Терористички напад денеска беше извршен врз комплексот на националната воздухопловна компанија на Турција „ТУСАШ“ во предградие на Анкара, соопшти министерот за внатрешни работи Али Јерликаја на социјалната мрежа Икс.
– Има неколкумина загинати и повредени – изјави Јерликаја, осудувајќи го нападот.
Точниот број жртви во нападот што се случи во северозападното предградие Кахраманказан засега не е познат.
Според турската приватна телевизија Си-ен-ен-турк, терористите активирале автомобил-бомба на влезот на комплексот и отвориле оган од огнено оружје. Над областа кружат воени хеликоптери.
Телевизијата ТГРТ извести и за втора експлозија
Медиумите известуваат дека се земени заложници, но и дека во тек се судири помеѓу напаѓачите и безбедносните сили. Засега нема официјална потврда за заложници.
Првично беше слушната експлозија на влезот на комплексот, а потоа се слушнале истрели.
Според телевизијата НТВ, напаѓачите се вооружени со автомати и пиштоли, а можно е да носеле и експлозиви и муниција.
Неколку телевизии прикажаа снимки од видеокамери на кои се гледаат лицата на напаѓачите. Се смета дека најмалку двајца учествувале во нападот – маж и жена, облечени во црна облека. На социјалните мрежи се објавени голем број видеа.
Вработените во корпорацијата „ТУСАШ“ се скриле во специјални простории според инструкциите, додека чекале специјалните единици да интервенираат.
ТУСАШ е една од најважните турски компании во областа на одбранбената индустрија и воздухопловството. Компанијата го произведува првиот национален борбен авион на Турција – КААН.
Во меѓувреме, Високиот совет за радио и телевизија на Турција воведе ограничувања за медиумското известување за терористичкиот напад.
Главното обвинителство на Анкара нареди истрага за нападот, информира министерот за правда Јилмаз Тунч.
Засега ниту една групација не ја презеде одговорноста за нападот. Неколку напади во Турција беа извршени од терористички групи како „Исламска држава“, ПКК и левичарски групации.