Фото: ЕПА

И двете инволвирани сега веќе завојувани страни даваат различни процени за бројот на жртвите од едната или другата страна. Извесно е дека воениот конфликт почна со масовно крвопролевање. Имено, станува збор за неколку стотини жртви, вклучувајќи и некои високи носители на државни и воени функции во структурата на спротивставените страни

Ново и исклучително сериозно воено жариште се отвори на Блискиот Исток откако во саботата наутро палестинската милитантна група Хамас испука врз Израел неколку илјади ракети, кои ја пробија израелската противракетна одбрана и почнаа да ги погодуваат израелските населби. По ова, вооружени напаѓачи на Хамас упаднаа на 22 локации надвор од Појасот Газа рано наутро во саботата, вклучувајќи градови и други заедници на 15 милји од границата со Газа, додека Хамас лансира илјадници ракети врз израелските градови, објави „Асошиејтед прес“.
Нападот се случи само еден ден по педесетгодишнината од ненадејниот напад на Египет и Сирија врз Израел во 1973 година, кој се претвори во голема блискоисточна војна. Значењето на тој датум секако не им избега на лидерите на Хамас.
Силата, софистицираноста и времето на нападот во саботата наутро ги шокираа Израелците. Борците на Хамас употребија експлозив за да ја пробијат граничната ограда околу Газа, а потоа преминаа со мотоцикли, пикап-камиони, параглајдери и глисери на брегот.
Упадот предизвика жесток одговор од страна на Израел. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху прогласи воена состојба во земјата, а како одговор Израел започна воздушни напади врз Газа, по што борбите продолжија во текот на денот. Акцијата во саботата како одговор за упадот на Хамас, Израел ја нарече операција „Железен меч“.
– Она што се случи денеска никогаш не е видено во Израел. Ќе се одмаздиме за овој мрачен ден – изјави во телевизискиот говор во саботата вечер израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Израелскиот премиер објави дека војската ќе ги искористи сите сили за да ги уништи способностите на Хамас.
– Сите места каде што се крие Хамас, од кои дејствува, ќе ги претвориме во урнатини – додаде тој.
Израелската војска во текот на ноќта во неделата издаде предупредување до арапските заедници во Газа во близината на границата со Израел да ги напуштат своите домови и да одат во областите подлабоко во енклавата.

Многубројни жртви, но и земени заложници од страна на Хамас

И двете страни засега даваат различни процени за бројот на жртвите од едната или другата страна, но извесно е дека станува збор за неколку стотини, вклучувајќи и некои важни личности во воената или безбедносната структура на спротивставените страни.
Високиот член на Хамас Ајман Јунис наводно е убиен во израелските напади врз Газа, кои беа започнати како одговор на нападот на палестинските милитанти во саботата. Телото на Ајман Јунис, наводно, било извлечено од урнатините во неделата, откако била гранатирана неговата куќа во бегалски камп во центарот на Газа, соопшти Агенцијата за цивилна заштита на Газа. Видеата од овој напад беа објавени на социјалните мрежи, но тие не беа официјално потврдени, па затоа не беше ниту потврдено од официјални извори дека Јунис загинал во гранатирањето.
Израелските одбранбени сили соопштија дека Хамас зел заложници и воени заробеници откако започна ненадејниот напад. Милитантната група тврди дека има десетици заробеници. Израелската војска потврди дека Хамас држи заложници, но не соопшти колку. Високиот член на Хамас Салех ал-Арури рече дека милитантната група, која управува со Газа, „е подготвена за најлошото сценарио, вклучувајќи и копнена инвазија“.

