Многумина аналитичари повлекувањето на руската армија од Херсон го толкуваат како сигнал за почеток на мировни преговори

Во моментов е тешко да се најде модел за преговори, освен ако некаде во „тајната дипломатија“ не се испратени сигнали за некаков компромис, подготвен и од едната и од другата страна. Можеби токму повлекувањето од Херсон е сигналот за почеток на преговорите што сите ги очекуваат со нетрпение?

Што значи повлекувањето на руските сили од Херсон?

Неодамна руската армија донесе одлука да се повлече од Херсон, иако кратко време претходно, рускиот претседател Владимир Путин триумфално изјави дека Херсон е „руски за вечноста“. Сега руската армија истиот тој „го напушта“. Најавата за напуштање на градот ја соопштија заеднички министерот за одбрана Сергеј Шојгу и новиот командант на руските сили во Украина, генералот Сергеј Суровикин.
Официјалното објаснување, како што вели Суровикин, е дека тие одлучиле да им ги „спасат животите на војниците“.

Повик за преговори или за продолжување на тајната дипломатија и прекин на судирот

Како што пишува рускиот портал „Медуза“, повикувајќи се на свои извори, Кремљ со недели разговарал за „напуштање на Херсон“, односно преселба на левиот брег на реката Днепар. Ако сѐ е навистина така, тогаш напуштањето на Херсон е силен сигнал до јавноста, бидејќи Русија го напушта единствениот „вистински“ град што успеа да го заземе во овие повеќе од осум месеци војна. Но како да се толкува тој сигнал? Како повик за преговори или за продолжување на тајната дипломатија и прекин на судирот, или на друг начин, на пример како тактика и прегрупирање?
Се подразбира дека Путин нема да дозволи руската јавност да го сфати повлекувањето од Херсон како пораз бидејќи тоа може да го потресе, па дури и да му се закани нему и на неговото владеење. Засега ова во Русија се прикажува како „тактичка и лукава“ одлука, а не изнудена од силата и пенетрацијата на противникот.

Може сè да се врати на почеток

Според рускиот портал „Медуза“, повикувајќи се на свои извори во Кремљ, руската јавност, особено оние што ја поддржуваат војната, „негативно ќе го прифатат повлекувањето од Херсон“. Сепак, тие се надеваат дека објаснувањето за „спасување на животите на војниците“ може да најде плодна почва, особено кај семејствата на мобилизираните резервисти и да покаже како раководството на Кремљ „се грижи за животите на својот народ“.
Според некои воени аналитичари, со губењето на десниот брег на реките Днепар и Херсон, маневрирањето на руската армија беше стеснето. Русите потоа остануваат без полигонот од кој го нападнаа Миколаев и дефинитивно можат да заборават на една од нивните најважни цели на целата воена операција од самиот почеток – освојувањето на Одеса. Во случај на напуштање на Херсон, копнениот пат до Одеса е затворен. Покрај тоа што Русите се повлекуваат од Херсон, тие фортификациски се утврдуваат и на границата со Крим, која „ќе ја бранат по секоја цена“. Тие ќе се обидат да ја задржат копнената врска на Крим со Русија, што им е приоритет над сите приоритети во моментов!
Податоците покажуваат дека сегашната борбена линија во Донбас во голема мера се совпаѓа со онаа воспоставена во 2014 година (со отстапувањата на копнената врска со Крим) и дека по толку многу страшни загуби, уништувања и пустошења, сè може повеќе или помалку да се врати во почеток. Русите го напуштаат Херсон, земајќи добар дел од населението со себе.

Прашањето за преговори и „тајната дипломатија“

Но Украинците се многу резервирани за „руското повлекување“ и не брзаат да влезат во градот, плашејќи се дека ќе паднат во стапица – да речеме во Херсон да не ги вовлечат во улични борби, односно да не се случи нов Сталинград или, пак, дека Русите го минирале градот.
Голем проблем е и хидроелектричната брана Нова Каховка. Имено, двете страни се сомневаат во другата дека има намера да го урне, со што би се поплавила огромна површина покрај реката Днепар. Освен страшното уништување и штета, тоа би ги оневозможило сите значајни воени операции во таа област.
Советникот на украинскиот претседател Володимир Зеленски, Михаило Подољак, вели дека „не гледа никакви индикации дека Русите ќе го напуштат градот без борба“ и дека украинската армија дејствува според разузнавачките извештаи и податоци, а не врз основа на „режиран ТВ-перформанс“, мислејќи притоа на разговорот помеѓу Шојгу и Суровикин околу Херсон. Во секој случај, повлекувањето е евидентно, дури и руските медиуми објавија дека во сообраќајна несреќа на Крим загинал Кирил Стремусов, шефот на проруската администрација. Во Киев се сомневаат во оваа вест. Заедно со приказната за повлекувањето, повторно се разгореа гласините за можни мировни преговори. Сепак, разликите меѓу двете страни се големи и малку потешко дека наскоро ќе резултираат со средба. Сепак, Марија Захарова, портпаролка на руското министерство за надворешни работи, изјави – истиот ден кога беше објавено дека Русите се повлекуваат од Херсон – дека Русија е подготвена за преговори „земајќи ја предвид реалноста на теренот“.
Таа не објасни што значи тоа конкретно, но очигледно мислеше на фактот дека Русија ги анектира Херсон и Донбас (претходно и Крим) и дека се очекува тоа да биде „прифатено“. Украина одбива и бара повлекување на руските сили од украинска територија и воспоставување државноправен суверенитет на целата територија.
Во моментов е тешко да се најде модел за преговори, освен ако некаде во „тајната дипломатија“ не се испратени сигнали за некаков компромис, подготвен и од едната и од другата страна. Можеби токму повлекувањето од Херсон е сигналот за почеток на преговорите што сите ги очекуваат со нетрпение?