Шефот на бугарската држава Румен Радев се сретна со еврокомесарот за соседство и проширување Оливер Вархеј, пренесува МИА.
-Радев изрази загриженост до комесарот на ЕУ, Оливер Вархеј, поради недостигот на напредок по прашањето за промена на Уставот на Република Северна Македонија и вклучувањето на Бугарите како конститутивен дел од државотворните народи. Радев се сретна со Вархеј на „Дондуков“ 2 – соопшти прес-службата на претседателот.
-Вклучувањето на Бугарите во Уставот е задолжителен услов за Република Северна Македонија да ги започне преговорите за влез во ЕУ. Од РСМ тврдат дека работат на текстот за вклучување на Бугарите во Уставот, но лично не сум видел ниту нацрт за измена на нивниот основен закон – изјави на почетокот на месецов потпретседателката Илијана Јотова.
-Само со почитување на човековите права и принципите на добрососедство Република Северна Македонија може да напредува во процесот на европска интеграција – му посочи денеска Радев на Вархеј.
-Сведоци сме на зголемена системска дискриминација, полициско, административно и судско самоволие кон бугарските здруженија, зголемен број кривични дела од омраза врз Бугарите и луѓето со бугарски идентитет во Република Северна Македонија – рече Радев.
Претседателот ги истакна систематските притисоци и навлегувања врз Бугарите и бугарските клубови во РСМ во последните месеци, како и донесувањето акон со ретроактивно дејство врз фондациите и граѓанските здруженија, врз основа на кој беа затворени само два бугарски клуба од 17.000 невладини организации во земјата.
-Бугарија високо ја цени активната работа и рационалниот пристап на Европската комисија и лично на комесарот за проширување и соседство за забрзување на процесот на европска интеграција на земјите од Западен Балкан, што е особено важно за гарантирање на стабилноста и безбедноста на Европа – посочи претседателот Радев и додаде дека токму како резултат на неговите плодни средби со комесарот Вархеј и активната заедничка работа е развиена преговарачката рамка, која го отвори патот на РСМ кон ЕУ, а во исто време гарантирајќи ја заштитата на правата на Бугарите во земјата и на бугарското културно и историско наследство.
-Бугарија високо ја цени реакцијата на европските институции и острата осуда за одбивањето на Северна Македонија на 6 мај да го прими европратеникот Андреј Ковачев на своја територија. Очекуваме вакви реакции не само кога се засегнати правата на пратениците во Европскиот парламент, туку и на обичните европски граѓани, на граѓаните на РСМ со бугарска самосвест – додаде тој.
Комесарот го изрази разбирањето на Европската комисија за важноста на отворените прашања меѓу Бугарија и РСМ и посочи дека забрзувањето на процесот на проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан може да се постигне само доколку е прифатливо за сите земји. Вархеј исто така изјави дека критериумите од Копенхаген се јасно наведени и недвосмислени и ЕК ќе продолжи да го следи нивното спроведување.
Оливер Вархеј е во посета на Бугарија за да учествува на форумот „ЕУ се среќава со Балканот“, кој годинава е посветен на 50-годишнината од првото проширување на ЕУ. -Новите членки од Балканот ќе донесат можности за Европската унија – изјави претходно денеска еврокомесарот.