Во пресрет на претстојните избори во Бугарија одредени партии ја користат тензијата во односите меѓу Софија и Скопје, за да се обидат да го подигнат својот рејтинг и популарност, што ги загубија во последните години, изјави за Бугарското национално радио (БНР) поранешниот бугарски заменик министер за надворешни работи Милен Керемедчиев.
– Дури и да се предизвикаат судири и немири, партиите, кои се сметаат за патриотски, одат со одредена цел. Тоа е дополнително да ги влошуваат односите меѓу Бугарија и Северна Македонија – изјави Керемедчиев.
Според него, станува збор за партии кои имаат блиски контакти со Русија, но и со Србија.
– Зад овие провокации стои желбата за трајно наштетување на нашите билатерални односи – додаде Керемедчиев.
Осврнувајќи се на повлекувањето на бугарскиот амбасадор Ангел Ангелов во земјава на консултации во Скопје, Керемедчиев изјави дека тоа е претпоследна мерка, а последна би била неговото отповикување, за што изрази надеж дека нема да се случи.
– Бугарија мора внимателно да ги документира и презентира сите примери на агресивност и говор на омраза пред ЕУ. Нивниот главен проблем сега е дали ги исполнуваат критериумите. Судија на тој двобој е Европската комисија – истакна Керемедчиев.
На македонско-бугарските односи во изјава за Бугарската национална телевизија (БНТ) се осврна и поранешната министерка за надворешни работи Надежда Неински, која смета дека двете земји заедно мора да најдат начин да се заштитат од провокации, кои, според неа, ќе продолжат и во иднина.
– Бугарија треба да и помогне на Северна Македонија на нејзиниот пат кон Европа преку комуникација со политичари кои се проевропски и проатлантски определени – додаде Нејски.