Сликите на македонскиот сликар и хуманист Живко Поповски – Цветин, завчера, на вториот ден на Божиќ, беа подарени во повеќе болници низ Македонија, и тоа во болницата „Аџибадем систина“, Битолската клиничка болница „Трифун Пановски“, Општа болница „Ферид Мурат“ во Гостивар, Болницата „Ремедика“ – Скопје, Специјалната болница за гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ во Скопје, општата болница „Борка Талески“ во Прилеп, општите болници во Струмица, Гевгелија, Велес, Куманово, Кичево, Охрид, Тетово, Струга…

Слики им беа подарени на новороденчињата, мајките и медицинскиот персонал кој и во овие отежнати услови заради пандемијата со ковид-19, се трудат на мајките и на бебињата да им обезбедат оптимални услови.

Во Прилеп, во мирноносната мисија и акција на Цветин, беше вклучен поетот Филип Димкоски кој токму на 8 јануари го посети гинеколошко-акушерското одделение во ЈЗУ Општа болница „Борка Талески“ каде подари слики од Живко Поповски – Цветин, како и книги од неговото творештво. Сликите од Цветин и книгите од Димкоски ги добија шесте родилки и нивните бебиња кои вчера и денес дојдоа на свет, а и дежурната медицинска екипа во состав: д-р Христина Мандроска, сестра Мариче Мирческа, сестра Весна Митреска и болничарката Елизабета Свеќароска.

Мајките беа пресреќни на ваквата посета, а медицинскиот персонал изрази благодарност што некој помислил на нив и ги израдува на ваков начин.

Години наназад, Цветин своите цветни подароци ги даруваше во Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство при Клиничкиот центар, како и преку Специјалната болница за гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ во Скопје.

Важно е да се спомене дека Живко Поповски – Цветин во 2003 година имаше изложба „Цвеќе на радоста, љубовта“, во Специјалната болница „Мајка Тереза“, а неколкупати потоа исто така подари свои мироносни цвеќиња за новороденчињата во оваа специјална болница. Интересно е да се спомене дека Живко Поповски има подарено слика-цвеќе за петмилјардитиот жител на Планетава што се роди во Загреб за време на одржувањето на „Универзијадата“ во 1987 год.

Во една прилика, Отец Стефан Санџаковски, покрај другото ќе напише: Маестро Поповски се интересира пред сé за она што е вечно во минливите облици на животот. Заради тоа, статичните белези на неговото сликарство се привидни. Зад него се крие еден динамизам чија природа е внатрешна. Очебиен е напорот на Маестро Поповски да ги врамнотежи духот и материјата, вечното и минливото, Бога и човекот, природата и метафизичкото.

Маестро Живко А. Поповски ја негува згусната убавина на историјата на светот, во цветот. Таа убавина е проникната од Вечната убавина, за која Достоевски бесомнежно сведочеше, дека „ќе го спаси светот“. Оттаму и сликарството на маестро Живко Поповски е иконообразно по мерата од трагањето по изгубеното рамновесие.