Главниот гасовод за испорака на руски гас до Германија, „Северен тек“, од вчера е затворен поради ремонт, но стравувањата се дека Москва никогаш нема да го врати во функција. Цените на природниот гас на европскиот пазар повторно рапидно растат и веќе ја надминаа цената од 1.800 долари за илјада кубни метри гас. Драматична прогноза пристигна и од Русија, каде што некои аналитичари предвидуваат дека цената на синото гориво во Европа може да достигне неверојатни 3.500 долари. Оваа тема деновиве е особено актуелна во светските медиуми, при што се коментира дека недостигот од гас се одразил на целата светска економија и се заканува со рецесија и нов бран инфлација. Во исто време, увозот на ЛНГ во Европа ќе може да задоволи само 40 отсто од потребите за гас до 2026 година – што сè уште е далеку од количествата што ги испорачува Русија. Дали на Европа и се заканува страничен удар што многумина го споредуваат со шаховската игра кога се дава шах со коњот

По вчерашното запирање на испораката на руски гас за Германија, Европа стравува дека ѝ се заканува „шах со коњ“

Со затворањето на американскиот терминал за извоз на ЛНГ, Фрипорт, предизвикан од минатомесечниот пожар, цените на гасот во Европа и во Азија се зголемија за повеќе од 60 отсто за само неколку недели, а тоа се совпадна со понатамошно намалување на понудата од Русија.
Природниот гас е малку поевтин во САД, но дури и таму цените на фјучерсите се зголемија повеќе од двојно пред исклучувањето на Фрипорт. По пожарот, гасот поевтини на домашниот пазар бидејќи добиените количества не може да се извезуваат до европските клиенти од споменатиот клучен терминал.
Додека клучните политички сојузници на САД од Германија до Украина очајно го бараат американскиот гас, производителите предупредуваат дека зголемената продажба во странство ќе ги зголеми трошоците дома, а според експертите, ќе биде потребен огромен бран инвестиции за снабдување за да се задоволи новата побарувачка.
„Тоа е затоа што природниот гас сега е најпопуларната стока во светот и клучен фактор за глобалната инфлација. Дури и според денешните стандарди на турбулентните пазари, скоковите на цените се најневеројатни: во Европа тие пораснаа за дури 700 отсто од почетокот на минатата година, а континентот е на работ на рецесија. Се наѕира нова ера на конфликти на големите сили – толку горчлива што престолнините низ Западот ги оставаат на страна своите планови за климатските промени“, оценува американскиот „Блумберг“.
Накратко, природниот гас сега се натпреварува со нафтата како гориво што ја дефинира геополитиката. И нема да има доволно за секого, пренесуваат медиумите.

