Кениските власти соопштија дека уапсиле тројца вработени во болници поради истрага за кражба и продажба на бебиња, обвинувајќи некои државни болници и домови за згрижување, дека соработуваат со организираниот криминал, објавува „Ројтерс“.

Властите дејствуваа откако истрагата на Би-би-си откри како кениски криминални групи за трговија со деца поврзани со нелегални улични клиники, а во некои случаи и со државните болници краделе бебиња од ранливи мајки за да бидат продадени за 400 долари.

Хилари Мутиамбаи, генералната инспекторка на кенијската полицијата изјавила дека тројца медицински службеници од една државна болница се уапсени, како и дека постои можност за нови апсења.

– За време на акцијата за откривање на организираниот криминал, полициските службеници со многу загриженост забележаа дека се вклучени локални државни болници и домови за деца во Најроби. Во текот на истрагите, жално е што се потврдило дека медицински службеници на високи позиции се поврзани со шверцерите на деца – се вели во изјавата на Мутиамбаи.

Апсењата уследија два дена откако Би-Би-Си го објави својот документарен филм „Крадци на бебиња“, во кој се тврди дека има трговијата со бебиња се протега во системот за нега во Најроби.

Владата на Кенија во вторникот започна обемна истрага, додавајќи дека ќе стори сé за да се искорени распространетата трговија со луѓе, што долго време ја мачи источноафриканската нација.

Официјални лица од болницата „Мама Луси Кибабки“, кои биле споменати во документарниот филм, не одговориле на повиците за коментар.

Мутиамбаи им дала насоки на командирите на окружните полиции и на другите локални безбедносни агенции низ Кенија „веднаш да преземат истраги и операции за работи што се однесуваат на трговија со деца“ , особено во болниците и во домовите за деца.

Кенија претставува дестинација за мажи, жени и деца кои се тргуваат за присилна работа и сексуално ропство, се вели во извештајот на американскиот Стејт департмент за трговија со луѓе за годинава.

Откако ќе се купат или привлечат, децата се принудени на домашна работа, земјоделство, риболов, сточарство, улична продажба и питачење. Девојчињата и момчињата се експлоатирани во проституција низ цела Кенија, вклучително и во сексуален туризам на крајбрежјето, пишува во извештајот.

Нема точни податоци за трговијата со деца во Кенија, но во извештајот пишува дека кениската влада идентификувала 578 деца-жртви во 2019 година. Активистите велат дека вистинската бројка е далеку поголема, истакнувајќи дека жртвите честопати не разбираат дека биле жртви на трговија со луѓе.

Едногодишната истрага на Би-би-си открива дека мали деца биле одземени од бездомници, додека нелегалните улични клиники купувале новороденчиња од сиромашни мајки.

Новинар кој тајно истражувал за Би-би-си купил напуштено машко бебе само две недели по раѓањето од службеник кој работи во државна болница. Службеникот користел легитимни документи за да го преземе старателството за детето пред да го продаде.

Кенискиот министер за труд и социјални работи Сајмон Челуглуи најави формирање на мешовит тим за истрага на нелегална трговија со деца.

– По ова разоткривање е конституиран тим на офицери и експерти од соодветните владини агенции за исцрпно истражување и преземање на неопходните активности. Ќе сториме се за да се реши овој проблем – изјавил Челуглуи на прес-конференција.