Фото: „Нова Македонија“

Грција

Историјата не се брише и го одржува живо барањето за целосно почитување на правата на грчкото етничко малцинство од страна на Албанија, посочуваат грчки дипломатски извори за медиумите во Грција, по ставовите на албанскиот премиер Еди Рама изразени во Солун за време на неговата завчерашна средба со Албанците што живеат во градот. Истите извори додале дека „ова претставува јасен предуслов за пристапниот процес на Албанија, според едногласниот став на 27-те земји членки на ЕУ од 11 октомври 2024 година“.
Реакцијата дојде откако Рама, според грчките медиуми, коментирал дека фразата „Северен Епир“ што во Грција се користи за јужниот дел на Албанија каде што живее грчкото малцинство е „мртов термин“, се поврзува со „духови од минатото“ и дека „оној што го користи овој термин кога зборува за југот на Албанија покажува дека не сака да живее во 21 век“.
Грчките власти исто така не им дозволиле влез на албанските новинарски екипи, кои требало да ја следат денешната средба на премиерот Еди Рама со албанската дијаспора во Солун.
– Новинарите беа запрени со образложение дека не ја испочитувале регуларната процедура. Од нивна страна е демантирано ова образложение на грчките власти, наведувајќи дека надлежните се известени за имињата на медиумските работници што ќе одат во Солун – објави албанска „Ора њуз“.
Според албанските новинари, грчката гранична полиција не им дозволила да поминат без да добијат овластување од грчкото МНР.
– Во меѓувреме во Солун веќе се пристигнати припадници на албанската национална гарда и специјалната единица „Ренеа“, кои заедно со грчката полиција ќе се грижат за обезбедување на настанот – наведува телевизијата.
Грчките десничарски екстремистички групи најавија дека ќе протестираат пред салата каде што ќе се одржи средбата на премиерот Рама со албанската дијаспора. Р.С.