Белград – Во Србија од 12 април ќе можат да се отвораат трговските центри, а од 19 април и да се вратат учениците во училиштата, изјави членот на Кризниот штаб, Бранислав Тиодоровиќ, по седницата на ова владино тело. Угостителските објекти во трговските центри сè уште нема да бидат отворени, одлучи Кризниот штаб.
– Ситуацијата сè уште е вонредна, со мала тенденција за намалување на бројот на новопотврдени случаи на заболени. Се бележи и дека односот помеѓу приемот и отпуштањето во ковид-болниците се одвива полека и во корист на отпуштањето. Бројот на први прегледи се намалува и во ковид-амбулантите – изјави Тиодоровиќ. (РТС)

Сараево – Неуспехот на властите во Босна и Херцеговина да обезбедат навремена и масовна вакцинација на населението против коронавирусот ќе има значителни последици не само за здравјето туку и за економијата, чие очекувано закрепнување сега е доведено во прашање, проценува Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).
Коментирајќи ја ситуацијата во БиХ, шефот на канцеларијата на оваа монетарна организација во Сараево, Ендру Џевел, потсети дека аналитичарите на ММФ предвиделе раст на БДП од 3,5 проценти за 2021 година, но под услов вакцината да биде широко достапна во втората половина од годината. („Аваз“)


Бисер балкански

Златни соседи

– Овие денови од Скопје пристигнаа вести што потврдуваат дека на најдобар начин е сфатен соседскиот гест од Србија, а тоа е дека донирањето вакцини во ниеден момент не е погрешно протолкувано. Во овој потег немаше скриена намера, ни големосрпски претензии, како што би сакале да го протолкуваат малобројните зли души. При преземањето на вакцините на Табановце, македонскиот премиер Зоран Заев порача дека нема да го заборави тоа што српскиот народ одвои вакцини за неговата земја. И не заборавија. Во знак на благодарност, на српските возачи ќе им биде овозможено бесплатна патарина во Северна Македонија. Никој во Србија не очекуваше на подарок да се врати со подарок. Но најавите од Скопје го потврдуваат старото правило дека на доброто секогаш се враќа со добро. Така, единствено и треба – напиша Јелена Матијевиќ, во коментарот објавен во „Новости“ со наслов „Добар сосед злато вреди“.