Фото: Пиксабеј

Најголемиот криминал во Грција? Состојбата во редовите на полициските сили. Ова го тврдат опозициските политичари, кои ги ставаат безбедноста и спроведувањето на законот во центарот на вниманието пред одржувањето на општите избори на 21 мај, пишува „Политико“.

Главната опозициска партија, левичарската Сириза, ја обвинува конзервативната Нова демократија – која се надева на уште еден мандат – дека дозволила полицијата да биде управувана од организирани криминални банди. Резултатите од анкетите покажуваат дека конзервативната влада е се уште во водство, иако најверојатно ќе биде потребен и втор круг, кој би се одржал на 2 јули.

-Грчката полиција соработува со криминалот, наместо да се бори против него – рече лидерот на Сириза Алексис Ципрас, додавајќи дека „грчката мафија е во грчката полиција“.

Во последно време, полицијата во Грција е често на насловните страници, и тоа во негативен контекст. Има од се по нешто – наводна вмешаност на полициски службеници во мафијашки банди кои профитираат од нелегалните бордели и казина, убиство на 16-годишно момче Ром при полициска потера, наводно силување во полициско одделение во централна Атина, како и поплаки за полициска бруталност.

Инаку, грчките полициски сили имаат долга историја на корупција и прекумерна употреба на сила, пишува „Политико“ но по победата на Нова демократија во 2019 година – барем што се однесува до платформата за закон и ред – поплаките се намножија. Така, во неодамнешните протести по трагичната железничка несреќа, полицијата беше обвинета за употреба на неоправдано насилство за време на мирните собири, а беа објавени и неколку видеа кои ја разоткриваат бруталноста на полицајците. Во еден од случаите, полициски службеници забрзано се упатиле кон група мирни демонстранти на мотори и фрлале петарди пред нивните нозе. Дополнително, обвинителството нареди истрага откако полициски шлепер со голема брзина се втурна во контејнерите што демонстрантите ги беа поставиле среде улица.

Началникот на полицијата Константинос Скумас беше сменет во март. Во своето отворено писмо, Скумас ги обвини политичарите дека го принудиле да се тргне, велејќи дека тој нема да биде „ничие жртвено јагне“ и тврдејќи дека неговите постапки „предизвикаа силно незадоволство во одредени центри на моќ, што резултираше со насилен прекин на мојот мандат“.

-Неказнивоста, негувањето на заветот за криминално прикривање, недостатокот на одговорност, за жал, се карактеристични за начинот на кој функционира грчката полиција, со толеранција, ако не и соучесништво, на Министерството за внатрешни работи – рече Јоргос Каминис од социјалистичката партија Пасок.

Возврати министерот за цивилна заштита Такис Теодорикакос, нарекувајќи ги обвинувањата на Сириза „клеветнички“ и „штетни за нацијата“, бидејќи тие потенцијално би можеле да ги исплашат туристите.

-Нашата секојдневна грижа во пракса е безбедноста на граѓаните, поради што ставивме крај на беззаконието и деликвенцијата. Токму затоа во 2022 година грчката полиција уапси 7.000 илегални мигранти во Атика (регионот што ја вклучува Атина), а сега поставуваме 600 нови специјални чувари во полициските станици во Атика – изјави министерот пред новинарите за време на посетата на една полициска станица, додавајќи дека Грција е безбедна земја.

Расте бројот на поплаки

Според прелиминарните податоци од канцеларијата на грчкиот Народен правобранител за 2022 година, поплаките на граѓаните против полицијата во споредба со 2019 година пораснале за 50 отсто, а воедно има и пораст од 14 отсто кај инцидентите поврзани со расно мотивирани полициски акции. Грчкиот омбудсман Андреас Потакис изјави за „Политико“ дека односот на владата кон полицијата е „претерано поддржувачки“ и дека може да биде „погрешно протолкуван“ од полицајците, терајќи ги да мислат дека имаат „карт бланш“ да прават се што ќе посакаат.

Една од првите задачи на владата по преземањето на функцијата пред четири години беше да ја заживее полициската единица на мотори, која беше распуштена во времето на претходната влада на Сириза поради кршење на човекови права. Најголем дел од 1.500-те новопримени полицајци беше регрутиран од редовите на специјалните воени сили, додека кадрите од полициската академија едноставно беа „заобиколени“.

Минатиот месец, полицаец пукаше во воздух со пиштол пред атинскиот Универзитет за економија и бизнис во самиот центарот на Атина. Тоа се случи за време на судирите со млади маскирани луѓе со качулки. Објаснувањето на Теодорикакос гласеше дека вакви инциденти се случуваат затоа што во предизборниот период некои луѓе сакаат да ја „надуваат политичката клима“, додавајќи дека одредени луѓе „дури го сакаат мртов“ – коментар што беше остро критикуван од страна на опозицијата.

Злоупотребени овластувања

Полицијата, исто така, беше обвинета за прибегнување кон насилство и заплашување, со цел да ги попречи новинарите да известуваат за демонстрациите и бегалската криза на островите во земјата.

-Имаме случаи на полицајци кои апселе, па дури и соблекувале адвокати и новинари, или ги понижувале, иако нивниот професионален идентитет е познат – вели омбудсманот Потакис.

Лани во декември, 16-годишно момче од ромска националност почина откако беше застрелано во главата од полицијата, откако избегало од бензинска пумпа, наводно, без да плати 20 евра за гориво. Во друг лански случај, 19-годишна девојка пријави дека била силувана во станица од двајца полицајци кои дури и ја снимале „акцијата“. Обвинетите полицајци рекоа дека сексот бил со нејзина согласност. Двајцата се суспендирани додека трае истрагата.

Влегуваме од едно во друго фијаско. Каде се внатрешните истраги што се спроведени? Нема информации, никој не е казнет – изјави пратеникот на Сириза, Христос Спирцис.

Сепак, некои истраги се покренати. Во јануари, главниот обвинител на Врховниот суд Исидорос Догиакос и министерот за внатрешни работи Теодорикакос наредија истрага за односите меѓу високи полициски функционери и членови на мафијата, откако протекоа разговори, кои покажаа како водачи на банди преговараат со полицајци за непречено продолжување на нивните активности.

Ова не е прв извештај за врските на грчката полиција со организираниот криминал во земјата. Поднесени се обвиненија против активни и пензионирани полицајци, заедно со членови на мафијата. Станува збор за широко распространета корупција, при што криминалната организација наводно раководи со рекет во кој се вклучени 900 бизниси – од клубови до бордели и казина – со промет од најмалку 1 милион евра месечно.

Истражувачката веб-страница „Репортерс Јунајтед“ откри дека функционер вмешан во рекетот бил унапреден во директор на Одделот за безбедност на Атика – една од најважните службени позиции во борбата против организираниот криминал. Во обид да се одбрани, полицијата соопшти дека не знаела за обвинувањата против високиот функционер.

Односот на доверливост меѓу граѓаните и полицијата се нарушува кога не се казнуваат оние што го прекршуваат дадениот завет – изјави за „Политико“ грчкиот народен правобранител.

Подготви: Валбурга Батева Николоска