Работниците се приспособиле на новиот начин на работа, но им недостига работната атмосфера

Искуството од пандемијата по системот „работа од дома“ ќе предизвика промени на пазарот на трудот, а некои работници нема да мора да одат во канцелариите, што ќе значи заштеда за компаниите

Во годините што следуваат некои работници повеќе нема да се вратат во своите канцеларии и работни простории, а за тоа нема да биде причина само епидемијата на коронавирусот. Во наредните две-три децении ќе има голема промена на пазарот на трудот, а како ќе изгледа во иднина „работата од дома“ покажува и примерот на словенечката енергетска компанија што успешно дејствува во Хрватска. Андре Шајн, членот на управата на ГЕН-1, истакнува дека неговата компанија веќе донела одлука некои од вработените повеќе никогаш да не се вратат во своите канцеларии, но не планира ни да ги отпушти, туку ќе им овозможи да продолжат со работа од дома. Шајн на видеоконференција отворено призна дека до појавата на пандемијата не ни верувал дека работата на далечина е можна, затоа што неговата фирма вработува 500 луѓе, пренесува „Пословни.хр“.

Хрватскиот портал за бизнис посочува и на примерот со мултинационалната компанија ЦНБЦ, која на различни делови во светот вработува повеќе од 60.000 лица.
– Пред три месеци да ни кажеа дека 90 отсто од вработените можат да работат надвор од фирмата, и тоа во обемот што го имаме, ќе изјавев дека веројатноста да се случи тоа е еднаква на нула. Но се случи тоа – изјави Морган Стенли, директор на ЦНБЦ.
Епидемијата покажа дека не само енергетскиот сектор и ИТ-индустријата, која и порано применуваше ваков начин на работа, туку и во други дејности се можни промени во начинот на работа. Неодамнешното истражување на порталот „Мој посао“ покажа дека во Хрватска, за време на изолацијата, 69 отсто од вработените работеле од дома. Околу четири отсто на овој начин работеле и порано, а девет отсто искажаа став дека не го сакаат работењето од дома, додека 18 отсто од вработените извршуваат обврски што бараат да бидат на терен или во канцеларија.

Во словенечката компанија ГЕН-1 околу 80 отсто од вработените искажале заинтересираност за работа од дома и по олабавувањето на мерките поради епидемијата. Шајн не крие дека поради работата од дома трошоците за енергија му се намалиле за 70 отсто, а помалку време и енергија на вработените се троши на пат до работа и до дома. Не треба да се занемарат и трошоците за работа на интерниот ресторан, како и помалите трошоци за одржување на деловните простории.
Центарот за истражување на јавните политики спроведе анкета за работа од дома во Србија со наслов „Дали карантинот ве научи да работите од дома“. Целта на анкетата беше да се извлечат поуки и подготовки со препораки за вработените, работодавците и извршната власт во иднина да бидат подготвени за организирање онлајн работа од дома.

– Ова се прелиминарни резултати. Анкетата опфати 200 лица од Белград и други градови во Србија – вели Тања Јакоби за „Политика“.
Околу половината од анкетираните одговориле дека го задржале работното време од осум часа на ден. Во другата половина се лицата што работеле помалку или повеќе, односно од 10 до 12 часа на ден. Околу 37 отсто работеле на интернет-платформата на работодавците. Меѓу испитаниците, околу 80 отсто се изјасниле дека добро се снашле во онлајн работа, а 20 отсто одговориле дека немале доволно време да се подготват, но брзо се приспособиле. Само три отсто изјавиле дека не успеале да се приспособат на работа од дома.

Учесниците во анкетата истакнале дека ваквиот начин на работа ги заштитил од заразата, но нагласиле дека им недостигаат работата во тимови и дружењето со колегите. За постојана работа од дома навеле дека им се потребни подобри технички услови, работна маса, подобар компјутер и посебен простор, како и подобри инструкции од работодавците…
„Политика“ пренесе и искуството на работници од Суботица, кои по воведувањето на работата од дома се обратиле до градската народна правобранителка. Тие барале совети за тоа дали работата треба да ја извршуваат од личен компјутер и дали работодавците имаат право да им велат да работат од дома доколку не постојат работни услови, поради присуството на другите членови на семејството.

– По нашето објаснување, една фирма ја одложи работата од дома за една недела, додека не им обезбеди на сите вработени службени компјутери. На новиот начин подобро се снајде јавниот сектор, кој побрзо пристапи на препораките од Владата, за разлика од приватниот сектор. Немаше некои поголеми прекршување на Законот за работа, а сите недоречености беа решавани во од – вели градската народна правобранителка Ерика Тот Салаи.