Косово ги истражува пазарите на земјите од регионот со кои ќе ги надомести производите кои до пред 15 дена се увезувале од Србија и Босна и Херцеговина, по 100 отсто зголемување на таксите.
Косовските компании, кои се занимаваат со производство и трговија со храна и други стоки, како и суровини, алтернативата ја бараат на пазарите во Македонија, Албанија, Грција, Хрватска, Турција и Италија.
Извршниот директор на Косовското здружение на производители, Астрит Панка, за Радио Слободна Европа изјави дека многу производители веќе работат на наоѓање добавувачи во другите земји од регионот.
– Производите на Србија и БиХ, за кои се наплаќаат такси од 100 отсто, може да се заменат со локални производи, како што се млеко, масло, бисквити. Постои дел од суровините и материјалите за кои треба да се најде алтернатива, бидејќи тие не се произведуваат во Косово, а земјите кои се во опција се Македонија, Бугарија, Хрватска, Италија и Албанија, рече Панка.
Тој додаде дека замена за производите од Србија и БиХ треба брзо да се најде, бидејќи постои ризик производство во Косово да престане. Повеќето производители, според него, веќе имаат листа на добавувачи од овие земји.
Вториот сектор во Косово кој страда од наметнатите такси е градежниот материјал.
Брахим Селимај од Асоцијацијата за изградба на Косово вели дека сите производи увезени од Србија и Босна и Херцеговина лесно може да се заменат.
– Денес сите граници во Европа и во светот ни се отворени, од каде можете да увезете производи за овој сектор. А како алтернатива за увоз на овие производи се разгледуваат Македонија, Бугарија, Албанија и многу други земји. Ништо нема да се промени, само транспортот би можел да поскапе, истакна тој.
Претседателот на Стопанската комора на Косово, Берат Рукики изјави дека на претседателот на Стопанската комора на Турција му испратил листа од некои суровини кои Косово ги нема, со цел да се обезбеди достава што е можно побргу.
Тој тврди дека во Косово нема недостиг.
Според податоците на косовската царина, досега, сепак не е забележано дека имало голем увоз од која било друга земја.
Адратик Ставилеци, портпарол на косовската царина, изјави дека увозот од Србија и БиХ е намален и дека проток на стоки од други пазари во меѓувреме не е забележан.
Според него, пред воведувањето зголемени такси за Србија, во Косово дневно се увезувале производи во вредност од околу 1,2 милиони, додека за 14 дена, од воведувањето на овие мерки, увозот од Србија и БиХ е опаднат за 140 илјади евра.
– Се уште е рано за нови договори или други линии за снабдување, вели Ставилеци, додавајќи дека таквата анализа треба да се направи по одреден период.
Во спротивно, одлуката на Косово за зголемени такси би можела да ги зголеми цените на основните намирници, а пред сè на прехранбените производи – брашно, леб, шеќер и масло.