Застојот во политичкиот живот на Бугарија поради неможноста да се избере нова влада веќе прима загрижувачки размери
Бугарија
Портпаролот на бугарската техничка влада, Антон Кутев, сигнификантно под стрес во врска со формирањето на Влада во Софија изјави дека ако сега не се формира влада, тогаш тоа нема да се случи ни за 10 години. Се разбира дека тоа е само една метафора, меѓутоа пораката одекна многу силно и во Бугарија и во регионот.
– Најважно е луѓето во парламентот да сфатат дека мора да има стабилна влада. Тие што треба да владеат не го прават ова. Тие прават нешто друго. Во парламентарна република, политичкиот систем мора да биде управуван од парламентот. Кога имаме проблем таму, она што се случува е нешто што не сме го виделе 35 години. На претседателот и на техничките им се бара да преземат одговорност, а тие треба да бидат само механизам за поддршка – објасни портпаролот на бугарската техничка влада, Антон Кутев.
Според него, во моментов претседателот преку преодната влада, добро или лошо, во голема мера управува со државата.
– Претседателот прави сѐ за да се одложат разговорите, бидејќи партиите не се подготвени- додаде Кутев.
Се огласи и бугарскиот претседател Румен Радев, кој нагласи дека не може да се формира влада во државата „по секоја цена“.
– Не може да има влада по секоја цена, како производ на заткулисни и непринципиелни договори, а во исто време ќе инсистирам на конструктивен, отворен, ефективен дијалог, ќе инсистирам на исцрпување на сите можни опции за формирање влада – рече Радев, кој се консултира со парламентарните сили во 48. Народно собрание, според Уставот, пред да го предаде првиот мандат за формирање влада.
Изјавата беше дадена на консултациите со претставниците на политичката партија Продолжуваме со промените.
Од своја страна, копретседателот на Продолжување на промените, Кирил Петков, истакна дека им е драго што се во Претседателството. Тој појасни дека при носењето на одлуките ќе се водат од два принципа – да се решат што повеќе реални проблеми за граѓаните, каде што се декларирани 16 политики. За првиот мандат, Петков изрази подготвеност да разговара со ГЕРБ за политиките, но нагласи дека овој пат нема да ја поддржат нивната влада.
Неговиот најблизок соработник и сопартиец Асен Василев смета дека бугарските граѓани на нивната партија ѝ ја доделиле улогата на опозиција, а на ГЕРБ ѝ ја дале одговорноста за управување.
– Доколку добиеме втор мандат и го реализираме, ќе треба да се направат голем број реформи, не само во судството туку и во целиот безбедносен систем на земјата – додаде тој.
Претходно веќе беа одржани првите консултации со претставниците на најголемата пратеничка група – ГЕРБ-СДС. Лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, притоа изјави дека има само една формула и ќе има влада само доколку се разговара во нова контакт-група и се решат приоритетите. Борисов го истакна хоризонтот за влада до мај-јуни.
По завршувањето на разговорите со сите политички сили во 48. Народно собрание, ќе почне процедурата за врачување на мандатите за формирање влада. Според Уставот, првата опција е најмногубројната парламентарна партија ГЕРБ-СДС, втората Продолжуваме со промените, а третата ја избира претседателот.