Американскиот претседател Џозеф Бајден на денешната средба со својот полски колега Анджеј Дуда го опиша НАТО како „можеби најпостојаниот сојуз во историјата“ и рече дека Алијансата е посилна од кога било и покрај надежите на рускиот претседател Владимир Путин дека ќе се распадне поради на војната во Украина.
Бајден, исто така, ја потврди посветеноста на САД на европската безбедност.
– Мора да имаме безбедност во Европа. Тоа е толку основно, толку едноставно и толку последователно – соопшти Бајден во претседателската палата во Варшава.
Тој додаде дека поддршката на САД за Украина останува силна.
– Како што му кажав на претседателот Зеленски кога разговаравме вчера во Киев, веројатно можам да кажам дека нашата поддршка за Украина останува непоколеблива – рече Бајден.
Тој ја коментираше помошта на Полска за Украина и ја нарече „навистина извонредна“ и ѝ се заблагодари на Полска што прими над милион Украинци.
Претседателот на Полска рече дека посетата на Бајден е важен знак за посветеноста на САД за одржување на безбедноста во Европа.
Бајден пристигна во Варшава вчера по ненајавената посета на Киев, а Дуда го пофали патувањето на американскиот претседател како „спектакуларно“, велејќи дека тоа „го подигнало моралот на украинските бранители“.
Американскиот претседател денеска разговара со својот полски колега за зајакнување на источното крило на НАТО, кое се соочува со продолжување на конфликтот во Украина – соопшти Белата куќа.
Попладнево се очекува обраќање на Бајден пред Кралскиот замок во Варшава, а утре е планирано да се сретне со Дуда и со другите лидери на Букурешката деветка, група на најисточните членки на НАТО.
Бајден ќе зборува во ист ден кога Путин одржа говор во Федералното собрание за состојбата на државата и порача дека е „невозможно да се победи Русија на бојното поле“, додека советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан рече дека обраќањето на Бајден нема да има „директна врска“ со обраќањето на Путин.
– Посетата на американскиот претседател Џозеф Бајден на Полска е важен знак на посветеноста за зачувување на безбедноста во Европа – изјави денеска полскиот претседател Анджеј Дуда.
– Вашата посета е важен знак за безбедноста, сигнал за одговорноста на САД за безбедноста на светот и Европа. Америка може да го зачува светскиот поредок – рече Дуда за време на состанокот со Бајден во Варшава.
Бајден денеска ја започна дводневната посета на Полска, а вчера беше во ненајавена посета на Украина во пресрет на годишнината од почетокот на рускиот напад врз земјата.