Косовските граѓани можат да патуваат без визи во 27 земји од шенген-зоната. Оваа слобода на движење со себе носи и одредени опасности, како што е уште поголем одлив на работна сила од Косово, а некои аналитичари тврдат дека и половина милион жители би можеле да ја напуштат земјата

Косово: Визната либерализација на ЕУ носи ризик од масовно емигрирање

За периодот од 2018 до 2022 година, се проценува дека Косово го напуштиле 156.080 жители или речиси 8,85 отсто од населението на земјата, се наведува во соопштението на косовското министерство за внатрешни работи. Од 2020 до 2022 година, во Косово емигрирале 26.329 жители, додека од Косово се иселиле повеќе од 93.000 жители. Се проценува дека на 1 април 2011 година во странство живееле 703.978 државјани на Косово, додека до крајот на 2022 година тој број пораснал на 949.719 или 53,89, покажуваат податоците на Министерството за внатрешни работи на Косово.
Овој своевиден „егзодус“ може да се интензивира по визната либерализација за патување на косовските граѓани, која почна да важи во земјите од Европската Унија. Од 1 јануари 2024 година, граѓаните на Косово можат да патуваат без визи во 27 земји од шенген-зоната. Оваа слобода на движење со себе носи и одредени опасности, како што е уште поголем одлив на работна сила од Косово, а некои аналитичари тврдат дека и половина милион жители би можеле да ја напуштат земјата, пишува „Еуроњуз Србија“.

Во потрага по подобри услови за живот, голем дел од работниците во приватниот сектор, како и голем број лекари, заминаа во земјите од Европската Унија. Причините за заминувањето биле ниските плати, немањето договори за вработување и здравствена заштита, неплатената прекувремена работа и ноќната работа. Меѓутоа, проблемот со иселувањето сега ќе се прошири и кај младите луѓе, кои лесно би можеле да одлучат да ја градат својата иднина во странство. Според податоците на албанската агенција ИНСТАТ, по визната либерализација, Албанија во изминатата деценија ја напуштиле 200 илјади работници од различни занимања, а во истиот период дури 230 илјади работници од Македонија.
Граѓаните на Република Косово од 1 јануари можат без виза да патуваат во земјите од шенген-зоната, под услов да се почитуваат одредени правила, чие непочитување повлекува парична казна или забрана за влез. Политичкиот аналитичар и професор Нејмедин Спахију, сепак, смета дека по стапувањето во сила на визната либерализација, околу половина милион жители на Косово годинава ќе заминат во земјите од Западна Европа.
– Речиси секое семејство од Косово има барем еден член што живее и работи на Запад. Во Косово платите се многу ниски, а невработеноста е висока. Многу млади луѓе својата иднина ја гледаат во развиените земји од Западна Европа. Очекувам дека само годинава, околу половина милион жители на Косово ќе заминат на Запад – изјави Спахију за агенцијата „Бета“.

Минатата година двојно се зголемил бројот на работни дозволи што ги издава Германија за граѓаните на Косово. Повеќе од половина се градежни работници.
Економскиот аналитичар Сафет Грџалиу посочува дека во последната деценија во Косово нема зголемување на платите и дека приватниот сектор мора да добие поддршка.
– Во приватниот сектор немате ни закон за минимална плата, немате ни зголемување на платите во последните 10, 12 години, а тоа ќе биде најголемиот предизвик. Мислам дека јавно-приватниот дијалог мора да биде зајакнат, мора да има поддршка за приватниот сектор – смета Грџалиу.
До први јануари, косовските граѓани за визите вообичаено требаше да чекаат од два до три месеци. Дополнително за бирократските трошоци се плаќаа околу 170 евра, што е повеќе од една третина од просечната плата во Косово. Р.С.