Блиските пријателски односи меѓу политичките елити се во втор план кога е во прашање економскиот интерес

Турција ја нема на листата на најголеми инвеститори во Босна и Херцеговина

По дводневната посета на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на Србија, станува јасно дека пријателската земја Босна и Херцеговина не им е во мислите на потенцијалните инвеститори од Турција. Зад целата парада околу почетокот на изградбата на автопатот Белград – Сараево, за босанско-херцеговското политичко раководство останува сѐ помала надеж дека турскиот капитал ќе влезе во поголем обем во нивната земја, а тие ќе се соочат со фактот дека Турција ја нема на листата на најголеми инвеститори во БиХ.

Посетата на Ердоган на балканскиот регион беше најавувана со големи очекувања за почеток на големи проекти. Иако тој допатува со 200 стопанственици во Србија, остана впечатокот дека БиХ беше запоставена и недоволно подготвена да влезе во борба за привлекување на инвестициите од Турција, пишува порталот „Бука“.
Интересен е податокот што во првите шест месеци од оваа година приливот на странските инвестиции во БиХ се зголемил за 53,6 отсто, во споредба со лани, но Република Турција ја нема ни во првите десет инвеститори. Оптимистичките најави на функционерите на БиХ и Турција пред три години дека двете земји до 2020 година ќе достигнат надворешнотрговска размена во обем од милијарда долари, денес изгледаат како неостварлив сон. Лани била извршена размена во износ од 1,2 милијарда конвертабилни марки (околу 600 милиони евра), а годинава во извозот од БиХ се забележува значаен пад.

Економистите тврдат дека климата за инвестирање во БиХ е многу полоша од другите земји во регионот, што влијае и на одлуките на турските инвеститори, без разлика на пријателските односи меѓу политичките елити на двете земји.
Предраг Дудуковиќ од бањалучкото здружение на економисти СВОТ вели дека БиХ има многу проблеми што ги бркаат инвеститорите и затоа не треба да изненадува што турските инвеститори попрво би се одлучиле за Србија или за некоја друга земја во регионот.
– Пријателството меѓу земјите треба да се гледа и од друг агол. Секогаш економскиот аспект и глобалните трендови се ставаат во прв план во однос на пријателството. Ова подразбира и заеднички настап со потенцијалните инвеститори, што се одвива на друго ниво. Можеби тоа полесно ќе се прави на ниво на ентитети. Во БиХ е речиси невозможно и тогаш инвеститорите избегнуваат каков било контакт, затоа што никој во БиХ не може да им гарантира дека договореното ќе биде спроведено во дело. Србија има и поголем пазар од БиХ и подобра геополитичка позиција, што влијае на поголемата заинтересираност кај странските инвеститори, а со тоа и од Турција – вели Дудуковиќ во изјава за „Бука“.

Економистот Алмир Чавалиќ наведува дека БиХ има најмалку нето-инвестиции во регионот, а наспроти неа е Србија, која е водечка земја во регионот.
– Турска негува пријателски геополитички односи со политичките елити во БиХ, но следуваат природните и нормалните економски текови што водат кон Србија. БиХ е полошо позиционирана во однос на политичката и правната нестабилност. Србија може да понуди и евтина работна сила, што е привлечно за инвеститорите. Таа има и подобро развиен и добро поврзан домашен пазар. Дури и политичките договори се без сила за да донесат некој ефект – вели Чавалиќ.