Фото: Википедија

Лидерката на бугарските социјалисти Корнелија Нинова за Нова ТВ ја критикуваше преодната влада на Бугарија во областа на енергетската политика.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, шефицата на Бугарската социјалистичка партија ги повика властите во земјата да преговараат за испорака на гас од Русија и коментира дека владата на Гулаб Донев не дала никаков сигнал да побара обновување на испораките од Гаспром. Според Нинова, тоа создава загриженост и во бугарскиот бизнис и коментира дека кризниот штаб, кој е формиран од преодната влада на Бугарија, не одржува состанок повеќе од две недели и не поканил ниту една организација на работодавачи да ги праша какви цени на гас им се потребни и како тие ги продаваат своите производи.

Таа ја критикуваше и изјавата на привремената министерка за финансии Росица Велкова дека даноците може да се зголемат во 2023 година и коментира дека не е работа на технички министер да креира долгорочна финансиска политика за Бугарија. Нивната работа, според Нинова, е уште шест недели за да се организираат и одржат парламентарните избори во Бугарија на 2 октомври.

Нинова упати критики и за претседателот на Бугарија Румен Радев и рече дека целиот напад врз претходната влада на државата бил насочен кон ресорите на нејзината партија. Целта, според Нинова, е преку оваа негативна кампања, БСП да доживее неуспех на изборите, партијата да го смени своето раководство и да биде ставена под контрола. По изборите во Бугарија, БСП е подготвена да преговара за коалиција со „Продолжуваме со промената“ и „Демократска Бугарија“, но не и со ГЕРБ и Движењето за права и слободи.

Калина Константинова од „Продолжуваме со промената“, која беше вицепремиер во владата на Кирил Петков, исто така, ги критикуваше постапките на преодната влада во енергетскиот сектор, потсетувајќи дека нивната влада обезбедила испорака на гас за Бугарија до пролетта 2023 година, но одговорност за тоа да не се реализира е на владата на Галаб Донев. Таа коментира дека оставиле работен план за преодната влада, кој не се почитувал.