Според најновиот извештај на Обединетите нации (ОН), минатата година во Авганистан биле убиени рекорден број на цивили, пренесува Би-би-си.

Во 2018 година, во земјата на Блискиот Исток биле убиени 3,804 цивили, вклучувајќи 927 деца, што според ОН е рекордна бројка за време на траењето на војната во земјата.

Војната во Авганистан започна откако силите на САД започна воена акција против Талибанците по нападот на кулите „Близначки“ на 11 септември 2001 година.

Извештајот на ОН доаѓа еден ден пред да започнат преговорите за прекинување на конфликтот, а специјален воен тим на САД се очекува да започне преговори со Талибанците утре во Катар.

Зошто бројките се највисоки уште од 2009 година?

Во 2018 година во Авганистан се зголеми бројката на самоубиствени напади од страна на анти-владини групи, а цивилното население страдаше и од воздушни напади од страна на владините сили, стои во извештајот. Повеќе од 500 цивили загинале само од воздушни напади, но судирите на владините сили и милитантните групи исто така биле причини за загуба на голем број на животи.

– Повеќе од 32 илјади цивили се убиени, а 60 илјади се повредени за време на воениот конфликт во Авганистан. Време е да се стави крај на оваа човечка трагедија – рече Тадамичи Јамамото, официјален претставник на ОН во Авганистан. Тој дополни дека наједноставно решение за да се спречат човечките жртви е прекинување на конфликтот.

Мисијата на ОН во Авганистан забележа 10,993 цивилни жртви оваа година, (3,804 загинати и 7,189 повредени), што во споредба со минатата, е зголемување од 11 отсто.

Претходно оваа година, претседателот на државата Ашраф Гани изјави дека повеќе од 45 илјади членови на безбедносните сили на Авганистан се убиени откога тој станал претседател во 2014 година.

Има ли можност за воено примирје?

Преговорите за примирје во Авганистан земаат сила, за време на кампањата на американскиот претседател Доналд Трамп, со која тој сака да ги повлече последните 14 илјади трупи од земјата на Блискиот Исток.

Минатиот месец, специјалниот американски дипломат за Авганистан, Залмај Калилзад изјави дека САД и Талибанците оствариле значителен напредок во преговорите со цел да се стави крај на 17-годишниот воен конфликт, по остварувањето на прелиминарна рамка за време на преговорите во Катар.

Талибанците исто така рекоа дека е остварен напредок во преговорите, но одбија да се состанат со претставници на авганистанската Влада, за која сметаат дека работи по инструкции на Западните демократии.

Покрај сите преговори, сè уште нема точен датум за повлекувањето на американската војна од Авганистан, ниту пак за воено примирје во земјата.