Фото: Инстаграм/Тина Тарнер

Светот се збогува со една од најголемите поп-рок икони во светот на музиката. Личноста со која растеа и музички се „описменуваа“ милиони луѓе на планетава, кралицата на рокенролот, едната и единствена Тина Тарнер, по долго боледување и борба со тешката болест, вчера почина во својот семеен дом во Куснахт, Швајцарија.

Тарнер е родена како Ана Меј Булок на 26 ноември 1939 година и израснала во Натбуш, Тенеси. Често во интервјуата спомнуваше дека како дете берела памук со своето семејство. Ана Меј пееше во малиот градски црковен хор и уште како тинејџерка „го испеа“ својот пат до бендот на Ајк Тарнер во Сент Луис – тој првично го беше одбил нејзиното барање, а потоа ја слушна откако го зграпчи микрофонот за време на настапот на „Кингс оф ритм“, изведувајќи ја „Ти знаеш те сакам“ од ББ Кинг и – знаеше дека мора да ја има.

Откако нејзините вокални способности и талент станаа очигледни за сите што ќе ја чуеја, Ајк ѝ го даде името Тина Тарнер – заштитувајќи го како бренд, во случај таа да го остави и да сака да ја замени во своите настапи. Тој брзо почна да ја злоставува, а кога младата пејачка се обиде да ја напушти групата, сфаќајќи дека тој има насилен карактер, Ајк ја удира со дрвена носилка за чевли. Сепак се венчаа и станаа редовни лидери на топ листите и добитници на Греми во 1970-тите – серија што заврши во 1976 година, кога Тина конечно го напушти Ајк, кој бил постојано насилен и ја изневерувал. Од разводот- финализиран во 1978 година – Тарнер излегува со само два автомобили и правата на користење на своето уметничко име, пишува „Гардијан“.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Tina Turner (@tinaturner)

-Мојата врска со Ајк беше осудена на пропаст денот кога тој сфати дека ќе му бидам заработувач на пари. Тој имаше потреба да ме контролира, економски и психолошки, за никогаш да не можам да го оставам – напиша Тарнер во нејзината автобиографија „Мојата љубовна приказна“ од 2018 година.

По неколку неуспешни обиди, благодарејќи на албумот „Приватна танчарка“ (1984) таа се крена до ѕвездите и стана најслушаната поп-икона на 1980-тите. А потоа се одеше во нејзин прилог. Нејзините песни кружеа низ планетата, која од која поголем хит. Премногу се, ќе спомнеме само некои: „Едноставно најдобар“, „Каква врска има љубовта со тоа“, „Тоа е само љубов“, „Гордата Мери“, „Не ни треба друг херој“ – низата содржи уште бројни други музички бисери.

Надвор од музиката, таа глумеше во „Лудиот Макс“ заедно со Мел Гибсон во 1985 година. Следната година ги објави своите први мемоари, глобалниот бестселер „Јас, Тина“, кој подоцна беше адаптиран во филмската екранизација од 1993 година „Каква врска има љубовта со тоа?“, во која пејачката беше маестрално одглумена од Анџела Бесет. Во 1995 година, Тарнер ја отпеа насловната музичка тема на филмот за Џејмс Бонд „Златното око“.

Своето пензионирање го објави во 2000 година, една година по објавувањето на нејзиниот последен соло албум, „24/7“, иако ќе се врати уште еднаш на сцената во 2008 година, настапувајќи на Греми наградите заедно со Бијонсе и на својата последна турнеја, посветена на 50 години од нејзината кариера. Тука беше крајот на животот на сцена.

-Едноставно се уморив да пеам и да ги правам сите среќни. Тоа е сè што сум правела во животот – изјави поп-иконата за „Њујорк Тајмс“ во 2019 година.

Ниту приватниот живот на дивата не беше поштеден од бури и непогоди. Сепак, во 1985 година таа ја запозна љубовта на нејзиниот живот – Ервин Бах, музички продуцент и поранешен директор на ЕМИ, кој беше помлад од неа 16 години. Со него ги најде толку потребниот душевен мир и чувството дека некој вистински ве сака. Двојката живееше на својот простран имот на Циришкото езеро, пишува „Скај њус“.

Гостувајќи во шоуто на Опра Винфри, таа ѝ откри на славната водителка дека тоа било љубов на прв поглед.

