САД предупредија дека ескалацијата на војната меѓу Израел и Хамас може да доведе до можност Иран директно да се вклучи во конфликтот.
Во изјава за „Си-би-ес њуз“, советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан, предупреди на можноста за создавање нов фронт на северната граница на Израел со Либан.
-Не можеме да ја исклучиме можноста Иран да биде директно вклучен на некој начин. Мораме да се подготвиме за сите можни непредвидени ситуации – рече тој.
Во изминатите денови, а особено денеска на израелско-либанската гранива имаше размена на оган меѓу милитантната група Хезболах, која е поддржана од Иран, и израелските сили, а беа вклучени и палестински милитантни групи од областа.
Шефот на иранската дипломатија, Хопсеин Амар-Абдолахиан, денеска предупреди дека никој не може да гарантира дека ситуацијата ќе биде под контрола доколку Израел ја почне најавената копнена офанзива во Газа, соопшти иранското Министерство за надворешни работи.
Министерот денеска е во посета на Катар, како дел од регионалната турнеја во која ги посети и Ирак, Либан и Сирија.
Катарската новинска агенција КНА јави дека тој разговарал со емирот на Катар, Тамим бин Хамад ал Тани, за развојот на ситуацијата на палестинските територии.
Иран финансиски и воено го поддржува Хамас, палестинското екстремистичко движење кое изврши крвав напад врз Израел на 7 октомври и ја почна војната во Појасот Газа.
-Доколку продолжат нападите на ционистичкиот режим против немоќното население во Газа, никој не може да гарантира дека ситуацијата и изгледите за ширење на конфликтот ќе бидат под контрола, рече Амир-Абдолахиан за време на средбата со катарскиот лидер – се наведува во соопштение од иранското Министерство за надворешни работи.
Израел и САД се плашат од отворање на втор фронт во северен Израел, на границата со Либан, доколку и либанското движење Хезболах, исто така, поддржано од Иран, реши интензивно да интервенира во војната меѓу Израел и неговиот палестински сојузник Хамас.
Иранскиот министер додаде дека страните кои сакаат да го спречат ширењето на кризата треба да ги спречат „варварските напади на ционистичкиот режим“, се наведува во соопштението.