Се вклучи и Хезболах

Во меѓувреме, во конфликтот се вклучи и Хезболах. Имено, израелската војска вчераутро соопшти дека гаѓала цели кон јужен Либан, откако неколку минофрлачки гранати биле истрелани на израелска територија. Ракетите паднале во спорната област на планината Дов на границата со Либан, а нема извештаи за повредени или материјална штета, јавуваат израелските медиуми.
„ИДФ (Израелските одбранбени сили) преземаат подготвителни мерки за оваа можност и ќе продолжат да дејствуваат во сите региони и кога е потребно за да се обезбеди безбедност на израелските цивили“, се наведува во соопштението на армијата.
Шиитската милитантна организација Хезболах соопшти дека истрелала ракети и гранати од Либан кон северен Израел, пренесе агенцијата ДПА.
„На патот за ослободување на нашата окупирана либанска земја и во знак на солидарност со победничкиот палестински отпор и борбата на палестинскиот народ, бригадата на мачениците (Хезболах) на водачот Хаџ Имад Мугније во Исламскиот отпор (Хезболах) утринава, во недела, 8 октомври 2023 година, нападна три места на ционистичка окупација во окупираната област на либанска Шеба“, се наведува во соопштението на групата.
Израелската армија пак објави дека примарна цел на нејзините сили е да се борат против упадите на Хамас на осум локации. Портпаролот на израелската војска изјави дека две заложнички ситуации се „решени“, но не кажа дали сите заложници се спасени живи.
Израел погоди 426 цели во Газа, соопшти вчера израелската војска, срамнувајќи станбени згради. Тие вклучуваат кула од 14 ката во која се сместени десетици станови, како и канцеларии на Хамас во центарот на градот Газа. Израелските сили велат дека издале предупредување непосредно пред тоа.

Што сака да постигне Хамас со овој напад?

Според воените аналитичари, израелската армија е неспоредливо посилна од Хамас, кој е притиснат во многу мала област на Газа. Прашање на време е кога израелските вооружени сили ќе го вратат Хамас во Газа. Покрај тоа, израелските воздухопловни сили започнаа масовно бомбардирање.
Иако нема апсолутно никакви шанси за победа, сепак Хамас тргна во напад. Командантот на војската на Хамас, Мохамед Деиф, ги повика Хезболах, Палестинците и сите Арапи што живеат во Израел да им се придружат до конечното ослободување. Учеството на Хезболах во нападот во голема мера би ја искомплицирало позицијата на израелските вооружени сили, но само за кратко. На долг рок, овој напад би го искористила израелската влада за конечно да се справи со заканата на Хезболах. Затоа, не е изненадувачки што (барем засега) силите на Хезболах мируваат, со исклучок на исфрлањето проектили кон ненаселената област, што предизвика реакција од израелска страна.
А аналитичарите наедно укажуваат дека ако така решат газдите на Иран, Хезболах ќе мора да се раздвижи за да му помогне на Хамас
Тоа може да се промени во секој момент бидејќи и Хамас и Хезболах се основани во Техеран, тој ги финансира и управува со нив. Доколку иранските лидери решат така, Хезболах ќе мора да им помогне на браќата од Хамас. Поради таа поврзаност меѓу Хамас (и Хезболах) и Техеран, израелските и западните медиуми веќе шпекулираат дали овој напад ќе предизвика израелска одмазда кон Иран. Израел со години повикува на интервенција против Техеран поради развојот на нуклеарно оружје, но и поради неговата поддршка на терористите. Заедно со Хамас и Хезболах, Иран силно ги поддржува и Хутите во Судан, кои директно ја загрозуваат безбедноста на Саудиска Арабија.
И тука доаѓаме до веројатно главната причина за жртвувањето на Хамас – најавата за претстојното саудиско признавање на Израел. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во последните недели нагласи дека преговорите со Ријад се одвиваат многу добро и дека се во завршна фаза. За да им се стави крај, единствено останува Вашингтон да одлучи за потпишување безбедносен пакт со Саудиска Арабија. Проблемот е што Саудијците бараат американска техничка помош за лансирање „цивилна“ нуклеарна програма за ривал на иранската. Додуша, едно од барањата е решавање на палестинското прашање, но тоа е повеќе за доброто на арапската јавност.
Откако Египет ги призна Израел во 1979 година и Јордан во 1994 година, поранешниот американски претседател Доналд Трамп успеа да го постигне Абрахамскиот договор при крајот на неговиот мандат, со кој Обединетите Арапски Емирати, Бахреин, Мароко и Судан го признаа Израел. Доколку им се придружи Саудиска Арабија, Израел ќе биде многу поблиску до постигнување траен мир со сите арапски држави. Другите, кои не би го признале Израел, би биле горе-долу ирелевантни. Така, најголема закана за безбедноста на Израел би останал Иран (кој не е арапска држава).
Затоа на нападот на Хамас врз Израел треба да се гледа првенствено како обид да се сврти вниманието на арапската јавност кон палестинското прашање со предизвикување голем конфликт. Хамас (и Иран) се надева дека притисокот на јавноста ќе го спречи израелско-саудискиот договор, кој суштински ќе го промени балансот на силите на Блискиот Исток против Иран.
Времето им истекува, бидејќи за две недели е најавена посета на американскиот државен секретар Ентони Блинкен на Ријад. Најавата е дека за време на посетата Блинкен ќе го финализира безбедносниот пакт меѓу САД и Саудиска Арабија и ќе добие потврда дека Ријад ќе го признае Израел.
Друга причина за нападот на Хамас врз Израел е да киднапира што е можно повеќе цивили (Мохамед Деиф зборува за илјадници) за да се добие можност за уцена за ослободување повеќе од пет илјади палестински терористи од израелските затвори. Од сите цели, ова е единствената рационална. Освен што ќе обезбедат ослободување на Палестинците, киднапираните Израелци треба да спречат директен напад на израелските копнени сили врз Газа, односно ќе служат како жив штит.
Или би требало, затоа што во Ерусалим најекстремната десничарска влада е на власт од своето основање, па не може со сигурност да се знае како ќе одлучи. Со нација што за првпат доживува терористи што директно ги напаѓаат израелските населби (и убиваат стотици цивили во процесот, не само што се обидуваат да ги рактираат и гранатираат), десничарската влада на Бенјамин Нетанјаху може да одлучи да ги игнорира киднапираните израелски цивили и да започне масовен напад врз Газа. Со ова би завршила не само децениската опасност од Хамас туку Палестинците од Газа повторно би станале бегалци.
Хамас го повлече својот потег. Сите други потези сега се на владата на премиерот Нетанјаху. Од туркање на терористите назад во Газа, преку почетокот на преговорите за ослободување на киднапираните цивили (можно, но не многу веројатно), до напади врз Газа, но и врз Либан и Иран.


