Деновиве премиерот Бојко Борисов се обиде да го минимизира падот на инвестициите од странство и рече дека во Бугарија сега влегувале поквалитетни инвестиции

Инвестициите на бугарски претприемачи во странство се поголеми од приливот на странски капитал во Бугарија, покажува статистика на БНБ за првите седум месеци од годинава. Од јануари до крајот на јули обемот на бугарски капитал инвестиран во странство изнесува 278,9 милиони евра. Во исто време, странските директни инвестиции инвестирани во Бугарија изнесуваат 219,9 милиони евра. Во наредните месеци од 2018 година се очекува зголемување на инвестициите, но трендот на пад на странските директни инвестиции во земјата е присутен во изминатите години.

По падот, поради финансиската и економската криза во 2008 година, странските инвестиции се намалуваат. Анализата на Бугарската стопанска комора покажа дека во 2017 година, обемот на СДИ веќе е помал од парите што иселениците ги испраќаат во татковината, а нивниот однос е 1,8 милијарда лева наспроти 2,2 милијарди лева, пишува весникот „Сега“.

Деновиве премиерот Бојко Борисов се обиде да го минимизира падот на инвестициите од странство и рече дека во Бугарија сега влегувале поквалитетни инвестиции, бидејќи биле во индустриското производство, додека во најдобрите години пред кризата главно биле во трговија, услуги и недвижен својства.

Податоците на БНБ за првите седум месеци од оваа година не се охрабрувачки – иако вториот квартал е подобар од првиот, кога странските инвеститори повлекоа од земјата 160 милиони евра акционерски капитал. Меѓутоа, во споредба со јануари-јули 2017 година, странските инвестиции се намалија за 63 отсто.

Реално, странскиот капитал во бугарската економија годинава е само во форма на заеми што им ги даваат матичните компании на своите подружници во Бугарија.

Инвестициите во капитал, кои се сметаат за најодржливи и се показател за долгорочни интереси, се негативни. Наместо прилив, има одлив на странски капитал. Тој изнесува околу 26,2 милиони евра. Со негативен знак е и категоријата „реинвестирање профит“ со 18 милиони евра, што покажува дека профитот целосно се апсорбира како дивиденда од странските сопственици и дури се забележува и загуба. Холандија останува инвеститор број еден во Бугарија, со 221,4 милион евра инвестирани оваа година. Втора е Русија со инвестирани 158 милиони евра, а потоа Германија со 80,5 милиони евра.

Исто така, опадна и купувањето недвижен имот од страна на нерезиденти во првите седум месеци. Прометот во недвижнини годинава изнесува 4,2 милиони евра споредено со 10,5 милиони во претходната година. Традиционално, најактивни се купувачите од Русија, по што следуваат Украинците и Германците.

Интересни се земјите каде што инвестираат бугарски претприемачи. Најмногу инвестирале во Обединетите Арапски Емирати – 63 милиони. Потоа следуваат САД и Маршалските Острови, со 47,7 милиони евра и 43,2 милиони евра, соодветно. Во Велика Британија беа инвестирани 26,7 милиони евра, а 22,8 милиони евра во Германија. Како и странските инвеститори во Бугарија, домашните претприемачи, исто така, претпочитаат да ги ставаат своите пари во форма на заеми. За првите седум месеци, на овој начин беа инвестирани 242 милиони евра. Само 26,6 милиони евра беа инвестирани како капитал.