов „Јас сум генерација еднаквост: остварување на женските права за еднаква иднина!“ вечерва, во киното „Фросина“, во Младинскиот културен центар, со почеток во 19 часот, ќе почне единаесеттото издание на веќе познатите „Вечери на женски права“, кои ќе траат до 12 март. И годинава тие традиционално ќе се одржат во знак на глобалната истоимена тема за одбележување на Меѓународниот ден на жената – 8 Март. По најавените обраќања на претседателот Стево Пендаровски и резидентната координаторка на ОН во земјава Росана Дуџак, ќе следуваат разговори со Ана Јовковска и нејзините соговорници Ленче Здравкин, Бојан Јовановски, Лулета Адеми и Ана Голејшка Џикова. На отворањето ќе биде прикажан и хрватскиот документарен филм „Дневникот на Дијана Будисављевиќ“ од режисерката Дана Будисављевиќ, добитник на наградата за најдобар филм и најдобра режија на Пулскиот филмски фестивал во 2019 година.

Годинешната темa за обележување на Меѓународниот ден на жената е во согласност со глобалната мултигенерациска кампања на телото на Обединетите нации за родова еднаквост и зајакнување на жените, „Генерација еднаквост“, која ја одбележува 25-годишнината од Пекиншката декларација и платформа за акција. Кампањата има цел да ги собере новите генерации активист(к)и за права на жените со застапниците за родова еднаквост и визионерките што биле клучни во креирањето на Пекиншката декларација и платформа за акција, за да се забрзаат напорите за остварување на родовата еднаквост и правата на жените и тие да станат реалност. „Генерација еднаквост“ цели кон дејствување за клучните прашања, вклучувајќи еднаква плата, еднакво споделување на неплатена грижа и домашна работа, крај на сексуалното вознемирување и сите форми на насилство врз жени и девојчиња, како и здравствени услуги што одговараат на нивните потреби, еднакво учество во економскиот и политичкиот живот и донесување одлуки во сите области на животот.

Програмата на 11-те „Вечери на женски права“ е збогатена и со две изложби, кои исто така вечерва ќе бидат отворени во Галеријата и фоајето на Младинскиот културен центар, во 19 часот. Станува збор за меѓународната ликовна изложба „Будење“, која вклучува 11 ликовни уметници од земјава и од странство (кураторка е Шќипе Мехмети), и за изложбата на студентска фотографија „Кршење на обрасците“, изработена од студентите од универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕФТА и Институтот за родови студии при Филозофскиот факултет од Скопје. Концерт, со почеток во 22 часот, ќе одржи групата „Киклоп“.