Пресек на настаните од поновата историја за конфликтите околу Газа,
од повлекувањето на Израел од Појасот Газа во 2005 година

Перманентен судир во енклава од 2,3 милиони луѓе

Хронологијата на настаните што започнува со повлекувањето на Израел од Појасот Газа во 2005 година ги детализира главните точки на конфликтот меѓу Израел и палестинските групи во преполната крајбрежна енклава, дом на 2,3 милиони луѓе.
Август 2005 – Израелските сили еднострано се повлекоа од Газа 38 години откако ја зазедоа од Египет во војната на Блискиот Исток, напуштајќи ги населбите и оставајќи ја енклавата под контрола на палестинската управа.
25 јануари 2006 година – Исламистичката група Хамас освои мнозинство места на палестинските парламентарни избори. Израел и САД ја прекинаа помошта за Палестинците бидејќи Хамас одби да се откаже од насилството и да го признае Израел.
25 јуни 2006 година – Милитантите на Хамас го фатија регрутот на израелската армија Гилад Шалит во прекуграничен напад од Газа, што предизвика израелски воздушни напади и упади. Шалит конечно беше ослободен повеќе од пет години подоцна во размена на затвореници.
14 јуни 2007 година – Хамас ја презеде Газа во кратка граѓанска војна, соборувајќи ги силите на Фатах лојални на палестинскиот претседател Махмуд Абас со седиште на Западниот Брег.
27 декември 2008 година – Израел започна 22-дневна воена офанзива во Газа откако Палестинците истрелаа ракети врз јужниот израелски град Сдерот. Околу 1.400 Палестинци и 13 Израелци беа убиени пред договорот за прекин на огнот.
14 ноември 2012 – Израел го уби воениот началник на Хамас, Ахмад Џабари. Следуваа осумдневни ракетни истрели од палестински милитанти и израелски воздушни напади.
Јули-август 2014 година – Киднапирањето и убиството на тројца израелски тинејџери од страна на Хамас доведоа до седумнеделна војна, во која беа убиени повеќе од 2.100 Палестинци во Газа и 73 Израелци, вклучувајќи 67 војници.
Март 2018 година – Палестинските протести започнаа на оградената граница на Газа со Израел. Израелските војници отворија оган за да ги задржат демонстрантите. Повеќе од 170 Палестинци беа убиени во повеќемесечните протести, кои исто така предизвикаа борби меѓу Хамас и израелските сили.
Мај 2021 година – По неколкунеделни тензии за време на муслиманскиот пост Рамазан, стотици Палестинци беа ранети во судирите со израелските безбедносни сили во комплексот „Ал акса“ во Ерусалим, третото најсвето место на исламот.
Откако побара Израел да ги повлече своите безбедносни сили од базата, Хамас истрела низа ракети од Газа во Израел. Израел возврати со воздушни напади врз Газа. Борбите продолжија 11 дена, при што загинаа најмалку 250 луѓе во Газа и 13 во Израел.
Август 2022 година – Најмалку 44 лица, вклучувајќи и 15 деца, загинаа во тридневното насилство што започна кога израелските воздушни напади погодија висок командант на Исламскиот џихад.
Израел вели дека нападите биле превентивна операција против неизбежен напад на милитантно движење поддржано од Иран, насочено кон команданти и складишта за оружје. Како одговор, Исламскиот џихад истрела повеќе од 1.000 ракети кон Израел. Израелскиот систем за воздушна одбрана „Железна купола“ спречи секакви сериозни оштетувања или жртви.
Јануари 2023 година – Исламскиот џихад во Газа истрела две ракети врз Израел откако израелските трупи нападнаа бегалски камп, убивајќи седум палестински вооружени лица и двајца цивили. Ракетите го вклучија алармот во израелските заедници во близината на границата, но не предизвикаа жртви. Израел одговори со воздушни напади врз Газа.


