Изминатата деценија се оценува како период во кој се променија многу работи, но се решија малку проблеми. Како ли ќе изгледа наредната деценија?

Изминатите десет години главно ќе се паметат како време на кризи. Во текот на 2010-тите, имаше кризи во различни сфери, како демократијата и економијата, климата и сиромаштијата, меѓународните односи и националниот идентитет, приватноста и технологијата. Имаше кризи во почетокот од деценијата, а има и на крајот. Некои од нив се исти и нерешливи, а други се без преседан. Некои од нив се сметаат за добредојдени, додека други се оценуваат како целосни катастрофи.
Сите овие кризи ги направија 2010-тите да изгледаат дека траат многу подолго од претходните децении. Понекогаш, настаните брзо се менуваа во текот на еден ист ден. На пример, имаше драматични моменти со референдумот за брегзит или со изборната победа на Доналд Трамп. Во Британија, која се смета за една од најстабилните демократии во светот, политиката во изминатата деценија изгледаше манично. Партиите набрзина менуваа лидери и цели политики.

Наместо умерени политичари и постепен економски пораст по кризните години, 2010-тите донесоа шокови, бунтови и екстреми. Светот беше сведок на поделени парламенти, десничарски популисти на власт, физички напади врз политичари, обвинувања за руско влијание врз западните избори, постари левичари што мобилизираат млади Британци и Американци или богати десничари како привлекуваат гласачи од работничката класа. Таквите сценарија беа речиси незамисливи во претходните децении.
Сепак, под сета таа динамика на површината, политиката на многу начини беше во своевиден застој. Во текот на првиот претседателски мандат, Трамп имаше лош, но стабилен рејтинг. Три и пол години по референдумот, Британија е еднакво поделена околу членството во ЕУ како и на самиот почеток.
Во изминатата деценија, честопати се зборуваше дека сѐ се менува, од иднината на капитализмот до иднината на Земјата, но сепак ништо не се реши. Глобалниот капитализам продолжи да се движи по својот пат, а човештвото и понатаму ја уништува планетата. Помеѓу децениското чувство на неменливост и чувството за можност, се создаде огромна тензија, која допрва се очекува да избие на површина, коментира лондонски „Гардијан“.

Некаде околу средината на изминатата деценија, особено по победата на Трамп и по референдумот за брегзит, во мода беше секоја година да се прогласува како „најлоша досега“. Сепак, наспроти сите мрачни сценарија, се појавија и аналитичари, наречени „нови оптимисти“, кои тврдеа дека животот во светот во раниот 21 век, всушност, е многу подобар од претходните периоди – во однос на здравјето, богатството, удобноста или мирот. Таквите тврдења, меѓутоа, не беа поткрепени со официјалните податоци и графикони. Бројот на луѓето што живеат во демократии се намалуваше, а бројот на луѓе убиени во војни и терористички напади се зголемуваше. Некои сметаат дека оваа деценија можеби е само отстапување или пауза во постојаното движење на човештвото кон прогрес. Сепак, податоците покажуваат дека светот во ваква состојба не е ниту праведен ниту одржлив, па затоа дури и најголемите оптимисти почнаа да губат надеж.
Еден начин за справување со кризите е нивно прифаќање. Фразата „што е, тоа е“ често значи дека учиме да живееме со нешто негативно – личен проблем, поголема неправда или тешки услови. Тоа е мото за ера на намалени очекувања, во која повеќето луѓе не веруваат дека ќе бидат побогати или подобро ќе живеат од нивните родители, во едно поправично општество или на поздрава планета.
Друг механизам за справување со кризите е бегство од реалноста. Клучна слободна активност во 2010-тите беше гледањето ТВ-серии, со дејство што се случува во друга земја или ера, со бавен заплет и расплет, со безброј сложени ликови и со доволно епизоди за маратонско гледање. Во ера на реални кризи, ТВ-сериите нудеа измислени светови што можеа евтино да се истражуваат.

Трети реакции на кризите во изминатата деценија не беа толку индивидуални. Тие се водеа од мотото дека кризата на еден може да биде шанса за друг. Па, така, и кризата на многуте традиционални вредносни системи, како капитализмот, умерената левица и десница или доминацијата на белиот маж, оставија можност за раѓање нови политички движења со незабележано темпо уште од 1960-тите. Некои од овие движења, како оние за прекин на сексуалното насилство врз жените или за полициската бруталност врз малцинските заедници, се бунтови против традиционалните неправди, кои сега во голема мера се забрзани и се засилени од новите дигитални медиуми. Други, пак, се реакција на неможноста или неволноста на традиционалните политички сили да се справат со итните проблеми што ги мачат граѓаните, како климатските промени или политичките и економските проблеми. Конечно, многу движења се на екстремните политички опции, кои се фокусираат на носталгијата за минатото, за една спокојна држава што наводно постоела пред денешната глобализација. Заедничко за сите овие нови движења во изминатата деценија е што го сменија начинот на размислување на милиони луѓе. Сепак, сѐ уште е непознато колку е постојана или влијателна таа промена. Повеќето од овие движења имаат нетрпелив квалитет, односно раѓаат очекувања дека значајната промена ќе се случи веднаш. Ова е огромна промена во однос на претходните периоди, кога тогашните лидери се обидуваа да го трансформираат општеството преку скромни и постепени реформи. Денес не е така. Денес очекувањата се големи, што значи дека разочарувањата може да бидат уште поголеми.

Брегзит допрва треба да се случи. Глобалниот капитализам допрва треба да го смени курсот, додека економскиот пораст подзапира, а нееднаквоста се зголемува. Првиот претседателски мандат на Трамп допрва треба да го полага тестот на гласачите (ако претходно нема изненадување со импичментот). Климатската криза, веројатно, е само на почеток. Дигиталната технологија штотуку почна да го менува човештвото. Многу од младите луѓе вклучени во политичкиот активизам во изминатите десет години дури сега влегуваат во периодот од животот кога може да гласаат или да се обидат да запливаат во политички води. Со други зборови, ако изминатата деценија беше период на кризи, светот допрва го чекаат големи промени во наредните десет години.