Фото: Министерство за одбрана на Украина / Фејсбук

Руските сили синоќа ги засилија нападите врз Украина, особено на истокот на земјата. Во текот на ноќта три региони биле особено силно гранатирани – Харков, Донецк и Луганск, наведуваат украински извори.

Освен тоа, Русите рано утринава нападнаа фабрика за оклопни возила во предградието на Киев, соопшти руското Министерство за одбрана. Експлозии се слушнаа и во Лавов во западна Украина. Според Украинците, Русите истрелале неколку проектили од авионот Су-35, кои биле соборени од украинската воздушна одбрана кај Лавов.

Украинците објавија дека одбиле 10 руски напади во Донецк и Луганск, региони на исток каде се очекуваат најжестоки борби кога ќе започне големата руска офанзива.

Си-ен-ен информира дека интензивирањето на нападите може да значи подготовка за голема офанзива во источниот дел на земјата.

Командантот на украинската армија генерал Валериј Жалузниј изјави дека вчера разговарал со командантот на американската армија генерал Марк Мили.

Според Жалузниj, тие разговарале за „жестоките борби на границата на регионите Харков и Изјум, одбивањето на руската офанзива во Луганск и Донецк, критичната ситуација околу опколениот и разурнат Мариупол и ракетните напади низ Украина“.

– Уште еднаш ја истакнав итната потреба на вооружените сили на Украина од оружје и муниција, кои ни се потребни за да ги зајакнеме нашите одбранбени капацитети – рече врховниот командант на вооружените сили на Украина.