Фото: ЕПА

Откриени клучни точки од мировниот план на Трамп за Украина

Во интервју за „Шоуто на Шон Рајан“, републиканскиот кандидат за потпретседател на САД, Џеј-Ди Венс, во име на Доналд Трамп ги појасни деталите за мировниот предлог, истакнувајќи дека сегашната демаркациона линија меѓу Русија и Украина може да стане демилитаризирана зона

Формирање демилитаризирана зона меѓу Украина и Русија и неутрален статус на Украина се клучните точки од планот на претседателскиот кандидат на американската Републиканска партија, Доналд Трамп, за мирно решавање на украинската криза, како што откри неговиот најблизок политички соработник Џеј-Ди Венс, пренесуваат светските медиуми.
Во интервју за „Шоуто на Шон Рајан“, Венс ги појасни деталите за овој предлог, истакнувајќи дека сегашната демаркациона линија меѓу двете земји може да стане демилитаризирана зона.
– Украина ќе го задржи својот суверенитет, додека Русија ќе добие гаранции за неутралноста на Украина – рече Венс, нагласувајќи дека тоа значи дека Украина нема да стане членка на НАТО или други воени сојузи.

Меѓусебните гаранции клучни за решавање на конфликтот

Во своите изјави Трамп често ја нагласува потребата од итен прекин на војната во Украина, истакнувајќи дека има искуство и способност да постигне договор меѓу конфликтните страни. Според него, клучот за решението лежи во преговорите и компромисите што ќе им овозможат на Украина и на Русија да излезат од конфликтот со одредени гаранции. Републиканскиот кандидат за потпретседател на САД, Венс, кој зборуваше во име на Трамп, нагласи дека мирот може да се постигне побрзо отколку што многумина очекуваат, но останува прашањето дали предложениот план ќе биде прифатлив за двете страни во конфликтот и за меѓународната заедница.

Сепак, останува да се види дали Трамп, доколку победи во претседателската трка, ќе успее да го реализира овој амбициозен план за решавање на еден од најсложените конфликти на денешницата.

Планот цели на намалување на тензиите меѓу Русија и Западот

Според Венс, планот на Трамп има цел не само да го зачува украинскиот суверенитет туку и да обезбеди неутралност за намалување на тензиите меѓу Русија и Западот.
Венс додаде дека меѓународната заедница, вклучувајќи ги и Германија и другите европски земји, треба да ја преземе одговорноста за финансирање на постконфликтната обнова на Украина. Тоа би создало услови за долгорочен мир и стабилност во регионот.

Претходно Трамп во повеќе наврати вети брзо решавање на украинскиот конфликт доколку биде избран за претседател. Тој постојано изјавува дека доколку победи на претседателските избори во ноември, би можел да стави крај на воената криза пред неговата инаугурација, која е закажана за 20 јануари в година. Р.С.


Трамп: На САД не им е потребен воен конфликт со Русија

На САД не им треба воен конфликт со Русија и секој глас за неговата противкандидатка Камала Харис е глас за војна со Москва, изјави поранешниот американски претседател и републикански кандидат за шеф на државата Доналд Трамп на предизборен митинг во Лас Вегас и на неговата „Социјалната мрежа за вистина“. Тој предупреди и дека „гласањето за Харис е поддршка за враќање на воениот рок во САД“.
– Со гласањето за Камала Харис, вие гласате за војна со Русија. Дали некој сака војна со Русија? Ќе го сториме тоа доколку е потребно, но препорачливо е да се спречи тоа. Гласот за мене е глас за просперитет и мир – порача Трамп. Р.С.