Фото: ЕПА

Телата на 757 загинати војници се вратени во Украина од Русија и подрачјата погодени од војната, соопшти денеска украинскиот Координативен штаб за третман на воени заробеници.

-Меѓу нив има 451 војник од регионот Доњецк, 71 од Бахмут, ⁠51 од Угледар, 13 од Луганск, 137 од Запорожје, додека 34 се вратени од мртовечници на територијата на Руската Федерација – се наведува во соопштението на Координативниот штаб на каналот Телеграм.

Во него се додава дека враќањето на паднатите бранители е резултат на заедничката работа на Координативниот штаб за третман на воени затвореници, Централната управа за цивилно-воена соработка на Генералштабот на вооружените сили на Украина, Заедничкиот центар на Службата за безбедност на Украина, Министерството за внатрешни работи, Канцеларијата на Комесарот на Врховниот совет на Украина за човекови права, Секретаријатот на Комесарот за човекови права на лица исчезнати под посебни околности, Државната служба за Вонредни ситуации и други структури на Секторот за безбедност и одбрана на Украина, пренесува Укринформ.

Координативниот штаб изрази благодарност за помошта на Меѓународниот комитет на Црвениот крст и припадниците на вооружените сили на Украина кои ги транспортираат загинатите војници.

– Инспектори на правосудните органи заедно со стручните институции на МВР во најкус можен рок ќе го утврдат идентитетот на починатите – се наведува во соопштението.

Украина на 20 декември 2024 година од Русија врати тела на уште 503 загинати бранители.