Јазикот не е ниту српски ниту бугарски

Македонизмот во илинденската епоха низ факти (1893- 1909) (4)

Пишува проф. д-р Михајло Миновски

Во периодот што го обработуваме мошне беа активни руските, австриските, британските, српските и претставници на други земји што беа заинтересирани за Балканот и за настаните во Македонија. Низ нивните телеграми, извештаи и други дописки може да се согледаат состојбите што говорат за посебноста на македонската национална свест и за посебноста на македонскиот јазик.
Лермонтов, руски претставник во Софија, по тајната средба со Дамјан Груев „во приватна куќа“, во 1905 година, изјавува: „Според зборовите на Груев, Внатрешната македонска организација дејствува целосно самостојно. Поставувајќи ја девизата ‘Македонија на Македонците’, не само што не зависи од бугарската влада туку речиси непријателски се однесува кон неа, не сакајќи за ништо судбината на Македонија да ја потчини на интересите на кнежеството“.
few
Каљ, Виктор (руски конзул во Битола): „Месниот јазик (во битолскиот вилает) е толку типичен, карактеристичен и своеобразен, имено поради различните влијанија на кои е подложен и примесите на народните зборови влезени во неговиот состав, што заслужува меѓу славјанските јазици да биде одделен со самостојно именување македонско наречје“. „На 18-ти овој месец (август 1908) дојдоа во Битола бугарските чети што се предадоа од сите ‘околии’, на чело со нивните војводи. Војската, офицерите, граѓанските власти и населението во градот им излегоа во пресрет и свечено ги поздравија, како херои. Напред носеа грамадно црно знаме, со изобразен череп и коски со натпис ‘На паднатите борци за слободата’. Кон знамето беше придадена фотографијата на бившиот главен началник на Внатрешната македонска организација – Дамјан Груев. Следуваа вооружени чети од сите реони, секоја со свое знаме.

Бидејќи не бев во состојба да дознаам ни од генералниот гувернер (инспектор), ни од офицерите младотурци колку приближно четници се имаат предадено (легализирано), јас се обратив до началникот на организацијата на Битолскиот округ, Милан Матов, кој одеше напред. Ми кажа 170 души четници, 20 околиски и реонски војводи, 50 души од народната милиција. На прашањето: Сите тие ли се Бугари?, тој ми одговори: ‘Меѓу нас нема Бугари, има само двајца дојдени од Бугарија, сиве ние сме Македонци’. Овој одговор е многу карактеристичен“.

Рапапорт, Алфред (заменик на австроунгарскиот цивилен претставник): „Ако се има предвид дека голем број од населението сѐ уште е под влијание на некоја, преку црквата, наметната народност, стекнувајќи го полека сознанието оти онаа народност чиј јазик го зборува е всушност неговата народност, тогаш може aприори да се смета дека во понатамошниот тек на реформата би можело да дојде до немали поместувања во политичкото значење на рамнотежата на овие елементи“.

Орлов, А. (руски претставник): „За петте години на мојот престој во Македонија и во Стара Србија, врз основа на личните разговори со претставниците на разните народности што ги населуваат и изучувањето на литературата за тоа прашање, дојдов до следниов заклучок: јазикот од македонското славјанско наречје има неколку дијалекти блиски кон бугарскиот и кон српскиот јазик. Меѓутоа, да зборуваат на него не можат ниту Србите од Србија, ниту Бугарите од Бугарија. Српскиот генерален конзул во Скопје, г. Балугџиќ, се разбираше со некои жители на гр. Штип што себеси се нарекуваа Срби, со преведувач“.

Интересно е гледањето на Стојан Новаковиќ, познат дипломат и идеолог на српското национално прашање, кој во 1902 година бил српски амбасадор во Петроград. „Македонскиот сепаратизам, според нивната (на членовите на македонското научно литературно друштво „Св. Климент“ Петроград) теорија, би се стремел за посебно политичко и културно организирање на Македонија, независно од културниот и политички центар во Софија и во Белград. Во случај Македонија да добие некакви автономни права, тие мислат дека со нив треба да оди и отцепување на црквата од бугарската егзархија во Цариград, со организирање посебна црковна управа, и издигнување на македонскиот дијалект во државна и литературна употреба со фонетски правопис… Врз тие три основи, врз засебната црква, врз засебниот јазик и врз засебната автономна организација, би требало да се засновува, според нивната мисла, идната автономна организација на Македонците“.
Во продолжение да цитираме и неколку бугарски политичари, интелектуалци, дипломати, воени и други лица.

Начович, Григор, бугарски дипломатски претставник во Цариград, во1903 година, во Мемоар за смирување на заострувањето на бугарско- турските односи, пишува: „Македонците се стремат кон слободен живот, одделен од Бугарите и кнежеството. Како што ние станавме против Русите и сме против нивните завојувачки планови, така и Македонците се против Санстефанска Бугарија. Тие сакаат да образуваат одделна област од кнежеството, тие сакаат македонска автономија. Каква полза ќе има Портата од војна со Бугарија? Македонците и по војната пак си остануваат Македонци. И по војната тие пак ќе продолжат со своите атентати во вилаетите со уште поголема сила. Дури и да допуштиме дека господството на султанот ќе се поврати засекогаш до Дунав, Македонците пак ќе ги креваат своите востанија… Дали не е подобро да ги задоволите Македонците? Направете реформи, дајте им една татковина, а тие тогаш ќе се оддалечат од Австрија и ќе станат ваши и наши пријатели, добри патриоти, готови да ја пролеат својата крв против Австрија, дури и против Бугарија“.

Шишманов, Иван (бугарски министер): „Македонија ако стане автономна, по десет години таму нема да постојат ниту Бугари, ниту Срби, ниту Грци, ќе постојат само Македонци. Тие ќе имаат многу заеднички политички интереси, особено економски, што треба да ги создадат со својата неуморна работа, ако сакаат да бидат независни од државите што се понапредни од нив… Значи, Македонија ќе биде независна и Македонците ќе останат Македонци. Европа ако го мисли спротивното, таа греши, ако Бугарија смета на бугаризација на Македонците, тоа се илузии“.

Тошев, Андреј (бугарски трговски претставник во Битола, до претседателот на владата и министер за надворешни работи Рачо Петров 1904): „Состојбата (востание) се разликува главно во тоа што сегашната епоха на прогрес и светлина, идејата за слобода е подлабоко вкоренета во масата на поробените Македонци. Благодарение, особено на ланското (Илинденското) востание, спасителниот зрак на слободата осветли и проникна така добро во сите слоеви на тукашното население, така што враќањето веќе не е можно… Не треба се испушти од предвид и силното влијание што го вршеа и го вршат ослободените соседни народи на Македонецот, готов со својата крв да ја плати својата слобода“.

Делирадев, Павел, 1908, август: „Бугарската државна политика е за осудување престапна спрема македонскиот елемент… Во 1895 година Бугарија, за да го зацврсти престолот на кнезот (врховистичка четничка оружена диверзија), коешто беше упропастувачко за македонскиот народ; цели села беа претворени во пепелишта… Ние треба да направиме сојуз со Турците (младотурците), но не и со неа. Од Бугарија да очекуваме зло, но корист никогаш“.

(продолжува)