По воведувањето на новата рунда американски економски санкции за Техеран, Европската Унија порача дека ќе ги заштити европските компании во Иран

Иранскиот претседател Хасан Рухани остро ги критикуваше САД поради повторното воведување американски санкции за повеќе делови од економскиот сектор на Иран. Рухани порача дека санкциите, кои вчера стапија во сила, претставуваа психолошка војна, чија цел е да предизвика раздор помеѓу Иранците. Се огласи и Европската Унија, која исто така е против санкциите, ветувајќи дека ќе ги заштити европските компании, кои водат „легален бизнис“. Од друга страна, Вашингтон го опиша својот потег како максимален економски притисок врз иранскиот режим. Од Белата куќа порачаа дека целта не е промена на режимот во Техеран, туку неговото однесување. Санкциите следуваат откако американскиот претседател Доналд Трамп претходно се повлече од договорот за иранската нуклеарна програма. Трамп тврди дека договорот е едностран и верува дека обновениот економски притисок ќе го принуди Иран на преговори за нов договор и да ги прекине неговите „малигни“ активности, пренесуваат светските медиуми.

Шефот на Белата куќа во понеделникот порача дека Техеран се соочува со избор да го смени „заканувачкото и дестабилизирачко однесување“ и да се реинтегрира во глобалната економија или да продолжи по патот на економската изолација.
– Во ноември санкциите ќе бидат засилени до нов степен. Секој што прави бизнис со Иран, нема да прави бизнис со САД. Настојувам за мир во светот, ништо помалку. Сепак, останувам отворен на постигнување поширок договор, кој се однесува на цел спектар малигни активности на режимот, вклучувајќи ги и неговата програма за балистички проектили и поддршката за тероризмот – истакна Трамп.
Но повикот за нови преговори не наиде на топол пречек кај иранското раководство. Претседателот Рохани оцени дека со санкциите американската влада ѝ го „сврти грбот“ на дипломатијата.

– Тие сега сакаат да почнат психолошка војна против иранскиот народ. Преговори со санкции немаат никаква смисла. Секогаш поддржуваме дипломатија и разговори, но за разговори е потребна чесност – порача иранскиот претседател.
Рохани исто така ја обвини администрацијата на Трамп дека го користи Иран за да оствари политички поени на домашен терен во пресрет на изборите за американскиот Конгрес во ноември. Истовремено, шефовите на дипломатиите на Германија, Франција и на Британија во заедничко соопштение порачаа дека иранскиот договор и натаму останува од круцијална важност за глобалната безбедност. Тие исто така го претставија и „блокирачкиот статут“, чија цел е да ги заштити европските фирми што работат со Иран и покрај новите американски санкции, наведува Би-би-си.
– Ако некоја компанија стравува од правна акција против неа и од акција за спроведување од некој ентитет, како одговор на американските санкции, тогаш компанијата ќе биде заштитена во рамките на легислативата на ЕУ – изјави Алистер Бурт, британскиот министер за Блискиот Исток.

И покрај таквите гаранции, германскиот произведувач на автомобили и камиони „Дајмлер“, кој лани најави голем заеднички проект во Иран, потврди дека запира со активностите во блискоисточната земја. Вашингтон претходно ги отфрли повиците на ЕУ да направи исклучоци од санкциите за европските компании, а Трамп се закани со остри последици за фирмите и лицата што и натаму ќе тргуваат со Иран. Висок американски функционер порача дека администрацијата во Вашингтон не е „посебно загрижена“ за протекционистичките обиди на ЕУ.

Светските медиуми потсетуваат дека Иран се соочува со демонстрации уште од минатиот декември, поради лошата економска состојба во земјата. Високите цени на прехранбените производи, невработеноста и слабото снабдување со вода доведоа до протести во повеќе ирански градови. За јунските протести во Техеран се проценува дека се најголемите демонстрации во престолнината по 2012 година. Би-би-си наведува дека е тешко да се оцени колку се поврзани протестите со американските санкции, но сепак тие имаат големо влијание врз иранската валута. Риалот загуби речиси половина од неговата вредност откако Трамп го најави повлекувањето на САД од договорот за иранската нуклеарна програма. Поради тоа, Иран ги олеснува правилата за девизи во обид да го зајакне риалот.

Сепак, санкциите можеби најмногу ќе се почувствуваат во ноември, за кога Вашингтон најави дека ќе ја блокира продажбата на иранска нафта. Тоа може да доведе до запирање на околу половина од иранскиот извоз, кој изнесува два милиони барели на ден, иако Иран во таков случај сигурно ќе се сврти кон Кина и Русија за да ја одржи во живот неговата економија.


Влијание на санкциите врз економијата и трговијата на Иран

Иран со договорот од 2015 година се согласи да ги ограничи активностите од својата нуклеарна програма, а ОН, САД и ЕУ за возврат ги укинаа санкциите против него. Но Доналд Трамп годинава реши да ги повлече САД од договорот и да ги обнови санкциите против Иран. Во шесте графикони се прикажани ефектите од претходните санкции врз иранската економија и трговија