Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) синоќа соопшти дека нејзини претставници извршиле инспекција во оштетената кула за ладење на украинската нуклеарна централа Запорожје, но не може веднаш да ја утврдат причината за пожарот, што изби на 11 август.
Москва и Киев меѓусебно се обвинуваат за подметнување пожар во огромна неактивна нуклеарна централа во Украина, при што Русија обвини за напад со беспилотно летало, а Украина наведе дека најверојатно станува збор за руско невнимание или подметнување пожар.
Тимот на МААЕ не најде непосредни докази за остатоци од беспилотни летала и оцени дека примарниот извор на пожарот најверојатно не бил во основата на разладната кула.
– Тимот не беше во можност да донесе конечни заклучоци (за причината за пожарот) врз основа на досегашните наоди и набљудувања – се наведува во соопштението на МААЕ.
Ниту Москва ниту Киев не пријавија знаци на зголемена радијација.
МААЕ соопшти дека штетата најверојатно била концентрирана во кулата на ниво на дистрибуција на воден млаз, на висина од приближно 10 метри.
– Нуклеарната безбедност на електраната не е загрозена бидејќи кулите за ладење во моментов не се во функција – тврди МААЕ.
Русија ја зазеде нуклеарната електраната Запорожје набргу по инвазијата врз Украина во 2022 година.