Се покажа дека во досегашните изборни циклуси, политичката култура на учесниците во изборите најчесто е на ниско ниво. Крајно време е тие да прифатат и да применат политички вештини за настап на избори засновани на научни теории, стратегии, тактики и техники, кои се сообразени со позитивната пракса на европската и светската демократија и традиција (вистински политички и социјален маркетинг, партиско брендирање и персонално брендирање)
Македонски состојби: Глобали и детали за изборната вртоглавица (3)
(Homo politicus наспроти Homo transitionis)
Фељтонот во девет продолженија „Македонски состојби: Детали и глобали за изборната вртоглавица (Homo politicus наспроти Homo transitionis)“, од авторот Сотир Костов, на читателите им нуди сестрана анализа на појавите, процесите и односите во нашата држава и општество во целост, давајќи одговори на повеќе провокативни прашања: има ли демократија во политичките партии, зошто немаме демократска политичка култура, за аномичното општество и дали нашето општество е „едно општество за сите“, за алката/условот што недостига за владеењето на правото…
Треба да ги анализираме главните причини за лошите состојби во македонскиот плурален систем и демократијата во него. Најконкретно, неопходно е да се посочи коренот на заболувањето на демократијата, т.е. да се скенира „изместениот зглоб“ на македонската демократија. Тоа е несоодветната политичка култура на политичките актери во Македонија.
Се покажа дека во досегашните изборни циклуси, политичката култура на учесниците во изборите најчесто е на ниско ниво. Крајно време е тие да прифатат и да применат политички вештини за настап на избори засновани на научни теории, стратегии, тактики и техники, кои се сообразени со позитивната пракса на европската и светската демократија и традиција (вистински политички и социјален маркетинг, партиско брендирање и персонално брендирање). Најконкретно, треба да се примени вистински политички и социјален маркетинг за привлекување на избирачите и освојување на нивниот глас. Тоа е вистинскиот начин да се вратат дигнитетот и суверенитетот на граѓанинот избирач, не само во формална и инструментална смисла туку и во вистинска, суштинска смисла. На граѓаните треба да им биде овозможено слободно и без влијание од никого да го „троши“ својот глас. За таква слобода е потребно граѓанинот од Република Македонија да не биде уценуван, загрозен и исплашен за своето учество или неучество на изборите, за што е потребно со него да не се постапува како поданик.
Продолжуваме со следните констатации на анализата.
11. Слабеење на чувството на идентификација со партиите, како на членовите така и на симпатизерите и гласачите (ова најмногу се однесува на СДСМ, Алијанса на Албанците и ДУИ, а во последните месец-два и на Левица, која во моментот ги преживува „детските болести“ на партиското, организирање, функционирање и настапување). Сѐ повеќе се присутни чувства на оддалеченост кон политиките на партиите. Кога оддалеченоста ќе биде придружена и со забележлив неуспех во изборната трка, тогаш таа се развива и во чувство на отуѓување и недоверба. Краен резултат на сето ова се маргинализирани членови на партијата и запоставени гласачи и неводење грижа за нивните проблеми и отсуство на понуди за ефикасно решавање на истите тие.
12. Сѐ почести се исклучувањата или напуштањата на членови од партиите, како резултат на разочараност, фрустрации или грешки. Од тој аспект партиите се во длабока криза и се повеќебројни и почести се барањата за голем број промени: организациски, феноменолошки, функционални, од една страна. Но и промени во нивните интеракции и врски со државата и разновидните интересни групи од цивилното општество, според димензии, опсег и тежина.
13. Партиите, поконкретно најголем број од нив, ја изгубија својата легитимност кај три вида гласачи: независните гласачи, гласачите со помал интерес за политиката и гласачи со помало познавање на политиката. Тие пред овие сегменти од избирачкото тело се дискредитирани, така што тие веќе не се нивни сојузници.
14. По сѐ, политичките партии во Македонија, веќе не се доволно ефикасни главни посредници помеѓу гласачите и нивните интереси, од една страна, и институциите за донесување одлуки, од друга страна. Во голема мера се затнати каналите на политичка интеракција помеѓу „цивилното општество“, кое е во криза, и „државата“, која исто така минува низ институционална криза.
15. Имаме статус кво на нецелосно отфрлената политичка култура од минатиот едноумен систем и докрај неизградената демократска политичка култура својствена на плуралистичките општества. Како да нѐ стигна „проклетството“ на германскиот политолог и социолог Ралф Дарендорф дека „земјите од Источна Европа ја променија власта за шест дена, законите за шест месеци, институциите за шест години, но за промена на начинот на размислување и однесување на нивните граѓани ќе им требаат шеесет години“. Кај нас недоволно се респектираат демократските поими и институции од типот на изборен натпревар, плурализам, партиципација на граѓаните, демократски дијалог, демократски консензус, толеранција и разбирање, слобода на мисла и говор, слобода и независност на медиуми, почитување на човекови права и сл. Замислете, ние сме само на половина пат до освојување и на тој посакуван идеал или потребна и неопходна демократска матрица. Сѐ уште не сме дефинирале дали сме општество во промени, општество во транзиција, постсоцијалистичко општество или демократско општество во зародок („во пелени“).
