Реакциите во јавноста се однесуваат на можната злоупотреба на ресурсите на безбедносните агенции за партиско-политички цели. Собирањето разузнавачки информации од страна на агенции како НСА и ЦИА, кое почнува да ги опфаќа и домашните комуникации, го загрижува обичниот американски граѓанин, но не поради какво било нарушување на приватноста додека тие агенции ги извршуваат своите антитерористички и други легитимни мисии, туку поради можноста од партиска злоупотреба од страна на оние „над“, а не на оние „во“ тие агенции, укажуваат аналитичарите
Американците загрижени поради големиот број информации што разузнавачките агенции ги собираат за своите граѓани
Американската јавност деновиве повторно се разбранува со прашање поврзано со националната безбедност, поточно со можната злоупотреба на податоците што ги собираат безбедносните агенции. Со тоа како повторно да се разбудија стравувањата што циклично се појавуваат последниве години, како рефлексија на податоците што ќе протечат од разузнавачката заедница.
Повод за најновото бранување е обелоденувањето делови од писмо што двајца сенатори од редовите на демократите, Рон Вајден и Мартин Хајнрих, го напишале минатиот април до директорот на националното разузнавање и директорот на Централната разузнавачка агенција (ЦИА), а кое е повод за пообемна анализа на Пол Пилар. Фактот дека аналитичарот Пилар од 2005 година е „пензионер“, по дваесет и осумгодишна кариера во американската разузнавачка заедница, меѓу другото и како шеф на аналитичките единици во ЦИА што покриваа делови од Блискиот Исток, Персискиот Залив и Јужна Азија, а потоа член во Националниот разузнавачки совет како еден од првобитните членови на неговата Аналитичка група, му дава доволно кредибилитет во расчленувањето на податоците од писмото.
Се разбуди стравот од „жолтите комбиња“
Имено, писмото уште еднаш ги отвора старите дилеми – колку податоците што ги собираат агенциите за национална безбедност може да бидат злоупотребени за партиско-политички цели. Ви изгледа ли прашањево познато? Имаат ли Американците „аудиобомби“ и „жолти комбиња“ како нас или ситуацијата е многу посериозна и позастрашувачка?
Иако писмото на Вајден и Хајнрих се појави во јавноста крајно редактирано и „прочистено“, сепак од податоците што се достапни на увид станува јасно дека се бараат информации за инаку неодредена „масовна програма“ за собирање податоци од страна на ЦИА.
Писмото со неговото објавување повторно го актуализира прашањето што беше во фокусот пред неколку години, а се однесуваше на собирање податоци од телефонските комуникации од страна на Националната агенција за безбедност (НСА), која е примарна организација одговорна за собирање разузнавачки сигнали за поддршка на националната безбедност на САД. Програмата на НСА, која се фокусираше на собирање телефонски „метаподатоци“ (телефонски броеви и време на повици), беше дел од засилените антитерористички напори по нападите од 11 септември. Како таква, таа беше слична по цел и дух со надградувањето на антитерористичките капацитети и ингеренции на ФБИ, како што е предвидено во Патриотскиот закон на САД од 2001 година.
И дотука нема ништо спорно и нејасно во врска со законската регулатива, дотолку повеќе што американската јавност и политичарите во голем процент застанаа зад овие проширени напори на безбедносните агенции во периодот веднаш по 11 септември, во кој се бараа бескомпромисни акции.
Но, како што укажуваат аналитичарите, проблемот се јавува малку подоцна. Како што тече времето, а не се случува посериозен терористички напад како оној од 11 септември, јавноста постепено почна да го менува својот став, а со тоа се менува и политичкото расположение во Конгресот. Јавноста веќе не гледа со толку голема благонаклоност кон проширувањето на разузнавачките и истражните активности, а наместо тоа се зголеми изразената загриженост за наводните овластувања на безбедносните агенции за нарушување на приватноста.
