Во текот на изминатата деценија, меѓу германските лидери почна да се прифаќа идејата дека Германија не може целосно да се потпира на САД во однос на безбедноста, поради тоа што Вашингтон почна да се насочува кон Азија. Кризата што се случува во Украина открива дека реалноста има две страни. Германските сојузници се надеваа дека коалицијата на Олаф Шолц, која ги вклучува зелените, кои се критички настроени кон Русија, ќе отстапи од политиката на одржување на рамнотежата што ја обележи ерата на Ангела Меркел. Меѓутоа, неодамнешните настани покажаа дека таквиот оптимизам е погрешен, пишува Метју Карнитшинг за „Политико“.
Додека Вашингтон се обидуваше да претстави обединет западен фронт во однос на Русија, Германија изгледаше како да се држи настрана. Под влијание на моќен коктел од енергија и комерцијални интереси, како и политичка култура зачинета со добриот стар антиамериканизам, Германија се оддалечува од западниот сојуз.
Пред очите на јавноста, Берлин не дезертира во однос на Украина. Но зад сцената, кога никој не гледа, тонот на Германија се менува. Иако Велика Британија почна да им испраќа тенкови, ракетна артилерија и друго оружје на Украинците, Германија одби да испрати дури и пушки. Наместо да им се приклучи на САД и на другите трансатлантски сојузници за да ѝ помогнат на Украина, Германија се обиде да ја смири топката со Русија, со тоа што повлече еден од најмоќните одвраќачи. Како што се интензивираше кризата, германските владини претставници и политичари жестоко се спротивставија да се користи заканата за исклучување на Русија од меѓународниот систем на плаќања СВИФТ. Тогаш, каков е планот на Берлин? Големата идеја на Германија за решавање на украинската криза е да се обноват неактивните дипломатски процеси познати како Нормандски формат, кој ги вклучува Германија, Франција, Русија и Украина, но не и САД.