Група ирански дисиденти кои практикуваат целибат создадоа затворена заедница во Албанија, во која малкумина странци успеаја да влезат, пишува „Њујорк тајмс“.

Народните муџахедини на Иран претставуваат група што очекува да ја состави следната иранска влада или итар терористички култ што забранува сексуални мисли, во зависност од тоа кого ќе го прашате за нив. Затоа се поставува прашањето што прават тие во Албанија.

– Најгласните сојузници на групата се личниот адвокат на Трамп, Руди Џулијани и поранешниот советник за национална безбедност на американскиот претседател Џон Болтон, кои добија десетици илјади долари за говори одржани на конференциите на групата – тврди американскиот весник.

На новинарите ретко им се дозволува пристап до нивиот камп. Но по атентатот на иранскиот генерал Касим Сулејмани, „Њујорк тајмс“ повторно се обиде да стапи во контакт со нив и успеа во намерата. Групата што тврди дека се залага за демократски секуларен Иран му дозволи влез на новинар во нејзиниот камп.

Водачите му дозволија на новинарот на „Њујорк тајмс“ интервјуа со неколкумина членови. Но, тие реагирале збунето кога биле запрашани за лидерот на групата Масуд Раџави кој исчезнал во 2003 година. Згора, постојат сериозни обвинувања дека дел од членовите биле задржани против нивната волја во организацијата.

– Каде е тој? Па, не можеме да зборуваме за тоа. Тоа е… Не можеме да зборуваме – кажа еден од водечките членови.

Групата била основана во 1965 година како отпор на тогашниот шах, а подоцна ја отфрлила теократијата што го замени. По револуцијата, групата привлекла значителна јавна поддршка, според професорот Ерванд Абрахамијан, кој е запознаен со Народните муџахедини. Тој тврди оти групата и натаму има поддршка, но дека нејзината популарност опаднала откако станала насилна во 80-те години на минатиот век.

До 80-те години идеологијата на групата била центрирана околу Раџави и неговата сопруга Маријам. А членовите ја докажувале нивната посветеност кон водачите преку откажување од брачните партнери. Во тој период, групата била со седиште во Ирак, под заштита на Садам Хусеин. Нивната судбина се сменила по американската инвазија врз Ирак. По запаѓањето во незавидна ситуација, групата се откажала од оружјето. И покрај тоа Америка ја прогласи за терористичка организација во 1997 година, таа беше ставена под американска заштита. Но, во 2009 година американските трупи ја препуштија одговорноста за Народните муџахедини на ирачката влада. Предводени од политичарите наклонети кон Иран, ирачките власти им дозволија на иранските милиции да ја напаѓаат групата.

Американските дипломати и претставниците на Обединетите нации тогаш почнаа да бараат побезбедна држава што би ги примила бунтовниците, а по интензивно лобирање, американската влада ги тргна од листата на терористички организации во 2012 година.

Една година подоцна Народните муџахедини се преселија во Албанија, чии власти сметаа оти гостољубивоста кон групата ќе биде забележана од Вашингтон, според тврдењата на поранешниот албански министер за надворешни работи Дитмир Бушати, како што пишува „Њујорк тајмс“.

Групата тогаш купи земјиште на околу 25 километри западно од Тирана, каде што го постави нејзиниот камп. Тие тврдат дека моментно имаат околу 2.500 членови. Иранските муџахедини категорично ги отфрлаат обвинувањата дека се ирански шпиони. Во обид да стекне влијание, групата сега е насочена кон социјалните мрежи, каде што ги критикува иранските власти и се промовира.