Фото: Владимир Путин/инстаграм

Фељтонот „Војната во Украина како предуслов за нов светски поредок и реперкусиите врз Западен Балкан“ од д-р Маја Мишковска дава еден сопствен поглед на случувањата во Украина и нивниот одраз врз светската политичка сцена, со посебен акцент на Западен Балкан. Преку опсежна анализа на украинско-руските односи, па преку одразот врз нивните сојузници, авторката на фељтонот презентира и
некои помалку познати ликови и настани од минатото, со што ја дополнува сликата на она што се случува денес во Украина, за на крајот да го насочи фокусот кон Балканскиот Регион, кој не е поштеден од последиците на актуелниот конфликт на истокот од континентот

ВОЈНАТА ВО УКРАИНА КАКО ПРЕДУСЛОВ ЗА НОВ СВЕТСКИ ПОРЕДОК И РЕПЕРКУСИИТЕ ВРЗ ЗАПАДЕН БАЛКАН (3)

На 12 јуни 2021 година, рускиот претседател Владимир Путин објави статија „За историското единство на Русите и Украинците“ во претседателската библиотека „Борис Елцин“, во која тој се осврнува на руско-украинските односи, поткопаноста, раздорот, спротивставеноста и неединството на народите.
„Најпрво, би сакал да нагласам дека ѕидот што се појави во последните години меѓу Русија и Украина, меѓу деловите на суштински истиот историски и духовен простор, според мене, е нашата голема заедничка несреќа и трагедија. Ова се, пред сè, последиците од нашите сопствени грешки направени во различни временски периоди. Но ова е и резултат на намерните напори на оние сили што секогаш се обидувале да го поткопаат нашето единство. Формулата што ја применуваат е позната од памтивек – раздели, па владеј. Тука нема ништо ново. Оттука и обидите да се игра на ’националното прашање‘ и да се сее раздор меѓу луѓето, а главна цел е да се поделат, а потоа да се спротивстават деловите на еден народ против друг.
Се сеќавам дека многу одамна, многу пред 2014 година, САД и земјите од ЕУ систематски и доследно ја туркаа Украина да ја ограничи економската соработка со Русија. Ние, како најголем трговски и економски партнер на Украина, предложивме да се разговара за новите проблеми во форматот Украина – Русија – ЕУ. Но секогаш кога ни кажуваа дека Русија нема никаква врска со тоа и дека прашањето се однесува само на ЕУ и на Украина. Де факто западните земји ги отфрлија постојаните повици на Русија за дијалог.

Чекор по чекор, Украина беше вовлечена во опасна геополитичка игра чија цел беше да ја претвори Украина во бариера меѓу Европа и Русија, отскочна штица против Русија. Неизбежно, дојде време кога концептот ’Украина не е Русија‘ повеќе не беше опција. Имаше потреба од ’антируски‘ концепт што никогаш нема да го прифатиме.
Сопствениците на овој проект ја зедоа за основа старата основа на полско-австриските идеолози за создавање ’антимосковска Русија‘. И нема потреба никој да се залажува дека тоа се прави во интерес на народот на Украина. На полско-литванскиот Комонвелт никогаш не му била потребна украинска култура, а уште помалку козачка автономија. Во Австро-Унгарија, историските руски земји беа безмилосно експлоатирани и останаа најсиромашни. На нацистите, поттикнати од соработници од ОУН-УПА, не им требаше Украина, туку простор за живеење и робови за ариевските господари.
Ниту, пак, се мислеше на интересите на украинскиот народ во февруари 2014 година. Легитимното јавно незадоволство, предизвикано од акутни социоекономски проблеми, грешки и неконзистентни постапки на тогашните власти, едноставно беше цинично искористено. Западните земји директно се мешаа во внатрешните работи на Украина и го поддржаа државниот удар. Радикалните националистички групи служеа како нејзин тепач. Нивните слогани, идеологија и бесрамна агресивна русофобија во голема мера станаа дефинирачки елементи на државната политика во Украина.
Сите работи што нѐ обединуваа и зближуваа досега беа на удар. Прво и основно, рускиот јазик. Да ве потсетам дека новите власти на ’Мајдан‘ најпрво се обидоа да го укинат Законот за државна јазична политика. Потоа беше Законот за ’прочистување на власта‘, Законот за образование, кој практично го исклучи рускиот јазик од образовниот процес“, напиша Путин.

„Специјална операција“ во Украина

Војната во Украина се третира како прва европска војна по Втората светска војна. По кубанската ракетна криза од 1962 година, која имаше цел да ја собори комунистичката влада на Фидел Кастро, војната во Украина остави десетици илјади војници мртви од двете страни и ја предизвика најголемата конфронтација меѓу Москва и Вашингтон.
Инаку, сите други војни од 1990-тите, па наваму што се одвиваа на просторите на бившите југословенски републики се сметаат за локални војни. Војната во Украина се чини може да има уште поголеми импликации во Европа, особено во источноевропските земји што беа дел од Варшавскиот пакт. По автоматизам, тие, по распаѓањето на Советскиот Сојуз стекнаа независност што доведе до создавање нови држави на европските простори. Верижно ситуацијата на создавање нови држави се случи и со распаѓањето на бившата југословенска држава во шест независни држави. Голем дел од овие држави веќе од 2004 година, па наваму етапно им се приклучија на евроатланските процеси, при што голем дел од нив станаа членки на НАТО.
Во меѓувреме, војната во Украина од ден на ден зема сѐ поголем замав и постои стравување дека може да ескалира и пошироко во соседството, дотолку повеќе што Путин ги промени стратегијата и целите во „специјалната операција“ во Украина и повика на употреба на тактичко нуклеарно оружје во обидот да му се спротивстави на НАТО.
Тактичкото нуклеарно оружје што го најавува Путин е дизајнирано за употреба на бојното поле – на пример, за да се спротивстави на огромните конвенционални сили, како што се големите формации на пешадија и оклоп. Тие се послаби од стратегиските нуклеарни оружја, како што се боеви глави што се носат со интерконтинентални балистички ракети. Руското тактичко нуклеарно оружје може да се распореди на бродови, авиони и копнени сили. Проектилите, пак, најчесто се чуваат во резерва во централните магацини, а Русија ги ажурираше своите системи за лансирање за да може да носи или нуклеарни или конвенционални бомби. Системите за испорака на тактичко нуклеарно оружје, имаат помал дострел, обично под 500 километри во споредба со стратегиското нуклеарно оружје, кое обично е дизајнирано за трансконтинентална испорака.
Од друга страна, по украинската револуција во 2014 година и анексијата на Крим, НАТО помогна да се реформираат вооружените сили и спроведе низа активности во преуредувањето на одбранбените институции на Украина, вклучувајќи и со современа воена опрема и финансиска поддршка. Истовремено, сојузниците обезбедија и обука за десетици илјади украински војници.

Д-р Маја Мишковска

(Продолжува)