Финскиот претседател за „Си-ен-ен“
Финскиот претседател Саули Нинисте оцени денеска дека ситуацијата во светот е „речиси постудена“ отколку за време на Студената војна, откако тензиите меѓу Вашингтон и Москва достигнаа точка на вриење поради ситуацијата околу Украина.
– Тогаш имавме барем некои договори меѓу САД и Советскиот Сојуз, ограничување на оружјето, изјави Нинисте за „Си-eн-eн“, додавајќи дека сега нема никакви договори, што ја прави ситуацијата многу почувствителна.
На прашањето дали мисли дека Русија ќе ја нападне Украина, за што тврди Западот, Нинисте рече дека кога е во прашање кризата околу Украина, постојат три опции.
Тој прво наведе дека проблемите во источна Украина треба да се решаваат врз основа на договорот од Минск, но додаде дека оваа опција е далеку.
Како втора опција Нинисте гледа војна од големи размери, а како трета – ситуација кога се оди два чекори напред, еден назад. Според него, оваа опција е исто толку лоша како и втората, бидејќи ги зголемува тензиите, но е најблиска.