Израелскиот противракетен штит на тапет

Дали потфрли „Железната купола“?

Масовниот напад со илјадници ракети на Хамас врз Израел уште еднаш потсети колку е важна за безбедноста на земјата „Железната купола“, израелскиот противракетен штит делумно финансиран од САД.
По првичните извештаи за истрелани 5.000 ракети во раните утрински часови на нападот, се појавија шпекулации дека „Железната купола“ потфрлила , па дури и дека Израел премногу се потпирал на системот. Сепак, тој останува еден од најефикасните противракетни системи во светот. Причините за успехот на палестинските милитанти аналитичарите првенствено ги бараат во неуспехот на израелските разузнавачки служби и доброто вооружување на Хамас.
„Железната купола“ беше пуштена во употреба во 2011 година. Кога ракетите летаат кон Израел, противракетниот штит проценува кои се насочени кон ненаселени области, нив ги игнорира и им дозволува да паднат на земјата, бидејќи нема да предизвикаат никаква штета. Оние што летаат кон населени места се пресретнати и уништени во воздух. Така, куполата со години функционирала како штит за цели градови, а истите системи биле дизајнирани да ги заштитат и воените цели на море. Куполата штити од ракети што доаѓаат од далечина од четири до седумдесет километри и е од суштинско значење за животот во пограничните области на Израел. Ефикасноста што ја објавија израелски извори беше помеѓу 75 и 90 проценти во претходните години.
Според непотврдени информации, Израел има десет такви системи, кои не се доволни за целосно покривање на малата територија на таа земја.
Веднаш по првите информации за ракетниот напад врз Израел, Си-ен-ен објави прилог за тоа што тргнало наопаку и како „Железната купола“ дозволила да поминат дури 5.000 ракети. Американскиот медиум објави дека безбедносно-разузнавачките служби се „фатени на спиење“ иако имаат еден од најсофистицираните системи во светот.
– Целиот систем пропадна, не е одговорна само една компонента. Целата одбранбена архитектура потфрли во одбраната на израелскиот народ. Ова е како момент на Перл Харбор за Израел каде што ја гледаме реалноста што ќе ја видиме и утре – рече Џонатан Конрикус, поранешен портпарол на израелската армија.
Притоа се анализираат слабостите и слабите точки на „Железната купола“. Еден од недостатоците на овој систем е испраќањето „рој“ проектили и тоа може да ја надмине одбраната на овој систем. Друг недостаток на системот е скапото пресретнување проектили, тоа е во просек меѓу 100.000 и 150.000 долари по пресретнат проектил, а најтешката варијанта за напад за „Железната купола“ е кога проектилите се густо групирани и кога летаат ниско.
Пред две години се шпекулираше дека Хамас нашол електронски начин да го заглави системот. Израелските воздухопловни сили, наводно, уништиле зграда во која имало електронски систем способен да го заглави системот.
Важна забелешка за „Железната купола“ е дека таа е дизајнирана првенствено за заштита од ракети произведени во палестински „гаражи“, а не од крстосувачки балистички ракети.
Токму тоа го спомнаа првите луѓе на Украина, наведувајќи зошто на таа земја не ѝ треба израелскиот систем. Украина за заштита го доби американскиот противракетен систем „патриот“. Минатата недела беше објавено дека САД би можеле да ѝ понудат на Полска „железна купола“, а во замена Полска да го испрати американскиот систем „патриот“ во Украина. Тоа беше соопштено во пресрет на крвавиот напад врз Израел, кој по обем и број на жртви е без преседан во последните неколку децении.


