Во Брисел предупредување за тероризам и мерки на највисоко, четврто ниво
Во Брисел е издадено највисоко предупредување за тероризам, по завчерашниот напад во кој беа убиени двајца Швеѓани, а едно лице е повредено. Тревогата за можна терористичка закана се искачи на четвртото ниво во Брисел, највисока по нападите во 2016 година. Во дел од земјата тревогата е на трето ниво. На граѓаните им се препорачува да ги одложат сите патувања што не се итни и да останат во своите домови доколку не постои неопходност да излегуваат во главниот град, додека состојбата не биде подобрена од преземените мерки на надлежните власти во Белгија.
Полицијата ефикасно и брзо ја отклони примарната опасност од нова терористичка атака
Белгиската полиција соопшти дека го застрелала напаѓачот. Тој подоцна им подлегнал на прострелните рани во болница. Според информациите од полицијата, напаѓачот е маж со туниско потекло, кој илегално престојувал во земјата, откако му било одбиено барањето за азил. Имено, станува збор за 45-годишниот Абдесалем Ласуед, кого полицијата го застрелала во кафуле во населбата Шарбек. Обвинителството го истражува видеото што тој го објавил на интернет, во кое вели дека убивал луѓе во името на бога. Се верува дека тој бил инспириран од групата Исламска држава (ИСИЛ).
Белгиската министерка за внатрешни работи Анелис Верлинден изјави дека автоматското оружје пронајдено кај него, во фаталните престрелки пред натпреварот на Белгија со Шведска, е исто како она што беше употребено во нападот. Инцидентот се случи на пет километри од стадионот на кој Белгија играше со Шведска квалификациски натпревар за учество на Европското фудбалско првенство. Напаѓачот отворил оган на улица кон две лица, а продолжил да пука и во луѓе во такси-возило. Тој одговорноста за својот чин ја презеде во видео објавено на социјалните мрежи. Во него тој вели дека е борец на Исламската држава и зборува за „тројца Швеѓани“ што ги убил. Сепак, според официјалните информации, убиени се две лица.
И Шведска под закана од терористички напади
Шведскиот министер за надворешни работи Тобијас Билстром на социјалната мрежа Х објави дека жртвите во нападот биле фудбалски навивачи. Премиерот на Шведска, Улф Кристерсон, нападот во Брисел во кој загинаа двајца Швеѓани го оквалификува како „терористички напад“.
Тој додаде дека Шведска се соочува со голема закана по нејзината безбедност.
– Шведска во модерните времиња никогаш не била под толку голема закана како сега – истакна Кристерсон.
Новинската агенција Белга цитираше портпарол на обвинителството, кој рече дека мотив за злосторството може да била шведската националност на жртвите. Годинава луѓе во Шведска, а подоцна и во Данска, неколкупати палеа примероци на Куранот, што предизвика реакции кај муслиманите.
За време на квалификацискиот натпревар за ЕП, веста за смртта на двајцата Швеѓани се прошири на полувремето. Според шведскиот ТВ-канал СВТ, шведските репрезентативци тогаш решиле да не го продолжат натпреварот. Белгиските репрезентативци се приклучиле кон таа одлука. Натпреварот беше прекинат по полувремето.
Францускиот министер за внатрешни работи Жералд Дарманин најави дека Франција сака да ги заостри граничните контроли со соседна Белгија.
– Брисел повторно беше погоден од „исламистички терористички напад“ – изјави францускиот претседател Емануел Макрон.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, зборуваше за „кукавички напад“ и изрази сочувство до народот на Шведска. Претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел, изрази сочуство до семејствата на загинатите и на Х напиша: „Срцето на Европа е погодено од насилство“.
Митко Јовановски во соработка со Лорета Трајкоска од Брисел, Белгија