Хрватска со нова афера

Загрепските медиуми деновиве обелоденија скандал во чиј фокус се најде првата дама Сања Мусиќ-Милановиќ, сопруга на хрватскиот претседател Зоран Милановиќ. Имено, според пишувањето на дневните весници, но и на дел од порталите, таа извршила притисок врз директорката на загрепската класична гимназија, Здравка Мартиниќ- Јерчиќ, две веќе заклучени оценки на нејзиниот помал син, на една недела од завршувањето на учебната година, да бидат поправени на волшебен начин. Така, прекуноќ, четворките по математика и латински, во дневникот станале петки. Притоа се укажува дека помладиот син на претседателот е ученик во трети клас во класичната гимназија и дека е примерен ученик, кој имал петки по повеќето предмети, но не и по математика и латински, па морала да интервенира мајката.
И нормално, како што обично се случува, работата набргу се дознала, па за неа низ градот почнале да зборуваат професорите и родителите на ова елитно средно училиште. Тоа ги поттикнало љубопитноста и професионалниот предизвик на новинарите, кои откриле дека професорката по математика, на која претходно се вршел притисок да ја претвори четворката на синот на претседателот во петка, самоиницијативно одлучила тоа убаво да го направи за уште пет ученици во истиот клас, кои имале ист просек како него. Нејзиниот пример го следела и професорката по латински, која на сличен начин ги претворила четворките во петки.
Во целата оваа ситуација останува нејасно зошто Милановиќ интервенирала, просекот да му биде 5,00, кога дури и со две четворки е одличен. Инаку, тоа можело да се направи на легален начин за време на учебната година, а не по една недела од крајот на годината да се преправаат оценките.

Патем, Законот за воспитание и образование во Хрватска вели дека учениците во основно или средно училиште, како и родителите што не се задоволни од оценката, имаат право на жалба до Наставничкиот совет во рок од два дена од заклучувањето на оценката. Во овој случај ништо од ова не е испочитувано.
Она што го прави скандалот уште поатрактивен за најшироката јавност е, според медиумите, е сознанието дека во училиштето се јавила Сања Мусиќ-Милановиќ, по што ѝ праќала мејлови на директорката и на крајот лично отишла во гимназијата. Наводно, на таа средба Сања Мусиќ-Милановиќ ѝ се пожалила на директорката на професорката по математика и рекла дека обезбедувањето на нејзиниот син видело како таа ги пуштала децата 10 минути порано на последниот час кога се завршувале оценките и дека наставничката имала направено печатна грешка на тестот, па таа требало на некој начин да се дискредитира.
Но скандалот не завршува тука. Новинарите копале подлабоко, па добиле изјава од пензионирана професорка, која тврдела дека првата дама истото тоа го правела и пред осум години, кога нејзиниот сопруг бил премиер и кога истото тоа го побарала и за нејзиниот постар син. И тогаш станувало збор за математика. Постариот син на Милановиќ тогаш бил ученик во втор клас, сите му биле петки, освен по математика и латински, исто како и неговиот помал брат, и навистина бил одличен ученик, според она што го кажала неговата поранешна професорка по математика, но едноставно во тој втор клас никако не можел да добие петка.

Подготвил: Марјан Велевски