Кризен штаб во МНР за помош на македонските граѓани во загрозените подрачја

Министерот за надворешни работи Бујар Османи на својот колега, министерот Ели Коен, му изрази сочувство за жртвите и последиците, притоа силно осудувајќи ги континуираните напади врз Израел, кои започнаа со завчерашниот напад од страна на Хамас. Османи го реафирмираше ставот на Министерството за итно ослободување на сите цивили што се држат во заложништво од страна на Хамас, како и итно прекинување какви било насилни дејства врз Израел.
Со оглед на влошената безбедносна состојба вчераутро министерот за надворешни работи Бујар Османи по итна постапка оформи кризен штаб во рамките на Министерството, чија задача е да ги следи, координира и систематизира сите постапки поврзани со нашите државјани што се наоѓаат во и околу загрозените подрачја и на кои им е потребна помош или асистенција за нивно безбедно евакуирање.
Според информациите на нашата амбасада во Тел Авив, како и според јавувањата на СОС-телефонот во Министерството за надворешни работи во Скопје, во Израел и на Западниот Брег постојано се зголемува бројот на наши државјани што се пријавуваат дека се затечени во и околу загрозените подрачја. Со сите наши пријавени државјани се одржува постојан контакт од страна на амбасадата, при што се преземаат подготвителни мерки за евентуална асистенција за нивната безбедна евакуација, велат од МНР.
Покрај активностите на амбасадата во Израел, утрово е испратена итна инструкција до дипломатско-конзуларната мрежа на Македонија во околните земји, за нивна посебна подготовка за евентуални активности и нивна 24-часовна достапност како за централата во Скопје, така и за евентуалната комуникација со граѓаните. Дипломатската мрежа е во контакт и со колегите од дипломатските претставништва на пријателските земји, кои исто така се во подготовка за организирана асистенција на затекнатите граѓани во и околу загрозените подрачја.
– Уште еднаш ги повикуваме нашите граѓани што во моментов се наоѓаат во Израел да ги почитуваат упатствата на безбедносните власти на Израел, како и да се пријават во амбасадата во Тел Авив или на дежурните телефони во централата во Скопје – велат од МНР.
Подетални информации за актуелните состојби може да се најдат на веб-страницата:https://www.oref.org.il/12481-en/Pakar.aspx
За повеќе информации, на располагање се дежурниот СОС-телефон на Министерството за надворешни работи 075/ 273- 732, како и дежурниот телефон на амбасадата во Тел Авив +972-54-926-7378


