Принтскрин / Радио слободна Европа

По четири и пол часа макотрпна борба, спасувачите успеале да подигнат дел од урнатата конструкција на Железничката станица во Нови Сад, тешка неколку тони и да ја извлечат тинејџерката (14) која била заглавена под урнатините. Со возило на Брза помош итно била пренесена во Клиничкиот центар во Војводина.

Спасувачите на Железничката станица во Нови Сад се уште комуницираат со жената која се уште е под урнатините и прават максимални напори да ја спасат и неа.

– 14-годишно девојче е извлечено живо и од тука е префрлено во Ургентен центар. Потрагата по жената се уште трае и спасувачите се уште се во комуникација со неа апсолутно цело време, што значи дека жената е свесна и дека треба да се молиме на Бога спасувачите успешно да ја извршат спасувачката мисија – соопштено е на телевизија Блиц.

Премиерот на Србија, Милош Вучевиќ, изјави дека поради несреќата што се случи на Железничката станица во Нови Сад, денеска е еден од најтешките денови во повоената историја на тој град и трагедија за целиот Србија, како и дека ќе инсистира да се најдат одговорните за уривањето на настрешницата за влез во станицата.

Тој им се заблагодари на спасувачите, полицајците, лекарите, техничарите и медицинските сестри кои се борат да ги спасат луѓето кои се во урнатините и посочи дека водат натчовечка битка.

На железничката станица во Нови Сад во 11 часот и 50 минути се урна бетонската настрешница на зградата на станицата, соопшти претходно Железничката инфраструктура на Србија.

Настрешницата што падна на влезот во станицата во Нови Сад не беше предмет на реконструкција како дел од работите на реновирање на станицата како дел од градежниот проект на брзата пруга Нови Сад – Суботица, информираат од таму.