Додека Европа вложува напори како да го совлада недостигот од вода во иднина, жителите на Африка се соочуваат со драстичен недостиг од вода во моментов. Детскиот фонд на Обединетите нации (УНИЦЕФ) предупреди дека голем број деца во Африканскиот Рог и Сахел може да умрат поради тешка неухранетост и ризик од болести што се пренесуваат преку вода

Европа и Африка се соочуваат со
драстичен недостиг oд вода за пиење

Алармантни сознанија изнесоа експертите во најновата анализа на Светската организација за заштита на природата (ВВФ). Според оваа анализа, се проценува дека 17 отсто од населението во Европа и 13 отсто од неговиот бруто-домашен производ (БДП) би можеле да се соочат со високи до екстремни ризици од недостиг од вода до 2050 година.
Таа ситуација би можела да се избегне доколку владите и компаниите не преземат итни мерки за зајакнување на отпорноста на општествата и економиите, особено преку решенија засновани на природата. Новата анализа на ВВФ дава јасна слика за регионите што се изложени на најголем ризик од недостиг од вода. Иако некои земји од одреден регион спаѓаат во категоријата со низок ризик, секоја драстична промена на континентот на крајот може да влијае на економијата во сите земји.
Четирите најважни реки на европскиот континент (Дунав, По, Рајна и Висла) се соочуваат со рекордно ниско ниво, загрозувајќи ги бизнисот, индустријата, земјоделството, па дури и снабдувањето со вода за пиење на заедниците.
Новата анализа покажува дека Европа ќе биде уште поподложна на суши и недостиг од вода и дава јасна слика за регионите со најголем ризик.
Сушите во Европа не треба никого да шокираат: мапите за ризик од вода веќе долго време укажуваат на влошување на недостигот од вода низ целиот континент. Она што треба да ги шокира сите е тоа што европските влади, компании и инвеститори продолжуваат да замижуваат пред ризиците поврзани со водата за да се решат сами, но нема да се случи тоа – посочува извршната директорка на ВВФ Адрија, Наташа Калауз.

Анализата за ризик од вода на ВВФ го опфаќа целиот Стар Континент, но ги истакнува земјите што најверојатно ќе се соочат со најголеми ризици до 2050 година, како Грција, каде што 82 отсто од населението и БДП би можеле да доаѓаат од области со висок или екстремен ризик.
Во меѓувреме, три четвртини од населението и БДП на Шпанија би можеле да се соочат со висок ризик, додека градовите во сливот на реката Гвадалкивир (Севилја, Мурсија, Гранада и Кордоба) се очекува да претрпат најголем ризик од недостиг до 2050 година.
Но додека Европа вложува напори како да го совлада недостигот од вода во иднина, жителите на Африка се соочуваат со драстичен недостиг од вода во моментов. Детскиот фонд на Обединетите нации (УНИЦЕФ) предупреди дека голем број деца во Африканскиот Рог и Сахел може да умрат поради тешка неухранетост и ризик од болести што се пренесуваат преку вода. Извршната директорка на УНИЦЕФ, Кетрин Расел, повика на итна помош додека Етиопија, Кенија и Сомалија се борат со голема суша.
Според неа, бројот на луѓе што се соочуваат со суша во Африканскиот Рог е зголемен од 9,5 милиони на 16,2 милиони од февруари, што ги става децата и семејствата под поголем ризик од болести, како колера и дијареја.
– Милиони деца се само една болест подалеку од катастрофа – додаде Расел.