Деградацијата на меѓунационалните односи во БиХ и поранешната југословенска заедница влијаела на намалување на меѓунационалните врски, особено од почетокот на 1990 година

На подрачјето на општината Јајце, во средна Босна и Херцеговина, во 2020 година е склучен само еден брак меѓу припадници на две различни нации. Во Јајце живеат околу 27.000 жители, од нив Бошњаците се 48 отсто, а Хрватите 46 отсто. Србите во овој град претставуваат малцинство, со 1,8 отсто. Во Јајце е присутен феноменот на „две училишта под еден покрив“, каде што децата во основните училишта се поделени според националната основа, односно посетуваат различна наставна програма и физички се одделени.
– Немам ништо против друга националност, но би сакала да бидам со некој католик. Поедноставно е и родителите повеќе ќе го поддржат тоа – вели деветнаесетгодишната Ивана од Јајце за Радио Слободна Европа.

Нејзиниот врсник Дамир вели дека е во врска со девојка од друга националност и смета дека тоа не би требало да претставува проблем.
Лани во градот бил склучен само еден „мешан брак“ и тоа ја покажува реалната состојба за сфаќањето што преовладува меѓу луѓето. Ајла и Лука Брњак се млада брачна двојка, која поминала тежок период додека ја официјализирала врската. Морале да се кријат, а подоцна наидувале на осуда од најблиските членови на семејството, кои се противеле на нивниот однос.
– Сакавме на сите да им покажеме дека мешаните бракови во ова повоено време може да опстојат. Најмногу ме поддржуваше мојата мајка. Со текот на времето, нѐ прифатија и од другата страна, а сега имаме и ќерка – вели Ајла за РСЕ.

Од Федералниот завод за статистика, од 8.301 брак што ги склучиле жените, а кои се изјасниле како Бошњачки 8.181 е со лице од иста националност. Педесет од нив склучиле брак со партнер што се изјаснил како Хрват, а 13 со Срби. Од хрватска националност биле склучени 1.229 брака, од нив 87 се меѓу Хрватки и Бошњаци, а шест Хрватки се омажиле за Срби. Во ФБиХ, 35 брака биле склучени меѓу Србинка и Бошњак, додека 15 се омажиле за лица што се од хрватска националност.

Социологот Славо Кукиќ вели дека малиот број мешани бракови се должи на системот на вредности во последните 30 години. Во истражувањето на агенцијата „Прима комуникации“, во 2018 година, 38,7 отсто од граѓаните се изјасниле против ваков вид брачна заедница. Против се изјасниле 55 отсто од Србите, 43 отсто од Хрватите, 33 отсто од Бошњаците и 12 отсто од оние што се изјаснувале како Бошњаци.

Анализата на етничките мешани бракови во поранешна Југославија, во периодот од 1970 до 2005 година, покажува дека по 1990 во сите поранешни републики, освен во Црна Гора, деградацијата на меѓунационалните односи влијаела на намалување на меѓунационалните врски, особено од почетокот на 1990 година. На територијата на цела Југославија почнало намалувањето на делот на меѓуетничките врски од 13,5 отсто во 1990 година, на девет отсто во 2005 година, пишува РСЕ.