16. На нашето демократско општество и до ден-денес му недостигаат следните детални проучувања: систематско проучување на структурните и институционалните аспекти на постојните политички партии; социјалните и политичките расцепи и интеракцијата помеѓу партискиот систем и гласачкото расположение; позициските и ставовски димензии на партиите и на траекторијата на движење на граѓанската култура во Македонија; и аналитичка типологија и класификација на партиите што го сочинуваат партиско-политичкиот спектар во Македонија. Откако сето ова ќе биде детектирано и проучено, постојат шанси демократијата во Македонија конечно да се ослободи од „детските болести“, кои не ѝ дозволуваат вистинско демократско полнолетство и по 34 години практикување демократија.
17. Најзагрижувачки од сѐ е што македонското општество, преку штетна изборна аномија, поприми карактеристики на аномично општество (anomos – беззаконие). Отсуството на нови демократски норми, пропаѓањето на вредносниот систем, конфузијата и судирот на деструктивното однесување на политичките и економски субјекти со постојните законски норми се наше непосредно, актуелно и акутно однесување веќе подолго време.
Аномичната свест на овие субјекти, таа несвест и несвесност, се агрегат на ментални и психички својства (на политичарите и бизнисмените), која во своето конкретно пројавување, ја храни општествената аномија. Законите не се спроведуваат, институциите не функционираат. Изгубена е границата помеѓу она што е дозволено и она што не е дозволено. Со години царуваат неодговорноста и неснаоѓањето во новите услови, стандарди и норми. Тоа, пак, доведе до дезориентација и деморализација.
Изострената политичка (партиска) борба е доведена до апсурди, партизацијата на институциите веќе е до состојба на нивна функционална парализа, што е состојба и на еднонасочно дејствување и запаѓање во своевидна патологија. Политичките субјекти на власт зборуваат за демократија, а прават злоупотреби што ги уназадуваат демократските процеси и односи. Се фалат дека се чесни, а извршуваат грабежи. Се претставуваат како големи борци за правда, а нанесуваат неправди. Токму таа патологија е аномијата – изразена како непотизам, корупција и организиран криминал, штетни појави што го направија општеството болно и канцерогено, а како такво и бесрамно општество. Битката против овие „црвојадини“ на македонската демократија можеме да ја добиеме само со нова културолошка парадигма, а тоа е нова и соодветна на демократијата политичка култура.
Политичката култура е родното место на политичките навики и дејствувања на луѓето во политиката. Во најголем дел таа се врзува за одредени ставови, кои се формираат на групно и корективно ниво. Ставовите се однесуваат на политичките појави и политичкиот систем на конкретна општествена заедница. Ваквиот концепт на политичка култура е директно поврзан во политичката заедница во која се формираат и дејствуваат различни групи на ставови и емоции во врска со политичките појави. Исто така, се работи за различни нивоа на политички ангажмани и дејствувања, во конкретни политички контексти, а во врска со најразлични политички феномени.
Политичката култура, со своите вкрстени теми, методи, модели и модалитети, ја изучуваат политикологијата, антропологијата, социологијата, психологијата. Политичката култура е еден вид дистрибуција на знаење, однесување, чувства и вредности на граѓаните и политичките актери во однос на политичкиот систем во целина. Станува збор за инпутите и влезните влијанија на политичкиот систем, за неговите аутпути, односно излезните решенија (политики мерки, одлуки) и улогата на граѓаните во политичките процеси и односи. Есенцијалното ткиво на политичката култура го сочинуваат слободата, демократијата, владеењето на правото, одговорното однесување на политичките актери, како чинители што ја овозможуваат стабилноста на демократијата, во конкретниот политички систем. Ако елитата треба да биде одговорна, тогаш од граѓаните се бара да бидат активни, вклучени и влијателни во политиката. Ако елитата треба да биде моќна и авторитативна, тогаш граѓанинот треба да биде пасивен, неактивен и послушен пред елитите. Рамката на една идна политичка култура, во која ќе преовладуваат ставовите и вредностите на граѓаните треба да биде исполнета со следната содржина: активен, информиран, образован во духот на граѓанската култура граѓанин, пред кој носителите на политичката власт одговараат; за такво нешто ние имаме политичка демократска рамка (устав и закони) што опфаќа: повеќепартиски натпревар за власт, слободни избори, слобода на печатот, гарантирани слободи и права на граѓанинот, поделба на власта, правила што утврдуваат одговорност на избраните пред избирачите и слично.
Сотир Костов
(продолжува)