Почнаа да излегуваат на виделина дилемите и стравовите од злоупотреба
Обелоденувањето на активностите на поранешниот вработен во НСА, Едвард Сноуден, ја забрза оваа промена во расположението. Иако поголемиот дел од обелоденетите информации од страна на Сноуден ја компромитира нормалната, легитимна американска прекуокеанска збирка на разузнавачки информации и немаше никаква врска со приватноста на Американците, сепак неговата појава се протолкува како некој што го крена алармот за можно собирање информации и на домашен терен.
Втор случај што се закануваше да направи голема штета по разузнавачката заедница, а кој излезе на виделина, ја вклучува НСА, односно ќе ја вклучеше доколку планот се реализираше. За што се работи? Имено, во меморандумот што го доби весникот „Вашингтон пост“ е опишан еден од многубројните напори по претседателските избори во ноември 2020 година да се поништи резултатот и да остане на власт кандидатот Доналд Трамп. Планот вклучувал користење на овластувањата на НСА за да се прочешлаат необработените прислушувани комуникации, кои нужно би ги вклучиле комуникациите на Американците, во обид да се покаже дека странските сили интервенирале во изборите во име на Џо Бајден. Главниот поборник на планот, според она што го пласираа медиумите, а во својата анализа го посочува и поранешниот разузнавач Пол Пилар, бил неуспешниот републикански кандидат за Конгресот, Мајкл Дел Росо, кој ја споделил идејата со неколку актуелни републикански сенатори и бил дел од поголемата стратегија за отфрлање на изборниот резултат предводена од Мајк Линдел, соработникот на Трамп. Нема индикации дека планот некогаш стигнал до самиот Трамп, а претседателот во заминување никогаш не ѝ наредил на НСА да направи такво нешто. Но доколку беше обратно, службениците од НСА можеби ќе имаа тешкотии да го отфрлат планот.
Кога ќе се обелоденат вакви шеми, кои може да остават далекосежни последици, според Пилар, тогаш претходните грижи за приватноста и масовното собирање метаподатоци на НСА едвај се чини дека вредат некое поголемо внимание. Таквото собирање метаподатоци, како што вели искусниот разузнавач, беше исклучиво во име на легитимна и важна национална безбедносна цел, а конкретно за да се одговори на предизвикот „наоѓање игла во стог сено“ за откривање на следната голема терористичка закана за Соединетите Американски Држави. Спречувањето на злоупотребите при користење какви било собрани информации се должи првенствено на скрупулозната грижа со која вработените во НСА вообичаено не споделуваат никакви сознанија, дури и со други сектори од разузнавачката заедница, без да има легитимна потреба за тоа.
Партиска злоупотреба е можна од страна на претпоставените
Сепак, колку и да изгледаат застрашувачки сите овие податоци, реализирани или нереализирани планови, сето тоа не би требало да создава дополнителни стравови кај американската јавност, вели авторот на анализата. Тој укажува на искуствата на авторитарни режими со големи и активни безбедносни организации што ги шпионираат сопствените граѓани, преку примерот на Источна Германија.
Индивидуалните животи на повеќето Источни Германци можеби не биле засегнати на препознатливи начини од опсежното внатрешно шпионирање на Штази; она што беше злонамерно беше употребата на овој надзор како дел од структурата за одржување авторитарен комунистички режим – вели Пилар.
Оттука, може да се заклучи дека секое користење на ресурсите на НСА за партиски политички цели е крајно несоодветно. Она што би ја направило ваквата употреба уште поскандалозна е кога би била во служба на голема лага за изборен резултат и обид да се поништи тој резултат. Собирањето разузнавачки информации од страна на агенции како НСА и ЦИА, кое почнува да ги опфаќа и домашните комуникации, го загрижува обичниот граѓанин, но не поради какво било нарушување на приватноста додека тие агенции ги извршуваат своите антитерористички и други легитимни мисии, туку поради можноста од партиска злоупотреба од страна на оние „над“, а не на оние „во“ тие безбедносно-разузнавачки агенции.
Подготвил: Марјан Велевски