Загриженост кај светските политичари, сите повикуваат на мир

Гутереш: Да се избегне ширење на конфликтот
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, ја повика меѓународната заедница да направи дипломатски напори за да се избегне ширење на конфликтот меѓу Израел и Хамас. Гутереш „најостро ги осуди нападите на Хамас врз израелските градови во близината на Појасот Газа и централниот дел на Израел“, се наведува во соопштението. Генералниот секретар на ОН изрази „длабока загриженост за цивилното население и повика на најголема воздржаност.
Бразилското министерство за надворешни работи соопшти дека ќе свика итен состанок на Советот за безбедност на Обединетите нации по најголемиот напад врз Израел во последните неколку години.

Американскиот претседател Џо Бајден
инстантно го повика израелскиот
Премиер Нетанјаху
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху телефонски разговараше со американскиот претседател Џо Бајден.
„Американскиот претседател Џо Бајден му се јави на премиерот Бенјамин Нетанјаху и истакна дека САД стојат со Израел и целосно го поддржуваат правото на Израел на самоодбрана“, напиша канцеларијата на Нетанјаху на поранешната мрежа Твитер, сега X.
„Премиерот Нетанјаху му се заблагодари на американскиот претседател Бајден за неговата безрезервна поддршка и јасно стави до знаење дека е неопходна силна продолжена кампања во која Израел ќе победи“, се додава таму.
Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин претходно изјави дека Соединетите Американски Држави ќе работат на тоа Израел да го добие сето она што му е потребно за да се брани.
„Во текот на следните денови, Министерството за одбрана ќе работи на тоа Израел да го има она што му треба за да се одбрани и да ги заштити цивилите од неселективно насилство и тероризам“, се наведува во соопштението на Остин.
Тој додаде дека внимателно го следи развојот на настаните и дека американската посветеност „за правото на Израел да се брани останува непоколеблива“.
Остин изрази сочувство до семејствата на загинатите во овој, како што рече, грозоморен напад врз цивили.
Кина е загрижена за ситуацијата во Израел
Како што претходно предложи мировно решение за војната во Украина, така и во актуелната ситуација околу Појасот Газа, Кина повторно побара смирување на тензиите и крај на непријателствата. Кинеското министерство за надворешни работи соопшти дека официјален Пекинг е длабоко загрижен поради ескалацијата на тензиите и насилството меѓу Палестина и Израел, оценувајќи дека решението на конфликтот е во формирање независна држава Палестина.
„Ги повикуваме страните да останат смирени, да покажат воздржаност и веднаш да ги прекинат непријателствата за да се заштитат цивилите и да се избегне дополнително влошување на ситуацијата“, се наведува во соопштението на кинеското министерство.
Забележано е дека обновениот конфликт уште еднаш покажува дека долгорочното замрзнување на мировниот процес не може да трае.
„Основниот излез од конфликтот лежи во спроведувањето на решението за две држави и формирањето независна држава Палестина“, соопшти кинеското министерство за надворешни работи.
Тоа нагласува дека меѓународната заедница треба да дејствува поитно, да овозможи продолжување на мировните преговори меѓу Палестина и Израел и да се најде начин да се постигне траен мир.

И Кремљ е во контакт со Израел, но и со Палестинците и со арапските земји
Русија е во контакт со Израел, Палестинците, како и со арапските земји во врска со ескалацијата на израелско-палестинскиот конфликт, изјави вчера специјалниот претставник на рускиот претседател за Блискиот Исток и Африка, заменик-министерот за надворешни работи на Русија, Михаил Богданов.
– Сега сме во контакт со сите. Со Израелците, Палестинците, Арапите. Ќе ги разјасниме сите околности. Мораме да разбереме што се случува, зошто и какви ќе бидат последиците – изјави тој, додавајќи дека Русија секогаш повикува на воздржаност.
Богданов додаде дека ескалацијата на конфликтот ја изненади Москва и дека станува збор за неочекувано влошување.