Државните буџети под притисок од корона-кризата

Финансиските потреби на државите од Западен Балкан се зголемија и поради зголемените расходи за заштита од епидемијата, но и за покривање на програмите за задржување на работните места и одржување на домашната економија

Намаленото производство и потрошувачка, со намалените приходи од извозот на стоки и услуги, се одразија и на државните буџети на земјите од Балканот, од каде што се снабдуваа големите расходи за покривање на економските и социјалните пакети за надминување на последиците од епидемијата. Финансиските потреби на државите се зголемија и поради зголемените трошоци за подобра здравствена заштита на населението. Малите и средно развиени држави, како што се и земјите од Западен Балкан, беа принудени да го зголемат дефицитот во буџетите и да го зголемат учеството на државниот долг во вкупниот БДП.
Според анализата што ја направи „Ал џезира“, најзадолжена земја во регионот е Хрватска. Нејзиниот долг во мај годинава, според податоците на Хрватската народна банка, изнесувал 41,83 милијарди евра. Тоа е зголемување од три милијарди евра во однос на февруари годинава, кога првпат беа воведени рестриктивни мерки за спречување на ширењето на епидемијата. Иако надворешниот долг на земјата е во стагнација, забрзано расте внатрешниот долг со краткорочно и среднорочно задолжување со издавање хартии од вредност и со кредити.

– Во услови на значителен пад на БДП и зголемени потреби за финансирање разни облици на помош, нѐ зачудува како јавниот долг на Хрватска силно порасна во условите на пандемија на ковид-19. Задолжувањето во земјата и во странство е направено под поволни услови, со ниски стапки и долги рокови на отплата на кредитите. Долгот не треба да се гледа само низ номиналните износи или учество во БДП туку и според условите на задолжување и способноста на државата редовно да ги исполнува своите обврски – вели Предраг Бејаковиќ од Институтот за јавни финансии во Загреб.
Управата за јавен долг во Министерството за финансии во Србија објави податоци за вториот квартал од годинава, кога вкупниот долг изнесувал 27,23 милијарди евра, што е за 2,5 милијарди евра повеќе во однос на претходниот квартал. Надворешниот долг на државата изнесува 15,74 милијарди, а локалните заедници имаат вкупен долг од 519 милиони евра.

– Србија го покрива порастот на јавниот долг со емитување на обврзниците на меѓународниот и домашниот пазар, кои се издаваат во странска и домашна валута. Со растот на долгот и намалувањето на економските активности, Србија ја губи позицијата за земање поволни услови за задолжување и плаќа повисоки камати за кредитите. Тоа го отежнува идните финансирање на јавниот долг, а со тоа остануваат и помалку средства за домашна потрошувачка и инвестиции што се покриваат од државата – вели Дејан Шошкиќ, поранешен гувернер на Народната банка на Србија.
Србија и другите земји во регионот треба да бидат внимателни и рационални во поглед на државните расходи. Регионот треба да покаже поголема способност за синхронизиран и заеднички настап кон странските инвеститори, но и кон странските и меѓународни финансиски институции, со што побрзо би се излегло од корона-кризата, сметаат експертите со кои се консултира „Ал џезира“.
Јавниот долг во Босна и Херцеговина на крајот на вториот квартал годинава изнесувал 6,21 милијарди евра, што е за половина милијарда повисок во споредба со крајот на претходната година. За последните шест месеци ентитетот на Федерацијата е позадолжен за 242 милиони евра, а ентитетот Република Српска за 246 милиони евра, главно кај домашните финансиски институции.

– Се плашам дека лекувањето од короната ќе нѐ чини поскапо од самата корона. Економските последици ќе се чувствува и во наредниот период. Развиените земји, и покрај задолжувањето, побрзо и полесно ќе ја пребродат кризата – вели Аднан Ровчанин од Економскиот факултет во Сараево.
Според него, задолжувањето на некоја држава не е однапред лошо решение, доколку позајмените средства се искористат за продуктивни цели, како што се инфраструктурните проекти и инвестиции што носат нови вработувања.
Премиерот Зоран Заев минатата недела изјави дека Владата планира ново задолжување на државата за покривање на долговите. Владата пред само три месеци ја издаде седмата еврообврзница во износ од 700 милиони евра.

Рочноста на еврообврзницата е шест години, додека каматната стапка по која е издадена изнесува 3,675 проценти.
– Не планираме за четвртиот пакет мерки да се задолжуваме, но не велиме дека нема да се задолжуваме. Дел од обврзницата оди за враќање кредити – изјави Заев.
Според податоците на Министерството за финансии на Црна Гора, јавниот долг на крајот на вториот квартал годинава изнесувал 3,34 милијарди евра, или 72,57 отсто од БДП. Од тоа, надворешниот долг изнесувал 2,8 милијарди евра, односно 60,94 отсто од БДП.