Пожарот што во понеделникот попладне избувна во атарот на прилепското село Чаниште, во прилепскиот дел од Мариово, сѐ уште е активен, но во моментов не претставува директна опасност за населените места, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов.
Во видео изјава, Ангелов посочи дека пред селото Крушевица е поставена одбранбена линија и дека во моментов нема активен крак на пожарот што се движи кон селото.
– Пожарот сѐ уште е активен, но во овој момент не го загрозува селото Чаниште, ниту пак загрозува друго село – изјави Ангелов.
Тој додаде дека во текот на ноќта огнената линија била пресечена на неколку места, а дополнително се преземаат мерки за спречување на ширењето на огнот.
Сепак, Ангелов предупреди дека ситуацијата може да се промени во зависност од условите на теренот и развојот на пожарот.
На делот од пожарот кај Чаниште и Крушевица интервенираат прилепски пожарникари, заедно со специјалните тимови на ДЗС.
Ангажирани се и огнените тимови со четири пинцгауери, како и повеќе тимови составени од доброволни пожарникари од Битола, Кочани и Виница.
Според Ангелов, голем дел од огнените краци се пресечени, со што значително е намалена непрекинатата линија на горење.
Во гаснењето учествувал и полициски хеликоптер, кој интервенирал на делови од сртот каде што теренот не дозволувал пристап со специјализираните возила.
– Генерално состојбата е стабилна, што не значи дека не може да се влоши во било кој момент – нагласи Ангелов.
На другата страна на пожарот, кај битолското село Орле, активен е еден крак со кој се борат битолските пожарникари.
На терен е ангажиран и тежок булдожер кој изработува противпожарен пресек со цел да се спречи понатамошното ширење на огнот.
Дирекцијата има ангажирано и три ер-трактори, за кои Ангелов очекува да помогнат во прекинувањето на една од активните линии на пожарот.
Ангелов информираше дека досега се одбранети неколку манастири, трла и еден пчеларник.
Во Чаниште, според досегашните информации, нема изгорено куќа во која живеат луѓе. Огнот зафатил повеќе стари и напуштени објекти, а дополнително се проверува дали има оштетени објекти кои повремено се користеле како викендички.
Општина Прилеп обезбедува логистичка поддршка за сите сили ангажирани во гаснењето на пожарот.
Ангелов најави дека гаснењето ќе продолжи и во текот на утрешниот ден, со приоритетна цел целосна заштита на сите населени места во погодениот регион.
Тој упати и апел до сопствениците на куќи и викендички во полунапуштените села да ги изораат или ископаат дворовите и да создадат земјен заштитен појас без вегетација.
„Земјата не гори“, порача Ангелов, посочувајќи дека ваквите појаси можат да помогнат во спречувањето на ширењето на огнот кон објектите.


































