Хрватска
Тргнувајќи од фактот дека минатата година во Хрватска беа издадени вкупно 172.499 дозволи за престој и работа, а од нив дури 37 отсто им се издадени на државјани на Непал, Индија, Филипини, Бангладеш, Турција и на други далечни земји, социолозите предупредуваат дека државата мора итно да преземе мерки за нивната интеграција да биде успешна. Деновиве повеќе хрватски медиуми пишуваа за оваа состојба, а лавината ја поттикна деновиве државната новинска агенција „Хина“.
Хрватска најпожелна дестинација на пазарот на трудот
Гореспоменатите бројки укажуваат дека Хрватска станува пожелна како работна дестинација. Забележливо е дека досега во Хрватска доаѓаа главно работници од соседните и од блиските земји, сега оваа понуда на пазарот на трудот се проширува. Државниот секретар во Министерството за труд, Давор Видиш, изјави дека и покрај бројот на издадени одобренија, во Хрватскиот завод за пензиско осигурување на последниот ден од минатата година биле регистрирани околу 90 илјади странски работници. Во исто време, нема јавни податоци за структурата на странските работници, а, за жал, нема аналитика за тоа колку време тие престојуваат во Хрватска.
Апроксимативна слика за условите за живот на увезената работна сила може некако да се согледа од медиумските извештаи, социјалните мрежи и огласите за сместување. Иако е лесно да се забележи дека странските работници се вработени во најнископлатените професии, во исто време цвета работата на агенциите за посредување при вработување што ги доведуваат, а просперираат и изнајмувачите на сместување.
Услови за работа за „увезената работна сила“ во Хрватска
Странските работници понекогаш сакаат да зборуваат за условите за работа и живот со кои се соочуваат по пристигнувањето во Хрватска. Меѓутоа, кога зборуваат за тоа, често истакнуваат дека тие се многу подобри од нивните домицилни земји, од каде што потекнуваат, но дека би можеле условите за работа во Хрватска да бидат и подобри.
Новинарката на „Хина“, Дубравка Грубишиќ, разговарала со некои работници од Непал, при што тие издвоиле неколку интересни работи.
– Во споредба со Непал, Хрватска е десет пати подобра – вели Јогмани Кафле, 30-годишен Непалец што дошол пред две и пол години со намера да работи во Хрватска. Новинарката разговараше со Кафле и неговите двајца колеги, Дурга Адхикари (30) и Сунил Бама (35), кои работат во здружението НРНА – еден вид непалско здружение во Хрватска, во сè уште неотвореното прво непалско кафуле во Загреб.
Зборувајќи за условите на кои наидоа при пристигнувањето, но и за тоа како се снаоѓаат во новата средина, се разговараше на голем број теми. Додека претседателот на здружението, Сунил Бам, гордо ги покажува фотографиите што ги има со локални политичари, тој исто така вели дека здружението работи на промовирање на интересите на непалските работници во Хрватска. Меѓу другото, неодамна почнаа да организираат и курсеви по хрватски јазик.
Во моментов во Загреб има повеќе од пет илјади Непалци, вели третиот соговорник Адхикари, кој ги отвора првото непалско кафуле и продавница во Загреб. Со насмевка и гордост велат дека во април ќе им ја организираат и новогодишната ноќ на Непалците. Сепак, една од нив сведочи за тоа колку е тешко патувањето за работниците увезени преку агенции.
– Дојдов во Хрватска заедно со неколку сонародници. При слетувањето во Загреб, по два и пол часа чекање, сфативме дека никој не дошол да нѐ земе – вели Кафле, кој официјално помина само 15 дена на своето прво работно место во Метковиќ.
Според приказната, газдата им давал по 10 куни дневно за да можат да платат храна, а по 15 дена заедно со другите работници бил вратен назад во Загреб бидејќи во Метковиќ немало работа за нив. Откако се вратил во Загреб, неколку месеци работел на градилиште, но и за таа работа, како што тврди, не бил платен, па во Чиово нашол нова можност да заработи.
– Работев како келнер додека не паднав од мотоциклот со кој патував од сместувањето до ресторанот. Ја повредив раката, а сопствениците истиот ден ме вратија во Загреб, бидејќи повеќе не им бев корисен. Не знаев каде одам. Се качив во автобусот за Загреб и плачев – вели Кафле, кој во такви услови успеал да остане во Хрватска само преку случајни познанства.
Нашол работа на платформа за достава, за која прво доставувал храна на велосипед, а сега е менаџер на други доставувачи, работи од дома и е задоволен.
Како да се обезбеди целосна интеграција на странските работници во општеството, бидејќи во спротивно, ќе има – гетоизација
Додека државата работи на дизајнирањето имиграциска политика (приспособување на позитивното право за да има соодветен пристап кон странските работници обезбедувајќи им соодветни работнички и човекови права, потоа одредено познавање на хрватскиот јазик итн.), социолозите предупредуваат дека се доцни со интегралниот пристап и третман на имигрантите и работната сила што доаѓаат однадвор. Имено, социолозите превентивно предупредуваат на интеграција на дојденците во хрватското општество.
– Државата треба итно да дејствува и да направи многу – посочува Драган Багиќ од Филозофскиот факултет во Загреб. И покрај тоа што јавноста ја нагласува потребата да се осигури дека странските работници го учат хрватскиот јазик, што е важен услов за нивната интеграција во општеството, Багиќ смета дека таквиот поглед на целиот процес е „од прва рака, површен и непрофесионален“. – Тоа е еден од многуте услови за интеграција – вели Багиќ и посочува дека државата мора исто толку енергично да ги подобри условите за работа и живот на странските работници.
– Деновиве видовме пример од медиумите за намерите на работодавачот да смести 40 работници на еден простор, на кревети, како во барака. Во таков простор не може да има нормален живот, ниту во него да се сместат 40 локални работници. Тоа е нож во грб за интеграцијата – истакнува Багиќ. Тој предупредува дека ваквите услови за домување ќе доведат до гетоизација на имигрантите, па државата, доколку сака да обезбеди целосна интеграција на странските работници во општеството, треба да обезбеди имигрантите да имаат солидни услови за живот.
На повидок нема стратегиски пристап кон проблемот со миграцијата
Централниот државен завод за демографија и млади признава дека во Хрватска сè уште нема стратегиски пристап кон миграцијата. Работата на таа стратегија штотуку започна, а меѓу другото се планира формирање посебна канцеларија што ќе ја координира и надгледува политиката за миграција и интеграција и ќе го подобри собирањето на миграциските статистики. Но тоа сѐ уште е многу далеку.
За нападите врз странски работници од почетокот на годинава, министерот за внатрешни работи Давор Божиновиќ претходно изјави дека ваквите напади се „изолирани инциденти“. Но самото министерство не води посебна статистика за странски работници како жртви на криминални дела. Во годишниот извештај на МВР само се наведува дека во 2022 година се евидентирани 14,2 отсто од кривичните дела врз странски државјани воопшто, но во оваа статистика се вклучени и туристите.
Ангел Митревски, дописник на „Нова Македонија“ од Хрватска