Проблемите за Берлин почнуваат сега

Германија е во голема неволја. Економскиот центар на Европа веќе се соочува со невидена перспектива кога и компаниите и потрошувачите може да останат без електрична енергија, наведуваат медиумите и предупредуваат дека дополнителните проблеми за Берлин почнуваат сега, кога главниот гасовод за испорака на руски гас до Германија, „Северен тек“, е целосно исклучен, поточно затворен поради одржување, со стравувањата дека Москва никогаш нема да го врати во функција.
Многу земји се потпираа на природен гас за брза транзиција кон почиста енергија и постепено отстранување на „валканите“ фосилни горива како јагленот и, во некои случаи, нуклеарната енергија. Големите производители како што се САД силно се искачија во рангирањето на извозниците на ЛНГ и се натпреваруваат со Катар за глобална доминација, при што побарувачката за нивните производи постојано се зголемува. Но транспортот е многу потежок од нафтата, бидејќи треба да се претвори во течна состојба за товарење на танкери со ЛНГ.
Левичарскиот експерт за енергетика Клаус Ернст повикува на преговори со Русија за сигурно снабдување со гас и пуштање во употреба на гасоводот „Северен тек 2“. Во контекст на големиот пораст на цените во Германија, неморално е да се одржуваат санкциите против Русија како и обично, изјави Ернст за германските медиуми во средата.
– Федералната влада сега мора да направи сѐ за да го обезбеди снабдувањето со енергија. За да го направите тоа, треба да разговарате со Русија, и покрај војната, која е нелегална според меѓународното право. Доколку е потребно, и за ставање во функција на „Северен тек 2“ на ограничен временски период, доколку снабдувањето со гас не може да се гарантира на друг начин – рече Клаус Ернст, пратеник во Бундестагот, кој е и претседател на Комисијата за енергија и клима.
Но за овие ставови германскиот политичар нема поддршка ниту од лидерот на сопствената партија. Така, нејзиниот лидер Дитмар Барч јасно стави до знаење на Твитер: „Левицата НЕ бара почеток на разговорите за ’Северен тек 2‘“. Се спротивставија и двајца политичари од врвот на таа партија, Жанин Вислер и Мартин Ширдеван. „Партискиот конгрес донесе јасни одлуки. Бараме ограничување на цената за увозот на гас, насочени санкции против олигарсите, пуштање во употреба на ’Северен тек 2‘ и забрзување на енергетската транзиција“, напишаа тие поединечно на Твитер.
Во интервју за германската новинска агенција, Ернст им возврати на своите критичари велејќи дека користењето на „Северен тек 2“ би траело само околу два или три месеци доколку не може да се користи „Северен тек“. Притоа, медиумите шпекулираат дека стравувањето во Берлин е дека по 10-дневниот ремонт, Москва повеќе нема да сака да го отвори повторно.
Тој додаде дека Германија е зависна од рускиот гас и дека ниту една друга земја не може да го замени тоа количество на краток рок.
– Ние сме целосно во рацете на Русија. Енергетските санкции не ѝ нанесоа штета на Русија, туку на Германија. Запирањето на горивото би ја загрозило индустријата – додаде Ернст.

Владината политика на санкции е целосно погрешна

Како енергетски и климатски политичар, Ернст не е сам во своите ставови. Поранешната шефица на клубот на партијата, Сара Вагенкнехт, исто така на Твитер напиша: „Економската војна нѐ уништува нас, а не Русија! Укинете ги санкциите, набавете си гас од ’Северен тек 2‘ ако треба!“
Во интервју за „Рајнише пост“, Ернст наведува дека производителите, како и германските граѓани, се принудени да ја поднесат целосно погрешната политика на санкции што ја спроведува Владата. Тој, исто така, нагласи дека прекините на снабдувањето со гас може да предизвикаат „непоправлива штета на германската индустрија“ и дека затоа Владата треба да го обнови дијалогот со Русија.
Неодамна, американски „Блумберг“ објави дека ниту еден од итните планови што ги донесе официјален Берлин со цел да се спречи кризата поради недостигот од руски гас нема да успее и дека Германија се соочува со студена зима и големи економски и социјални проблеми.
На ваквата констатација се надоврзуваат германските медиуми, за кои зборовите на Клаус Ернст звучат сосема логично. Но земајќи ги предвид актуелните геополитички околности во кои се најде Германија, како и поради составот на коалициската влада на членот на СПД, Олаф Шолц, во која учествуваат Зелените и ФПД, кои од предизборната кампања минатата година (долго пред руската воена интервенција во Украина) силно се противат на гасоводот „Северен тек 2“ – предлозите на Ернст немаат апсолутно никакви шанси за успех. Нешто би морало драматично да се промени во германската аналитичка мисла во структурите на моќ, или на глобалната, или барем европската политичка сцена за да биде возможно нешто вакво, што го предлага Ернст.
Иронијата е што во Берлин треба само да се „притиснат копче“ и да го стават во употреба споменатиот гасовод, кој веќе е исполнет со гас – и би биле решени сите енергетски проблеми за Германија и за голем дел од Европа. Тоа е, некако, како да мрзнеш среде сурова зима во куќа покрај шпорет наполнет со дрва, подготвен за палење, без да држиш кибрит во рака бидејќи не сакаш да го запалиш, коментираат германските медиуми.