Различни типови оружје и воена техника што потекнуваат од Балканот во моментов се наоѓаат во рацете на талибанските сили. Овие загрижувачки информации неодамна ги публикуваше во студија регистарот на конвенционално оружје при ООН

Во изминатите години, балканските земји преку директна продажба или донации во оружје, на властите во Кабул им предадоа огромни количества воена техника, која сега по падот на Авганистан се најде директно во рацете на талибанците.
Ова, меѓу другото, го наведува порталот „Балканска безбедносна мрежа“, кој повикувајќи се на податоците од регистарот на конвенционално оружје на ООН, наведува дека меѓу најголемите извозници на оружје во Авганистан од регионот биле Србија, Словенија и БиХ, а земји што најмалку донирале или воопшто не продавале се Македонија и Албанија.

Приказната започна во 2001 година

Имено, порталот потсетува дека од соборувањето на првиот талибански режим во 2001 година, започна и опремувањето на авганистанската војска и полиција, преку донации или директна продажба на оружје, со надзор и поддршка на САД. Оттогаш, па наваму, според порталот, земјите од регионот започнаа со испорака и помош со оружје за Авганистан. Засега, според анализата на медиумот, не се знае колкав број оружје од овие простори било испорачано во Авганистан, но се претпоставува дека бројката е поголема од 100.000 парчиња.
Според извештаите на ОН, српските компании продале 975 пиштоли и револвери, 416 карабини и 3.900 автоматски пушки во Авганистан. Во периодот од 2009 до 2017 година, Авганистан исто така набавил 15.084 лесни митралези (веројатно „М-84“) и 9.509 тешки митралези од 12,7 мм од Србија од популарниот модел „М-02 којот“. Главен извозник на пешадиско оружје на Блискиот Исток од Србија била фабриката „Застава оружје“ од Крагуевац.
Слично како Србија и Словенија ја практикувала оваа политика. Според информациите, Словенија во изминатите години донирала осум минофрлачи „М-69А“ од 82 милиметри, наследени од ЈНА. Потоа во 2007 година следувала и нова поголема донација од 60 минофрлачи од ист тип, а малку подоцна по оваа пратка, Авганистан се одлучил од Словенија да набави и седум оклопни возила марка „кугуар“ МРАП.
Сепак, овие бројки не се многу различни во споредба и со преостанатите земји од регионот. Како што стои во регистарот на конвенционално оружје на ООН, од складиштето на вооружените сили на Босна и Херцеговина, врз основа на процесот на решавање на вишокот оружје, муниција и мини, оваа земја му донирала на Авганистан дури 84 хаубици од типот „Д-30Ј“.
БиХ исто така низ годините донираше 19.500 автоматски пушки „М-70“, 1.000 автомати од типот „ЕРО“ и 400 митралези „М-72“ за властите во Кабул. Интересно е што во исто време, властите во Сараево вршеле и продажба на дополнителни други 4.900 автоматски пушки за авганистанските безбедносни сили.

Се подарувало, но и се продавало

Во приказната за наоружување на Авганистан низ годините се вклучуваат и преостанатите држави од Балканот.
Според пишувањата на „Балканска безбедносна мрежа“, Романија ѝ продала на Владата во Кабул 1.169 карабини, 8.243 митралези, 26.065 автоматски пушки и 3.960 лесни митралези. Исто така, Романците на Авганистан му доставиле и 1.332 тешки митралези, како и 2.656 фрлачи на гранати, од моделите „АС-9“ и „РПГ-7“.
Дополнително, интересно е што веднаш по стекнувањето независност, Црна Гора се решила да донира над 1.500 автоматски пушки од типот „М-70“ и митралези од марката „М-72“ за официјален Кабул. Поголема донација за Авганистан била забележана и од Унгарија, но и од Хрватска.
Податоците во извештајот говорат дека Унгарија донирала големо количество оружје, поточно 21.480 пушки од типот „АМД-65“ и стотици митралези „920- РПК“.
Слично како и Хрватска, која им предаде над 16.000 автоматски пушки од типот „АК-47“ на властите во Кабул.
Безбедносните експерти, кои деновиве во регионалните медиуми ги коментираат наодите во извештајот на ООН, советуваат дека Западот и Европа треба да бидат претпазливи истите парчиња на оружје да не се најдат во рацете на џихадистите на просторот во Европа.