САД наидоа на силни критики од 14 други земји членки на Советот за безбедност (СБ) на Обединтетите нации (ОН) поради одлуката да го признаат израелскиот суверенитет над Голанската Висорамнина, поради тоа што тоа претставува кршење на резолуцијата на највисиокото извршно тело на оваа светска организација.

Говорниците на советот, еден по еден, на седницата на ОН го поддржале суверенитетот на Сирија над Голанската Висорамнина, јавува „Асошиејтед прес“ (АП). Во исто време, говорниците ја критикуваа и претходната анексија на Голанската Висорамнина и одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да го признае суверенитетот на Израел над таа област.

– Оваа еднострана одлука не помага во изнаоѓање на долготрајно и мирољубиво решенија за конфликтот на Блискиот Исток – рече вчера амбасадорот на Јужна Африка, Џери Матџила.

Матџила, заедно со другите говорници, укажа на резолуцијата со која Израел се повикува да ја заврши окупацијата на Голанската Висорамина. Меѓу овие резолуции е и онаа од декември 1981 година со која израелската анексија на оваа стратешки важна област се прогласува за ништовна и без правен ефект, пренесува АП.

Русија, која е најблизок сојузник на Сирија, ги повика владите и понатаму да ја сметаат Голанската Висорамнина за територија која е под окупација на Израел.

– Ако некој е во искушение да го следи овој лош пример, го повикуваме да се воздржи од оваа агресивна ревизија на меѓународното право – истакна заменикот на рускиот амбасадор Владимир Сафроников.

Германскиот амбасадор Кристоф Хојсген и британската амбасадорка Керен Пирс, според информациите од АП, го искористиле овој состанок да ја критикуваат владата на претседателот на Сирија Башар Асад поради бомбардирањето на цивили, употреба на хемиско оружје и кршење на човековите права за време на осумгодишниот судир.

Американскиот политички координатор Родни Хантер рече дека УНДОРФ, мировните сили кои се распоредени на Голанската Висорамнина чиј мандат истекува на 30 јуни имаа „клучна улога во заувувањето на стабилноста меѓу Израел и Сирија“.

Хантер дополни дека признавањето на САД на израелскиот суверентитет на Голанската Висорамнина не влијае на договорот за прекин на војната од 1974 година и дека на ниту еден начин не се загрозува мандатот на УНДОРФ.

Сирија во писмото со кое побара состанок на Советот за безбедност, го окарактеризира САД како „неподнослив прекршител“ на резолуциите на СБ, а Северна Кореја издаде соопштение во кое ги поддржува „напорите на сириската Влада и народот да ја вратат окупираната Голанска Висорамнина“.

Претседателот на САД, Доналд Трамп во понеделникот потпиша декрет со кој го призна израелскиот суверенитет над Голанската Висорамнина.

Русија и Сирија, како и клучните европски држави, како што се Германија и Франција, изразија противење на таквиот едностран акт.