-Тој го имаше најубавото лице. Не можеше да го пропуштиш. Како да се прашуваш: Од каде дојде? Беше навистина толку убав. Срцето ми тропаше како тапан, тоа беше знак дека душите се сретнале. Рацете ми се тресеа – ѝ раскажа таа на Опра.

Тарнер имаше четири деца, од кои двете беа посвоени од првиот брак со Ајк. Нејзиниот најстар син Крег Рејмонд Тарнер, кој го доби кога имаше 18 години, изврши самоубиство пред пет години. Пејачката рече дека расфрлањето на неговата пепел во морето кај Калифорнија бил нејзиниот „најтажен момент како мајка“.

Таа на Твитер напиша: „Имаше 59 години кога почина толку трагично, но тој секогаш ќе биде мое бебе“.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Tina Turner (@tinaturner)

Во 2022 година трагедијата повторно тропна на нејзината врата, кога и нејзиниот втор син Рони почина од рак. Нејзиниот бурен живот е опишан во три мемоари, еден биографски филм, мјузикл и најпосле во 2021 година, во познатиот документарен филм „Тина“.

Светот го потресе веста за нејзината смрт, а меѓу првите кои ѝ оддадоа почит беа американскиот претседател Џо Бајден, Мик Џегер, Елтон Џон, Дијана Рос, Бет Мидлер, Род Стјуарт и Џорџо Армани.

-Таа беше навистина енормно талентиран изведувач и пејачка. Беше инспиративна, топла, смешна и дарежлива. Таа ми помогна толку многу кога бев млад и никогаш нема да ја заборавам- рече фронтменот на Ролинг Стоунс, Мик Џегер.

Сер Елтон Џон објави заедничка слика со Тарнер и рече дека таа е „недопирлива“ и „комплетна легенда – приватно и на сцената“.

-Изгубивме една од највозбудливите и најексплозивни светски изведувачки. Комплетна легенда – приватно и на сцената. Таа беше недопирлива – напиша Елтон Џон за својата сакана колешка.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Elton John (@eltonjohn)

Бијонсе на својата веб-страница ја нарече Тарнер „мојата сакана кралица“.

-Те сакам бескрајно. Многу сум благодарна за инспирацијата која ми ја даде.Ти си сила и издржливост, олицетворение на моќта и страста. Сите ние сме толку среќни што сме сведоци на твојата добрина и прекрасен дух што ќе останат засекогаш.
Ти благодарам за се што направи – напиша Бијонсе.

Опра Винфри на Инстаграм напиша дека Тарнер беше „вистинска пријателка“ и „наша вечна божица на рокенролот, која поседувала огромна внатрешна сила, нешто што растело во текот на целиот нејзин живот.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Oprah (@oprah)

-Откако се ослободи од долгогодишното семејно малтретирање, нејзиниот живот стана симбол за триумф. Благодарна сум за нејзината храброст и затоа што ни покажа како изгледа победата облечена во чевли Маноло и кожено мини здолниште.
Таа еднаш сподели со мене дека кога ќе дојде време да ја напушти оваа земја, нема да се плаши, туку ќе биде возбудена и љубопитна, затоа што научила како да живее, опкружена со својот сакан сопруг Ервин и пријателите. Јас сум подобра жена, подобар човек, бидејќи нејзиниот живот го допре мојот. Таа навистина беше најдобра – заклучи Винфри.

Американскиот претседател Џо Бајден Бајден ѝ одаде почит на „извонредната лична сила“ на пејачката и рече дека таа „засекогаш ја променила американската музика“.

-Пред да биде кралица на рокенролот, Тина Тарнер беше ќерка на фармер во Тенеси. Покрај тоа што беше талент кој се појавува еднаш во генерација и засекогаш ја промени американската музика, личната сила на Тина беше извонредна. Надминувајќи ги сите неволји, па дури и физичкото малтретирање, таа изгради кариера која ќе трае со векови и живот и наследство кои беа целосно нејзини – изјави Бајден.

Нејзиниот бурен живот е опишан во три мемоари, еден биографски филм, мјузикл и најпосле во 2021 година, во многу гледаниот документарен филм „Тина“.

За сите нас, пејачката што ја пишуваше поп-историјата ќе остане вечниот факел на музичкиот Олимп, кој ќе продолжи да осветлува многу идни генерации со својата оригинална, безгранична светлина. Збогум, кралице Тина.

Подготви: Валбурга Батева Николоска