Спасителите го пребаруваат местото каде што падна авионот со Пригожин - Фото: ЕПА

По веста дека лидерот на групата Вагнер настрадал во авионска несреќа

Медиумите, кои со внимание ја следат ситуацијата во Русија, вчера со уште поголемо внимание ја проследија веста дека во авионска несреќа смртно настрадал водачот на воената група Вагнер, Евгениј Пригожин. Иако веста беше примена најнапред со неверување и дилеми дали е тоа вистина, лажна вест или можеби уште еден вешт маневар во целата паралелна медиумска војна, започнаа да пристигнуваат официјални потврди дека веста е вистинита.

Најнапред, службени претставници на компанијата што стои зад групата платеници Вагнер соопштија дека приватниот авион во сопственост на групацијата се урнал на пат од Санкт Петербург до Москва, а дека нивниот водач Евгениј Пригожин бил меѓу патниците во него.

Пригожин и командантот на Вагнер, Дмитриј Уткин, се наведени меѓу седумте патници на авионот, соопшти веднаш потоа и руската воздухопловна управа, цитирајќи ја авиокомпанијата. Во авионот имало и двајца пилоти и една стјуардеса, соопшти воздухопловната управа.

– Авионот на Ембраер Легаси се урна во близината на Кужнекино, област во регионот Твер. Десет лица, меѓу кои и тројца членови на екипажот, беа во авионот. Според првичните извештаи сите во авионот загинале – соопшти прес-службата на Министерството за вонредни состојби. Сојузната агенција за воздушен транспорт на Русија (Росавијација) додаде дека „според списокот на патници, вклучени се и името и презимето на Евгениј Пригожин“. Росавијација соопшти дека е започната истрага за инцидентот.

– Комисијата на Федералната агенција за воздушен транспорт започнува со првични дејства на местото на настанот и исто така започна со собирање фактички материјали за обуката на екипажот, техничката состојба на авионот, метеоролошката состојба на маршрутата на летот, работата на диспечерските служби и копнената радиоопрема – се вели во соопштението на воздухопловната управа.

Немаше официјална потврда од Кремљ или од Министерството за одбрана дека Пригожин и Уткин загинале, но каналот Телеграм поврзан со Вагнер го прогласи Пригожин за мртов.

Според досега објавени информации на руската новинска агенција РИА, која се повикува на извори во службите за итни случаи, телата на осум лица се пронајдени во урнатините. Агенцијата не соопшти дали некое од телата е идентификувано.
Официјалните лица не коментираа каква било можна причина за несреќата. Руските служби накратко соопштија дека е започната истрага за инцидентот.

Кој беше Пригожин?

По веста дека во авионската несреќа во руската област Твер загина шефот на руската паравоена група Вагнер, Евгениј Пригожин, откако приватниот авион се урна, светските медиумите пишуваат дека „Вагнер“ останува без двајца клучни луѓе. Во меѓувреме беше објавен и списокот на сите патници и членови на екипажот што се наоѓале во урнатиот авион. Покрај Пригожин, на таа листа има уште двајца клучни членови на групата.

Пригожин (62) стана популарен и познат на пошироката светска јавност по избивањето на конфликтот меѓу Русија и Украина во февруари минатата година. Членовите на групата Вагнер, меѓу кои имаше илјадници осуденици регрутирани во руските затвори, учествуваа во „најдолгата и најкрвава битка за градот Бахмут во Донецка Народна Република“. Пригожин континуирано ги користеше социјалните мрежи за да ги објави успесите на Вагнер за време на војната и да ги посочи неговите конфликти со руското воено раководство, пред сѐ со министерот за одбрана Сергеј Шојгу.

Првиот човек на Вагнер често изразуваше остри критики кон рускиот воен естаблишмент и ги обвинуваше раководителите на руското министерство за одбрана за неспособност, па дури и за предавство. Во јуни 2023 година, Пригожин стана лидер и на т.н. „бунт“ во кој учествуваа борците на Вагнер.

За потсетување, рускиот претседател најпрво реагираше нарекувајќи го тоа „предавство“ и вети остар одговор од државата, но набргу потоа ситуацијата беше релаксирана со договор за спречување крвопролевање. Недолго потоа, официјална Москва се откажува од кривичното гонење за „оружен бунт“ против Пригожин, а потоа тој и дел од неговите единици заминуваат во Белорусија, наводно за да ѝ помогнат на белоруската армија да се обучи за вистински воени ситуации.

Пригожин на крајот на јули годинава беше фотографиран во Санкт Петербург за време на самитот Русија – Африка, а пред неколку дена се појави во видео за кое рече дека е снимено во Африка, континент каде о Вагнер има голем број деловни интереси.

Кој друг од водството на Вагнер беше во паднатиот авион

Покрај него, во авионот што се урна беше и Дмитриј Уткин, десната рака на Пригожин и една од клучните фигури во Вагнер. Уткин беше резервен потполковник. До 2013 година, професионалниот војник командуваше со 700-от одделен одред за специјални сили на втората одделна специјална бригада на главната управа за разузнавање на Министерството за одбрана стациониран во Печори, Псковската област. Од 2014 година командувал со сопствената единица, која според неговиот повик го добила кодното име „Wagner PMC“. Уткин доби неколку ордени за храброст за неговите постапки на бојното поле.

Во соборениот авион се наоѓал и Валери Чекалов, шеф на службата за безбедност во групата Вагнер. Чекалов беше одговорен за сите движења на Пригожин, транспортната логистика и беше единствениот што точно знаеше кога и каде е Пригожин. Тој стана познат во јавноста минатата година, кога мнозинството западни земји, кои ја поддржуваат Украина, му воведоа санкции поради војната и поддршката за Русија.

Инаку, спасувачките служби соопштија дека се пронајдени телата на сите десет патници. Покрај горенаведените, според руската Федерална агенција за воздушен транспорт, на списокот на патници биле и: Пропустин Сергеј, Макаријан Евгениј, Тотмин Александар, Матушев Николај.

Меѓу членовите на екипажот беа пилотот Левшин Алексеј, копилотот Каримов Рустам и стјуардесата Кристина Распопова.