Украинската и американската страна составија список на услови за завршување на војната, кој вклучува 22 „многу конкретни акции“ – изјави специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп за Украина, Кит Келог.
– На Украинците не им се допаднаа сите услови, но никому нема да му се допадне конечниот став што ќе го заземете. Тоа е во ред кога имате преговори. Но, ние сме во прилично добра позиција со нив – изјави Келог за „Фокс њуз“.
Одговарајќи на изјавата на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров дека Русија ќе ја добие војната против Украина, Келог рече дека тоа не одговара на реалноста.
– Руската Федерација нема да ја добие оваа војна. Русија не постигна никаков напредок во последната година и пол. Тие изгубија стотици илјади војници, напредуваат во метри, а не во километри. А Украинците се борат жестоко на своја територија. Па кога Руската Федерација вели дека победува, тоа не е така – рече Келог.
Тој оцени дека Русија треба „да ја препознае промената на околностите“, односно дека Украина, според него, добро се држи, дека европските партнери зајакнуваат и формираат нови сили без помош на Соединетите Американски Држави.
– Тие сега се подготвени да ја зголемат својата поддршка за Украина доколку е потребно – смета Келог.
Како што наведе, војната нема да заврши „воено“, туку само по дипломатски пат.
– Украинците ова сега многу добро го разбираат, а и Русите би требало тоа да го сфатат – додаде Келог.